Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати иселеници бизнисмени од Македонија

Наум Трајчески

Наум Трајчески, братот на нашата позната модна креаторка Розе Трајческа, е сопственик на единственото македонско радио „Мак ФМ“ кое зрачи на територијата на градот Перт во Австралија.
Во Австралија прво се преселиле неговите родители Дилбера и Јаков, а подоцна и тој со сопругата Марија. Нивните две ќерки Јана и Анастасија се родени во Австралија. За својата сестра вели дека е негов другар, мудрост и најголема инспирација.

Според Наум, не е тешко да се приспособиш во средена земја, ама Австралија ги нема Кокино, Голем Град, Смоларски водопади, Св. Наум, Охрид каде што се неговите сестри, зетовци, внуци, пријатели. Му ја нема Македонија и токму со отварањето на првото македонско радио во Перт посакал да остане близок до своите корени.
„Мак ФМ“ е радио што емитува 24 часовна македонска програма, емисии за сите возрасти и емисии за етичко-морални и религиозни норми. Македонските иселеници се големи љубители на македонската народна музика и затоа во програмата на ова радио на почетокот најчесто била застапени. Но последниве неколку години, по воведувањето емисии што третираат забавна музика, тие станале свесни за квалитетот на нашата забавна музика.
Ова радио се емитува на фрекфенцијата 103,3 на територијата на Перт, град со 1,5 милиони жители, распространет на површина од 80 км. Север-југ и 40 км. Исток-запад, во кој живеат околу 15 илјади Македонци. Редакцијата воведе забавни програми и ги промовираше сите забавни пејачи. Со оваа нивна акција не само што успеале да направат младите Македонци во Перт да слушаат и да обожаваат македонска забавна музика, туку и постарите генерации, кои традиционално само знаат за народната музика – да ја прифатат забавната.
Наум веќе неколку години организира турнеи на наши познати музички имиња и иако до пред извесно време беше насочен кон изведувачите на народната музика, решен е во Австралија да ги донесе речиси сите забавни пејачи. Негови гости веќе биле Елена Ристеска, Ѓоко Танески, Ноне Неделковска, Ламбе Алабаковски... а ќе има уште многу други. Се надеваат дека и во иднина ќе организираат концерти со полни сали, бидејќи „само така можеме да ги вратиме младите македонски иселеници во македонските клубови низ Австралија“, вели Наум Трајчески.