Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Уметници од Македонија во светот

Васил Гарванлиев

Извадоци од интервјуто со најмладиот баритон во Канада, струмичанецот Васил Гарванлиев што го направи колегата Ване Трајков.

Во продолжение текстот за Васил објавен во дневниот весник Вест.

„По 16 години неизвесност, судир со непознатото, но и со големи луѓе, за да им покаже и докаже дека Македонецот од Струмица вреди да се слушне и види, 27-годишниот Васил Гарванлиев важи за најбараниот баритон во Канада. Како дете, немаше детски фестивал во Македонија, а Гарванлиев да не запее. "Маре Маре Марионка" беше негов најголем детски хит. На 11 години со семејството заминува во САД во потрага по подобар живот.
Таму само што го препознале неговиот квалитет, го депортирале за Македонија со куфер од 18 килограми. По 6 години во Чикаго се вратил во Струмица за да почне од нула. Свесен дека од провинциски град тешко се успева, преку Скопје заминал за Милано, Италија, каде цела година приватно учел оперско пеење. Луѓето кои ги расплакал во Чикаго, како добри ангели го однеле во Канада каде дефинитивно се усовршил и сега со неговиот баритон настапува во Моцартовите "Дон Џовани", "Свадбата на Фигаро"....
Во сезоната 2010-2011 имал 12 оперски улоги, а имал и околу 14 соло- настапи со хор и оркестри во Торонто, Калгари, Сент Џон, Едмонтон. Годинава за следните 6 месеци на репертоар му се 6 оперски улоги, но и настапи во Европа... Вака накусо може да се опише патот на младиот струмичанец, кој цело време $ пркосел на судбината во желбата да му покаже на светот дека "детето" од Македонија има глас да се носи со врвни оперски пејачи.
"Ни самиот не сум свесен низ што сe поминав за да бидам сега тоа што сум. Горд сум што успеав да го работам она што го сакам. Горд сум што не ги изневерив луѓето кои ме поддржуваа и веруваа во мене", изјави за "Вест" Васил, кој од Канада во Струмица дојде после 6 години, период кога успеа да го најде вториот дом и да го надогради својот глас преку музичка академија и Кралскиот конзерваториум за оперско пеење.
Двете недели престој во родната земја ги искористи да се види со најблиските, но и да ја сподели радоста што конечно застанал сам на свои нозе и дека го живее неговиот животен сон. Ретко кој од Струмица знае дека детето што пред многу години ја испеа "Марионка" станал оперски пејач и дека е еден од најмладите и најбарани баритони во Канада.
"Пеењето ми беше животен сон. Во 1996 година кога бев најпопуларен детски пејач овде, со семејството се преселивме во Чикаго. Се сеќавам дека тогаш моите родители ме излажаа. Ми кажаа дека одиме за да ја продолжам музичката кариера, но кога стасавме сфатив дека ние сме само обични емигранти кои бараат подобар живот, а од моето пеење ништо. Ме запишаа на училиште, а јас веднаш се запишав во училишниот хор. Со тек на време преку хорот успеав да го свртам вниманието на професорите по музичко. Професорката Џуди Хенсон ми понуди и дополнителни часови по пеење и токму таа беше главниот виновник за класичната музика и оперското пеење, бидејќи дотогаш го негував единствено поп-стилот", се сеќава Васил Гарванлиев, кој стасал и до градскиот хор на Чикаго кога за првпат имал можност да ги види Селин Дион, Енрике Иглесијас.
Речиси секоја година преку училиштето се пријавувал на натпреварите за млади таленти. Пред матурирањето, на иницијатива на неговата професорка, се пријавил на националниот натпревар за млади таленти во оперско пеење. Напорно вежбал и се пријавил со 5 мини оперски арии. Победил на сојузно ниво во конкуренција на 800 млади таленти, иако не знаел многу за опера.
