Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати спортисти од Македонија во светот

АНАСТАСИЈА БОГДАНОВСKИ

ПЛИВАЊЕ - АНАСТАСИЈА БОГДАНОВСKИ, НАША АМЕРИKАНKА

 

Три трки, три државни рекорди. Ова ~ успеа на младата македонска пливачка Анастасија Богдановски, родена во САД. На првото сериозно натпреварување таа го покажа своите квалитети и потенцијали. Светското првенство во Истанбул за кратки базени беше нејзин блесок кога на 50, 100 и на 200 метри слободно ги подобри македонските рекорди, и тоа во три дена.

- Пливањето е моето второ јас. Сакам вода, сакам да пливам, да се натпреварувам. Најголема желба ми е да се натпреварувам за Македонија на Летните олимписки игри во Рио, Бразил, во 2016 година. Многу е напорно да се постигнат овие резултати, но имам силна желба да бидам с` подобра и подобра, иако тренинзите ме исцрпуваат. Сакам да освојам и некое од првите три места на Националното американско првенство на студентите – вели Анастасија Богдановски. Таа е родена на 30 јули 1993 во Њујорк од родители Македонци, мајка Надица и татко Атанас. Започнала со пливање на петгодишна возраст, а на 13 години почнала да се натпреварува во коњичкиот спорт. На пливањето му се враќа во трета година гимназија каде што за своето училиште постигнува добри резултати на национално ниво. Ланското лето Ана се натпреварува на јуниорското национално првенство на САД, а подоцна и на националното УМЦА-првенство. Богдановски го држи рекордот на 100 јарди слободно за својот универзитет. Анастасија плива и за ПK Вардар во Скопје, а нејзин тренер е Боро Блажевски. Досега во САД како Македонка се натпреварувала на два пливачки митинга во Индијанополис и на Флорида. За Македонија има настапено и на ЕП во Дебрецин, Унгарија, секаде со сопствени средства. Таа е државен првак на 50, 100, 200 метри слободно, 50 метри грбно и носител е на македонски рекорди на патеките од 50 и од 100 метри во 50-метарски базен.

Богдановски откри дека во Истанбул првпат пливала на 25-метарски базени оти во САД пливаат во базен со должина од 25 јарди. Анастасија студира јавно здравство, одлична ученичка е со просек А. За да стигне во Истанбул, морала да ги полага сите испитите предвреме. (П.П.)

 Вредни рекорди

 

На Светското првенство за кратки базени,македонската репрезентативка Анастасија Богдановски постави три нови државни рекорди. Патеката од 50 метри слободно ја исплива за 26,48 секунди, што е подобро од досегашниот за 76 стотинки.

Богдановски постави нов рекорд и на патеката од 100 метри, кој го исплива за 56,75 секунди и беше подобра од стариот за 1,61 секунда, а на 200 метри пливаше 2:06,18, што е за безмалку три секунди подобро од досегашниот рекорд.

 

Сака да плива за Македонија во Бразил

 

Анастасија Богдановски живее во Фанвуд, Њу Џерси. Нејзините родители, таткото Атанас и мајката Нада се македонски доселеници во САД. Таа студира биомедицински инженеринг на Универзитетот „Џон Хопкинс“ во Балтимор, Мериленд, и плива за тимот на оваа установа.

Се започна со контактите на нејзиниот чичко кој живее во Македонија и лично допрел до тренерот за да го праша дали може Богдановска да влезе во Македонскиот тим, нормално за да ја преставува Македонија. Па разговорот веднаш започнал со интерес на тренерот и за пливачките остварувања и како тренира Анастасија.

Нашата Анастасија Богдановски ја преставуваше Македонија на Гранд При сериите во Индијанаполис каде по завршувањето на средното училиште за пливачи при USA YMCA Nationals, таа постави рекорд на 50 и 100 метри слободно во кратки базени .

Богдановски ја посетува Македонија еднаш годишно колку да се види со нејзините родители и најблиските.

На Анастасија сега прва цел ѝ е настапот на СП во Барселона, а краен дострел ЛОИ во Рио.