Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати иселеници бизнисмени од Македонија

Горјан Лазаров

 


ГОРЈАН ЛАЗАРОВ, ДИРЕКТОР ЗА ПРОДАЖНА СТРАТЕГИЈА ЗА ХОТЕЛИТЕ, “MARRIOTT“ ВО ПРАГА, ЧЕШКА

- Во Чешка има многу успешни Македонци, во разни сфери, во академскиот живот, доктори, како и паранешни студенти, сега вработени за многу светски пазнати компании. Убаво е кога нашиот квалитет се забележува и се радувам на успесите на сите нив - вели Горјан Лазаров, кој на своите 28 години во Прага е веќе успешен како директор за продажна стратегија во светски познатиот синџир хотели “Marriott".

КВАЛИТЕТНИТЕ ПРОФЕСИОНАЛЦИ ВО ЧЕШКА ИМААТ ВИСОКА ВЕНА

Директор за продажна стратегија за хотелите “Marriott"во Прага, член на светскиот маркет-борд на синџирот “Marriott" и професор на Англо-американ колеџот во чешката престолнина за предметот стратегија на цени и маркетинг истражувања - тоа се професионалните активности на Горјан Лазаров, еден од Македонците кои имаат успешна професионална кариера надвор од границите на својата земја. Во Прага, Лазаров живее веќе девет години, а таму заминал веднаш по завршувањето на средното образование во Скопје.

- Кога завршував средно не сакав “да летнам" преку барата на студии. Истовремено слушајќи за нашиот образовен систем од некои мои постари другари, имав желба за повеќе практично образование од она што тогаш се нудеше кај нас, па решив да заминам на студии некаде во Европа. Како дестинација ја избрав Прага знаејќи дека освен американскиот стил на образование, ќе ми донесе и непроценливо животно искуство во општество кое успева за краток период да направи транзиција и да фати приклучок со остатокот од Европа. Така, мојата чешка приказна започна пред девет години на Англо-американ колеџот, каде што за три години ја завршив четиригодишната програма за деловна администрација со новинарство, како втор главен предмет.

■ Како се случи Вашето влегување во светски познатиот бренд хотели “Marriott"

Во последниот семестар од студиите на колеџот имаше Career Day на “Marriott" и на тој настан беше дојден директорот за човечки ресурси со кого имав интервју за работа. Бев студент на генерацијата и му ги кажав областите во кои сакам да работам. Следниот ден ми се јави директорката за финансии од “Marriott" и ми понуди работа во нејзиниот оддел. Така се случи да почнам да работам за компанијата, а по една година помината во одделот за финансии добив унапредување и станав менаџер за продажна стратегија. Потоа, направив “скок" во телеком индустријата и две и пол години работев како менаџер за цени во мобилниот оператор “Водафон" во Чешка. Од луѓето од “Marriott" добив понуда да се вратам на нова позиција, задолжен за продажната стратегија на сите “Marriott" хотели во земјата. Од минатото лето имам Executive MBA од универзитетот Питс-бург, рангиран меѓу 30 најдобри деловни школи во светот, а од минатиот септември предавам стратегија на цени и маркетинг истражувања на Англо-американ колеџот во Прага.

■ Колку “тежи" дипломата од Англо-американ колеџот и дали со неа полесно се напредува во кариерата?

Дипломата е само „влезница" за интервју. Англо-американ колеџот лани според чешкиот дневен весник “Лидове Новини" беше прогласен за најдобра деловна школа во Чешка. Мислам дека чешките фирми позитивно гледаат на младите луѓе со западно образование, и тоа е кадар што секогаш се бара.

■ Кои се спецификите на брендот “Marriott" за каква коорпорација всушност станува збор, и какви услови им нудите на Вашите гости?

“Marriott" е еден од најголемите светски хотелски синџири со 143.000 вработени и близу 2.900 хотели низ целиот свет. Сопственик е на 15 хотелски брендови, меѓу кои се “Ritz Carlton”, “J.W.Marriott”, “Renaissance”, “Coirtyard by Mattiott”, “Residence Inn”... Во Прага, во нашето портфолио моментално имаме пет хотели, а наскоро очекуваме отворање на хотел во Плзен и во други градови низ Чешка. Цената за ноќевање во “Marriott" во високата сезона се движи од 269 евра во стандардна соба до 1.500 евра за ноќ во претседателскиот апартман, во кој на пример имаат престојувано политичарите Герхард Шредер, Жак Ширак, како и актерите Џони Деп, Морган Фримен, Мет Дејмон и многу други. “Marriott" многу често е “домаќин" на филмските проекти што се снимаат во Прага, па така низ хотелот често може да се видат познати лица од светскиот шоу-бизнис.

■ Велите дека многу популарни личности се гости ка хотелот “Marriott". Би можеле ли да ни кажете кој од нив бил најтежок за пречекување, имал најкомплицирани барања, а кој од тие славни гости, ете, можеби Ве изненадил со својата едноставност?

