Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати научници од Македонија во светот

Борис Стојчев

Проф. Д-р Борис Стојчев е роден во Битола 1924 г. На седумгодишна возраст преминува кај своите родители во Канада и станува натурализиран Канаѓанец. Во 1947 г. на Универзитетот во Торонто дипломира инжинерска физика, 1948 г. магистрира, а 1950 г. докторира на истиот факултет. По повеќегодишни специјализации на разни универзитети во Канада и САД, 1964 г. е избран за доцент по физика, а 1977 г. за редовен професор на Универзитетот во Торонто.

Како истакнат универзитетски професор и афирмиран научен работник, учествува во работата на многу високошколски институции во Канада , во својство на член на канадски и интернационални комитети.

Широкиот спектар на проучувања во спектроскопијата и теоријата на ласерите се области од физиката во кои се афирмира проф. Д-р Борис Стојчев во Канада и надвор од неа. Бројните резултати, печатени во над 100 научни трудови, му донесуваат повеќе меѓународни признанија. Неговите резултати од овие области се цитирани во трудовите на многу познати научници и користени за добивање на нови научни резултати.

 

Признат на универзитетот на којшто работи, како и надвор од Канада, по своите резултати и научни достигања во областите: светлина, спектроскопија, молекуларни структури, ласери и нивната примена во физиката, нему му се доверуваат научноистражувачки групи за раководење. Организира и раководи со интернационални конференции за ласерска спектроскопија и е уредник или член на редакцијата на познати светски списанија од областа на физиката, како што се: * Canadian Journal of Physic * ( 1974 - 1980 ), * Nuovo Cimento * -- Italy ( 1974 ), * Raman Spektroskopy * -- Great Britain ( 1977 - 1980 ), * Laser Fokus * -- USA ( 1975 ).

Проф.д-р Борис Стојчев, Македонец и иселеник во прва генерација, успеал со големи напори и труд да се афирмира во новата средина и да добие бројни научни признанија во Канада и надвор од неа. Виден граѓанин на својата нова татковина, тој е активно и осетно присутен во средината на македонското иселеништво и градот Торонто и пошироко во Канада.

За својата научна работа и постигнатите резултати е одликуван со повеќе канадски и странски одликувања и почесни звања.

За член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав е избран во ноември 1981 г.

Проф. Д-р Борис Стојчев почина  на 15 април 2010 година  во 86 година од животот во Торонто, Канада.