Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати професионалци од Македонија

ХРИСТО ЗИСОВСКИ

Христо Зисовски потекнува од семејство кое од Македонија пред неколку децении отишло во Њујорк. Првото работно искуство на Христо било во ресторанот на татко му, кога имал 12 години. Неговата обврска била да се грижи за распоредување на приборот за јадење во шесте ресторани на татка си во Рочестер. Две години подоцна веќе почнал да помага во кујната, а четири години подоцна се запишал на Kулинарскиот институт на Америка во Хајд Парк, Њујорк, каде што се стекнал со вонреден степен на кулинарско образование. Денес, 34-годишниот Зисовски е еден од најдобрите сомелиери во светот за 2014 година, според американското списание „Храна и вино“ и работи во десет ресторани на Менхетн. Деновиве списанието „Волстрит џурнал“ ја раскажа неговата приказна.
Тој работи како корпоративен менаџер за пијалаци во синџирот ресторани „Алтамареа“ во Њујорк. Во Менхетн се преселил кога имал 20 години. Неговата прва работа била како асистент на менаџерот за пијалаци во ресторанот „Марч“, кој сега е затворен. Таму и првпат почнал да го осознава подлабоко виното.
По две и пол години во „Марч“, Зисовски заминал да работи како сомелиер во ресторанот „Жан-Жорж“. Вели дека „работел како коњ“ за да дојде до посакуваната позиција. Но неговата напорна работа се исплатела и го промовирале во главен сомелиер. Таму останал седум години. Христо гордо истакнува дека работел на три работни места за 14 години и го советува својот персонал да не менува често работни места.
Kога тимот задолжен за вино на „Жан-Жорж“ бил награден за најдобар вински сервис во 2010 година, менаџерот за пијалаци на ресторанот јавно го пофалил Христо. Тоа му донело ново унапредување кога синџирот „Алтамареа“ го регрутирал во ресторанот „Аи фиори“. Позицијата менаџер дошла подоцна.
Христо ги посетува сите десет ресторани на групацијата неколкупати во неделата и пробува вина со своите сомелиери колку може почесто. Сите вина мора да чинат исто во сите ресторани. Тој објаснува дека негова работа е и тоа во рестораните да има баланс во цените на вината. Така, има вина што чинат 40 долари, а некои се и повеќе од 100 долари.
Христо има пет шишиња вино, кои го дефинираат неговиот живот. Меѓу нив е виното што татко му го прави во нивната гаража по македонски рецепт.

Подготвила: Д. А.