Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати научници од Македонија во светот

Д-р Горазд Росоклија

Д-р Горазд Росоклија е роден во Скопје на 21. април 1949 година, каде што ги завршил основното и средното образование. Медицинскиот факултет на Универзитетот ”Св. Кирил и Методиј“ го завршил во 1976 година. По завршувањето на лекарскиот стаж, се вработува на Клиниката за невропсихијатрија каде ја завршува специјализацијата по невропсихијатрија. 1978 година е избран за асистент на истата клиника.

Една година (1985/1986) се усовршува од областа на невропатологија и невроимунологија на светски познатата лабораторија за невропатологија на болницата Salpetriere во Парис. По враќањето од Париз во Скопје,  на Клиниката за невропсихијатрија при Медицинскиот факултет, формира лабораторија за невроимунологија и имунопатологија, која ја раководи од 1987 до 1992 година. Докторската дисертација на тема: ”Карактеризација на лимфоцитните поттипови во мозочното ткиво и во крвта кај пациенти со мозочни тумори и нивното значење за прогнозата и третманот“ ја одбранува со одличен успех во 1990 година. Во истата година е избран за доцент при Катедрата за невропсихијатрија на Медицинскиот факултет во Скопје. Како вљубеник во невропсихијатријата д-р Росоклија има завршено три специјализации и тоа по неврологија, невропатологија и психијатрија на Медицинскиот факултет во Скопје. Своите невроимунолошки истражувања како и истражувањата од областа на психијатријата и невропатологијата ги продолжува на познатиот Колумбија Универзитет во Њујорк, САД. Работејќи со светски познати стручњаци, д-р Горазд Росоклија се афирмирал и се докажал во САД, а и пошироко како водечки истражувач на подрачјето на невропсихијатријата со потекло од нашата земја. Од 1998-2005 година тој е доцент по психијатрија, а од 2005 година е номониран за вонреден професор за клиничка психијатрија на Одделот за психијатрија на Колумбија Универзитетот во Њујорк. Д-р Росоклија е автор и коавтор на бројни трудови базирани врз неговите научни истражувања.

Член е на Македонската асоцијација на невролозите и психијатрите (1980 година), на Европското невролошко друштво (од 1986 година), на Американската академија за неврологија (од 1993 година), на Американската асоцијација на невропатолозите (од 1996 година) и на многу други асоцијации и истражувачки центри.

Преку грантовите на д-р Росоклија до денес на Колумбија универзитетот едуцирани се, или се во процес на едукација, 16 млади научни работници од Република Македонија кои го сочинуваат јадрото во создавање на научен центар за невронаука во Македонија.

Во досегашната соработка помеѓу Колумбија универзитетот во Њујорк и Медицинскиот факултет во Скопје, доделени се финансиски средства, опрема, реагенси и сл. за медицинскиот факултет во Скопје во висина од околу 400.000 САД$.

На иницијатива на д-р Росоклија, а поддржана од Колумбија универзитетот, на Медицинскиот факултет од Скопје му е пратено писмо-понуда за потпишување договор за научна и едукативна соработка помеѓу двата универзитети.

Д-р Росоклија е двапати награден за спортски подвиг на годината со највисоката награда во спортот ”25 Мај“, а за освојувањето на Монт Еверест во 1989 година, заедно со останатите членови на македонската експедиција, е добитник на наградата ”11 Октомври“ за животно дело.

Во јуни 2007 година д-р Горазд Росоклија е избран за член на Македонската Академија на науките и уметностите надвор од работниот состав. По повод изборот, д-р Росоклија вели дека ова е еден од најзначајните моменти во неговиот живот.