Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати спортисти од Македонија во светот

СТЕФАН КОЗЛОВ

Пред 16 години се родил во Скопје, а веќе следната година заедно со својот татко, тенисерот Андреј Kозлов се преселил на Флорида, САД. Тенисерот Стефан Kозлов е новата американска тениска надеж и во моментов е шести на листата на Меѓународната тениска федерација. Тој се уште нема возачка дозвола сам да се вози на тренинг. Но, чудото од Пембрук Пајнс веќе е на насловните страници во меѓународните весници и прави да се испотат мажи двапати постари од него. 
Неодамна американскиот тенисер со македонско потекло се натпреваруваше во четврт-финалето на „Ролан Гарос“ во категоријата јуниори откако ги победи своите противници во три круга. Kозлов беше последниот Американец што остана во француското натпреварување и во сениорска и во јуниорска конкуренција.
 
Стефан уште на 11-годишна возраст станал најмладиот играч што победил на Тинејџерскиот тениски натпревар во Болтон, Англија. Оттаму дотурка далеку. 
Kозлов лани стигна и до четврт-финалето во јуниорска конкуренција на „Вимблдон“, како втор најмлад играч на теренот. Годинава дебитира на турнејата организирана од страна на Асоцијацијата на тениски професионалци (АТП) како најмлад тенисер кој се натпреварувал во главната конкуренција на настанот. Во јануари стигна во финалето на јуниори на „Австралија опен“. Тој игра на јуниорски настани и на професионални турнири. 
Стефан и неговиот 12-годишен брат Борис, кој се смета исто така за американска тениска надеж, учеле тенис од својот татко, кој ја води тениската академија „Kозлов“ во Пемброук Пајнс. Неговиот татко му бил тренер до пред три години, кога Стефан почнал да работи професионално во центарот на Американската тениска асоцијација (УСТА) во Бока Ратон. Оттогаш тој тренира со Николас Тодеро, но татко му е со него на главните турнири и му дели совети. Тој се откажал од одење на колеџ за да биде професионалец и веќе има договор со агенцијата „Октагон тенис“. 
Со своите 178 сантиметри и со солидната градба, тој има игра која може да им создаде проблеми на многу поискусни тенисери, умна тактика од основната линија и најголемиот адут му е бекхенд-слајс. Игра совршено на тревната подлога која помалку личи на таа на Пит Сампрас – пишува „Мајами хералд“ за играта на Kозлов.

Подготвила: Д. А.