"Ме натераа да се пријавам и на националниот натпревар на САД по оперско пеење. Во конкуренција на 10.000 натпреварувачи за чудо победив и бев номиниран за стипендија од тогашниот претседател Џорџ Буш. Но тогаш место да се радувам, јас и моето семејство добивме документи дека ќе бидеме депортирани оти сме емигранти. Тоа се случи пред матурската прослава на училишниот хор. Требаше да ги кажам своите импресии од хорот. Јас излегов и преку рецитал и оперско пеење им кажав на сите присутни дека јас ќе бидам депортиран, но нема да се предадам. Им реков, иако доаѓам од држава која не ја знаевте и ја нарекувавте Месопотамија, а не Македонија, нема да се предадам и ќе докажам дека и ние малите можеме", се сеќава Васил. Тогаш му пришла една жена по име Сузан Макмилан, која тајно го следела цели 6 години во неговиот музички развој, и му рекла: "Кај и да си, ќе те најдам. Имаш талент и треба да се слушне твојот глас", но поради депортирањето немал можност повеќе да ја запознае.
Во јуни 2003 се вратил во Струмица и во музичкото училиште "Боро Џони" два месеца преку свирење клавир и пеење не се помирувал со судбината. Наскоро преку неговата мајка заминал на телевизиско гостување во А1 кај Сузана Турунџиева. Сакал да отпее и отсвири нешто за да го слушне македонската јавност. Вежбајќи пред настап го забележал Борис Трајанов и му рекол: "Дете, ти пееш, но јас во тебе слушам опера", кој откако разбрал дека во Чикаго пеел и победил на натпреварот за млади таленти во оперско пеење му понудил часови кај неговиот маестро во Милано во Италија, кај Пјер Миран де Фераро. Васил без двоумење заминал во Академијата на маестро Фераро и 4 пати неделно земал часови. Но само по една година учење, во Милано се појавила таинствената жена од Чикаго - Сузан Мекмилан, која му понудила помош да замине во Торонто и таму во нејзина близина музички да се дошколува.
"Сузан ми помогна и околу документите и околу парите. Преку аудиција се запишав на Кралскиот конзерваториум во Торонто и добив стипендија, а потоа продолжив на тамошниот Универзитет по оперско пеење во Торонто. Преку програмата за таленти набргу бев ангажиран во 'Калгари операта' и така ја почнав својата кариера. Сега имам свој агент и преку него оваа година доаѓам во Европа, поточно во Париз во Кралската опера во Версај со операта 'Армиде'", вели Гарванлиев, кој сака да пее и при Македонската опера и балет.
Животниот пат на Васил Гарванлиев не останал незабележан ни од продуценти од Холивуд кои пројавиле интерес неговото животно-музичко патешествие да биде пренесено и на филмско платно.
"Имавме разговори во четири наврати со продуценти од Холивуд, но засега ништо не е договорено. Се интересираа за многу детали од мојот живот во Македонија, Чикаго, Милано и Торонто. Моја желба е да го раскажам мојот животен пат дали на филм или во книга. Да им објаснам на сите дека ако веруваат во себе, не треба да се откажат", рече Васил.
Гарванлиев оваа година веќе има договорено повеќе од десетина настапи. Освен во Франција со операта "Армиде" каде ја толкува улогата на Аронте, тој годинава по долго време ќе стапне и на тлото на САД во рамките на фестивалот "Глим меглас" во Њујорк, каде ќе настапува со оперите "Армиде" и "Аида", а ќе има и повеќе солистички концерти и рецитали. На репертоарот му се и оперите "Фалстаф" со Калгари операта, "Дер Фрушутц" со Опера Ателиер . Негова најголема животна желба е еден ден да запее во Метрополис операта во Њујорк, во Ковент гарден во Лондон и Миланската скала во Италија, а приватно да биде жив и здрав и да биде учител по соло-пеење.“, пишува во дневниот весник ВЕСТ.