Освен фактот што обично ги резервираат претседателските апартмани, и носат луѓе кои се грижат за храната, не можам да издвојам ѕвезда која имала посебни барања. Со растот на популарноста растат и нивните барања кои доаѓаат од луѓето што се грижат за нив. Така на пример, една оперска ѕвезда, што од разбирливи причини не смеам да ја именувам, пред неколку години престојуваше во “Marriott" и договорот за сместувањето и барањата беа на пет страници. Во меѓувреме, со растот на популарноста при повторната посета договорот и барањата беа зголемени на 50 страници. Во принцип, ѕвездите не се движат многу низ хотелот, а кога излегуваат пробуваат да се маскираат со капчиња и очила за сонце за да не бидат лесно препознатливи. Можеби по едноставноста ме изненади Мет Дејмон, кој многу често можеше да се забележи во лобито на хотелот со неговите пријатели. Се однесуваше многу обично, впрочем како и сите тие приватно.

■ Дали туристичко-угостителската дејност е нешто што вистински Ве привлекувало, што се вели отсекогаш или...?

Случајно се најдов во оваа област. Моја љубов се стратегијата, маркетингот и стратегијата на цени. Во слободното време сакам да читам и да истражувам во овие области, а ете веќе една година знаењата и практичните искуства им ги предавам на студентите на Англо-американ колеџот во Прага, каде што работам како професор. Хотелската индустрија е многу специфична, интересна и ми се допаѓа, меѓутоа и телеком индустријата ми донесе многу позитивни искуства, па сето ова сакам да им го пренесам на 20-ина студенти во семестар, кои ги слушаат предметите што ги предавам.

■ Како изгледа да се биде дол од раководниот тим на еден ваков угледен хотел? Дали е едноставно да се одржува високото ниво на квалитет? Како ја заслужувате довербата на Вашитв гости?

“Marriott" својот успех во светот го има изградено со одличната услуга и пристап кон гостите. Едноставно, сите во “Marriott" постоиме заради гостите и се обидуваме да одговориме на сите нивни барања.

■ Како ја одржувате сопствената менаџерска кондиција, што се очекува од Вас да постигнувате, какви резултати?

“Златните" денови за Прага во хотелиерството се зад нас. Се соочуваме со секојдневно зголемување на трошоците за работа. Истовремено, посетеноста на градот го достигна “плафонот", а низ градот секојдневно никнуваат нови хотели. Освен тоа имаме и зајакнување на чешката круна како валута во однос на еврото и тоа ни носи дополнително главоболки. Покрај сето ова, од нас се очекува да ги одржиме профитот и маржите.

■ Дали сте единствениот Македонец на ваква позиција во Чешка?

Во оваа земја има голем број успешни Македонци, во разни сфери, во академскиот живот, доктори, како и поранешни студенти, сега вработени за многу светски познати компании. Убаао е кога нашиот квалитет се забележува и се радувам на успесите на сите нив.

Како изгледа да се биде жител на Прага, едни од најпопуларните европски туристички дестинации?

Прага е прекрасен град и нуди одлични услови за живот. Дефинитивно, таа стана мој град. На почетокот, човек не може да се нагледа на сите убавини што ги нуди градот, не може да се изначуди на културата на жителите, кои не се газат меѓусебно за да влезат во метро или трамвај, не фрлаат ѓубре каде што ќе стигнат и успеваат беспрекорно да ја одржат хигиената и покрај армијата туристи што секојдневно прави инвазија на градот. Потоа, ова станува нормално, човек влегува „во штос" и пулсира со градот.

■ Што најмногу Ви се допаѓа таму? Постојат ли места што сакате одвреме-навреме да ги посетувате?

Моите омилени места се околу реката Волтава. Го обожавам градот од мај до септември, кога денот трае долго и човек може да седне, да заборави на секојдневните обврски и да се релаксира. Покрај тоа, често одам и во ресторанот “Кого", во сопственост на еден Босанец, каде што работат многу Македонци, а каде што својот роденден го славеше чешкиот претседател Вацлав Клаус. Прага често ја посетуваат ѕвезди од калибарот на Мадона, Лени Кравиц, Роби Вилијамс, како и врвни уметници од типот на Џенифер Лармур и Андреа Бочели, па не ги пропуштам таквите настани.

■ Со оглед дека повеќе години живеете во Чешка, сте имале можност да ги почувствувате тамошните општествено-економски промени. Како се живве денес во оваа држава? Ако не се лажам, тва е земја која веќе нема проблем со невработеноста?

Чешка многу брзо успеа да заврши со транзиционите домашни задачи и чешката економија граби напред, пред се поради високиот прилив на странски инвестиции. Невработеноста според најновите податоци е на рекордно ниско ниво од 5,4 отсто, што почнува да претставува проблем за економијата, онаков каков што ние би посакувале да имаме во Македонија. Фирмите тешко може да најдат квалификувани луѓе, во обид да ги задржат вработените, платите растат, а сето тоа може да предизвика инфлација. Во Прага невработеноста е под два отсто, што значи дека практично и ја нема, ако се земе предвид дека постојат голем број дневни мигранти од околните места, кои секојдневно патуваат на работа во главниот град. 

■ Кои потези го одредија подемот на чешката економија?

