Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати иселеници бизнисмени од Македонија

РИСТО БИМБИЛОВСКИ

Ристо Бимбиловски, охриѓанец, кој дваесетина години живее во Париз, се занимава со моден дизајн и има свој бренд „Ристо“, а паралелно соработува и со други брендови, меѓу кои Луј Витон, каде што четири години е дел од дизајнерскиот тим, а работи и за Кензо. Вели дека многу работи го поврзуваат за Македонија, пред се родниот Охрид каде што ја изработува својата колекција во мала семејна фабрика.

Бимбиловски смета дека во Македонија се уште нема потенцијал за висока мода, тоа, како што вели, се случува само во Париз, но има за добро концепирана мода, како што го смета и сопствениот бренд. Колекцијата ја дистрибуира во Америка на видни продажни места, што за него претставува потврда дека сето тоа е возможно бидејќи пред се го прави како семеен проект.
- Мојот бизнис на некој начин и помага на Македонија, а тоа и ми беше целта. Економски многу поприфатливо е колекциите да се развиваат во Македонија. Почнавме со петмина вработени, а сега имаме триесетина. Тоа е одредена помош за локалната економија, вели Бимбиловски, додавајќи дека во бизнисот во Охрид се вклучени и поголем број жени кои рачно прават плетени изработки на кои тој потоа им вметнува модерен дизајн.