Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати иселеници бизнисмени од Македонија

Боби Милески

Веќе 26 години Македонецот Боби Милески работи како угостител во холандскиот град Гронинген. Како сопственик на локалот „Балкан ресторан Македонија“ тој е еден од најпознатите угостители во градот и неговата околина. Покрај тоа, основач е и на фудбалскиот клуб „Македонија“, како и на првата македонска црковна општина во Холандија, „Свети Стефан“. Меѓу фудбалските фанови во Гронинген тој ужива голема популарност како човек што во редовите на фудбалскиот клуб „Гронинген“ на времето успеа да го ангажира македонскиот интернационален фудбалер Милко Ѓуровски.

Меѓу 40 италијански ресторани, повеќе од 30 кинески, неколку грчки, француски, холандски...во Гронинген, град што се наоѓа во северниот дел на Холандија, популарен по многубројната студентска популација, како и по фудбалскиот клуб „Гронинген“, веќе 17 години работи и еден македонски ресторан. Локалот носи име „Балкан ресторан Македонија“ и во Гронинген е познат како место каде што може да се јаде квалитетно и обилно. Овој ресторан на своето мени нуди богат избор на македонски специјалитети, специфични јадења од балканските простори, и секако, македонски вина.


 

Најзаслужен за високиот рејтинг на ресторанот е неговиот сопственик Боби Милески, Македонец, по потекло од поречкиот крај – поточно од село Лукште, кај Македонски Брод. Во Скопје завршил средно угостителско училиште, а потоа две години Виша угостителска школа во Опатија, каде што работел во хотелот „Славија“ и во ресторанот „Скопје“, кој го држеше Македонец. Имал нецели 20 години кога отишол во Холандија, сакајќи да прошета како турист, но останал да си ја испроба среќата.


 

Својот ресторан Боби го уредил во македонски стил. Вели дека целиот амбиент потсетува на традиционална македонска куќа – таванот го красат греди, по ѕидовите има огледала, закачени македонски носии, черги, стомни, сувенири од Македонија, а чаршафите по масите се со македонски вез. Покрај амбиентот, Милески е убеден дека главната причина за популарноста на ресторанот е неговото богато и разновидно мени. Успешните кулинарски специјалитети се заслуга на персоналот од десетина луѓе. Секако, Милески е главен и во кујната, и во салата, во набавките и водењето на администрација, но рамо до рамо со него е и неговата придружничка Даниела Атанасоска. Интересен податок е дека главниот готвач е Холанѓанец, кого Милески го научил да ги прави македонските специјалитети.


 

Најголема популарност, ресторанот, а и тој како негов сопственик, стекнале во годините кога за фудбалскиот клуб „Гронинген“ играше македонскиот интернационалец Милко Ѓуровски.


 

Во Холандија Милески е познат и како основач на првата македонска црковна општина „Свети Стефан“, а и како голем активист во тамошната македонска заедница.



 

Гордана Колевска


 

(превземено од „Теа Модерна“)



 

Подготвила: Д. Ангелова