Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати спортисти од Македонија во светот

Селдин Салиу

ШАМПИОНСKИ НАСТАПИ НА ЛИЗГАЛИШТАТА НА АПЕНИНСKИОТ ПОЛУОСТРОВ

Дете од Дебарско стана виртуоз на мраз во Италија

 

Тоа можеби е единственото дете од Македонија што професионално се натпреварува во уметничко лизгање, пишува веб-порталот „Балкон 3“ за осумгодишниот Селдин Салиу, кој стана виртуоз на лизгалиштата во Италија. Неговите родители Алисан и Сумеја Салиу пред седум и пол години дошле во Италија од селото Требиште, општина Маврово-Ростуше.

Дузина деца се насобрале околу дебелиот мраз што се зафатил на патеката во селото Требиште на границата меѓу Македонија и Албанија. Во селото е весело. Децата се лизгаат на мразот користејќи ги само своите обувки како лизгалки. Се смеат на цел глас кога некој невешто ќе се лизне и ќе падне на мразот. Меѓу нив има почетници, но има и самонаречени експерти за лизгање по замрзнати патеки. Некои од нив сонуваат како би било кога би биле професионални лизгачи, да имаат лизгалки на нозете и да скокаат по мразот, пишува „Балкон 3“ и ја продолжува приказната со детали за неговото семејство и за успесите.

Далеку од ова село, кое се наоѓа на Балканскиот Полуостров, од другата страна на Јадранското Море, на Апенинскиот Полуостров, живее малиот Селдин. Тој има осум години. Она што го поврзува со малото село Требиште во Македонија се неговите родители Алисан и Сумеја Салиу. Тие се по потекло од ова село, а Селдин кога имал само шест месеци, заедно со нив се преселил во италијанското гратче Фелтре на северот од Италија каде што пред три години се родил и брат му Лиман. За разлика од своите врсници во селото Требиште, кои се лизгаат на мразот само за забава, младиот Селдин Салиу лизга како вистински професионалец. Неговото лизгање е повеќе од забава, тоа е уметност. Селдин, или како што го викаат другарите Селдо, досега освоил неколку награди во натпреварувањата во уметничко лизгање во Италија. Неговите родители се гордеат што тој е виртуоз на лизгалиштата во Италија. Се сеќаваат на неговите скромни почетоци.

- Започна кога имаше пет и пол години со учество на еден мал курс организиран од градинката и од актуелната спортска екипа во уметничко лизгање. Веднаш го засака овој спорт и од тогаш не престана да лизга - вели таткото Алисан.

Тој вели дека уметничкото лизгање е спорт што е најмногу застапен во северна Италија, но на шега вели дека повеќе го сакаат девојчињата отколку момчињата. Селдин е еден од ретките. Тој ги откри своите амбиции и соништа:

- Мојот сон е еден ден да станам светски шампион. Секој ден нестрпливо чекам да си дојдам од училиште и да одам на тренинг каде што секојдневно учам некој нов скок - вели малиот Селдо.

Во Македонија, освен блиските роднини и пријателите, безмалку никој не знае дека Селдо е вистински шампион. Неколкупати се качил на шампионскиот пиедестал освојувајќи прво место на натпреварувањата, но најдрага му е една неодамнешна победа.

- Посебно драг ми е последниот натпревар во местото Kлаут во близина на Венеција. Успеав да го надминам мојот ривал, кој го чуваше првото место подолг период и наместо него, јас се качив највисоко на подиумот - вели Селдо.

Непознат за македонските медиуми тој во Италија досега неколкупати се нашол на страниците во тамошните весници. Дека е вистински талент потврдува и Иларија Давере, некогашен национален шампион на Италија, а сега актуелен тренер во уметничко лизгање.

- Селдин е дете со голем интерес за овој спорт. Секојдневно вложува голем труд, а тоа го потврдуваат и неговите добри резултати. Се надевам дека ќе продолжи со овој ритам, упорност и посветеност со цел да влезе во националната екипа на Италија и да се натпреварува на највисоки нивоа во целиот свет - вели Давере.

Со поените што ги постигнал сезонава се квалификува за Kупот на Италија, закажан за крајот на март, а таму се натпреваруваат оние со најдобри резултати. И додека другите му предвидуваат светла иднина, Селдин секојдневно докажува дека е вистински шампион на мразот и дека лизгалиштето е негов втор дом. Со неговите лизгалки тој на мразот веќе ги исцртува своите соништа.