Според мене, клучен е изборот на моделот на приватизација. Иако и тука имаше афери, сепак многу е помал бројот на “новопечени газди", кои се тоа што се само затоа што имале среќа да бидат на вистинското место во вистинското време. Се разбира, не смееме да заборавиме и на положбата на Чешка. Сепак, стартната позиција е различна кога ги имате земјите како Германија и Австрија за соседи.

■ Дали е Прага скап град за живеење?

Скапотијата е релативна работа. Мислам дека се уште цените за некои работи се под западноевропското ниво. Меѓутоа, станува се поскапо и мислам дека многу наскоро цените ќе го достигнат европското ниво.

■ Каде живеете Вие, во кој деп на градот?

Од неодамна живеам во сопствен стан во Холешовице, населба во поширокиот центар на градот, која е обиколена од реката Волтава.

■ Кои се Ваши пријатели, со кого се дружите? Има ли Македонци меѓу луѓето со кои одржувате поблиски контакти?

Покрај пријателите од Чешка, Словачка, Австрија и од Канада, сепак најмногу време поминувам со Македонците тука. Има околу десетина поранешни студенти од Англо-американ колеџ кои останаа и продолжија да работат во Прага, па често сме во контакт и дружба.

■ Со кого живеете во Прага, дали веќе имате свое семејство?

Свое семејство немам, но имам долгогодишна врска со девојка од Македонија.

■ Имате ли можности да патувате, Ви го дозволуваат ли тоа професионалните обврски? Кои се Ваши омилени туристички дестинации?

Професијата нуди исклучителни можности за патувања, а јас многу го сакам морето. Штотуку се вратив од Мајорка, каде што бев на одмор и престојував во хотелот на “Marriott" на тој остров, и прекрасно си поминав. Веќе имам покани и планови за посета на хотелот “Ritz Carlton” во Катар, како и на “Marriott" во Пукет, Тајланд. Инаку, и самата работа овозможува атрактивни патувања. Член сум на маркет-бордот на “Marriott", кој има цел да ја подготви компанијата и системите што ги употребуваме за предизвиците што ги носи иднината. Два пати годишно сум во Вашингтон, а барем еднаш на три месеци сум службено и во некоја светска дестинација, од последните 6и ги издвоил Сан Франциско, Барселона, Келн...

■ Имате ли професионално некакви контакти со македонската туристичка понуда? Кои се според Вас предностите, а кои маните на нашиот туризам?

Професионално немам никакви контакти. Сметам дека Охрид има огромен неискористен туристички потенцијал. Најголема мана е, секако, инфраструктурата и отсуството на светски познати хотелски брендови, кои би им гарантирале одредено ниво на квалитет на странските туристи. Сметам дека и државата може далеку подобро да ги искористи и тие малку средства што ги имаме за промоција на земјата. Мислам дека луѓето кај нас забораваат дека светот е променет. Веќе не е доволно да се направи брошурче или веб-сајт и да се објави реклама во весник, па Македонија да стане некаде популарна туристичка дестинација. Потребна е стратегија, потребно е да седнеме и да размислиме што се нашите силни страни, за какви туристи сме интересни и да ги насочиме нашите сили онаму каде што тие се присутни. Ако имате еден куршум, треба да нишаните многу прецизно доколку сакате да погодите. Некако така е и со нашата маркетинг стратегија за туризмот - немаме многу пари за големи кампањи и треба вистински да ги употребиме.

■ Сте отседнале ли во последно време во некој македонски хотел и како сте се чувствувале како гостин?

Одамна не сум имал можност да престојувам во македонски хотел, но една моја другарка работи во хотелот “Бест Вестерн" во Скопје, па често со неа разговарам за бизнисот. Тој хотел го знам и мислам дека со оглед на условите во кои што работат, нудат добри услови.

■ Доаѓате ли често во Македонија? Имате ли лично потреба почесто да се враќате во родниот град, Скопје и како го доживувате во споредба со Вашиот сегашeн дом, Прага?

Како што споменав, мојата девојка живее во Скопје, па често сме на релација Прага - Скопје. Моите родители живеат во Скопје и секоја можност ја користам да поминам време со нив. Покрај тоа, во Скопје имам многу роднини и пријатели и секогаш ми претставува големо задоволство времето поминато со нив во родниот град.

■ Имате 28 години. Дали сте задоволен од себе и од тоа што го постигнавте во кариерата досега?

Задоволен сум, иако мојата девиза е - секогаш може подобро. Мислам дека за релативно кратко време успеав добро да напредувам. Впрочем, во странство ја немате “поддршката на домашната публика". Судиите не ви се наклонети, па да се дојде до добар резултат е многу потешко.

■ Какви се Вашите професионални плакови во иднина?

Професионалните планови засега ми се поврзани со “Marriott" и областа што ја работам. Компанијата во Централна и Источна Европа се развива со многу брзо темпо, па тоа ќе отвора и многу можности за професионален развој во годините што доаѓаат. Би било убаво кога во иднина Македонија би излегла од оваа, ми се чини бесконечна фаза на транзиција и кога би можел со искуствата и контактите да придонесам и за развојот на бизнисот кај нас.

Гордана Колевска
Превземено од “Теа“