Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати професионалци од Македонија

Мило Дестановски

МИЛО ОД БЕРОВО ГИ УЧИ АМЕРИКАНЦИТЕ ДА СВИРАТ НА ЗУРЛА, ТАПАНИ, ТАРАБУКА

Богатата музичка традиција на нашата земја стига на повеќе меридијани, а за тоа се заслужни музичките ентузијасти, кои го шират убавиот глас. Еден од нив е и Мило Дестановски, мултиталентиран музичар кој ги владее тапанот, гајдата, кавалот, зурлата, тамбурата. Потекнува од Берово, од семејството познато како Ратевски зурлаџии, кое со генерации ја негува традицијата на свирење на овие инструменти. Сосема случајно, пред четири години, заминал во САД, каде што за кратко време го привлекол вниманието на Американците за изучување на нашите изворни инструменти. Редовно настапува на фестивали, држи часови, но не го заборава и Берово, каде што најчесто се враќа во август. 

Пред една недела со своите ученици настапиле на фестивал во Санта Барбара. 

- Настапувам низ цела Америка. Давам часови по македонски народни ора и инструменти претежно на Американци во Kалифорнија. Во Санта Барбара имам три ученички, кои веќе свират на зурла и неколку ученици на тапан, гајда и на кавал. Две години живеев во Лос Ангелес и им предавав изворна музика на 27-мина. На фестивал во Санта Барбара пред една недела имав 45-минутен концерт со моите ученици од Kалифорнија, како и дефиле со четири зурли и три тапани. Бев воодушевен од публиката по улиците, кои не штедеа аплаузи. Беше напорно да се свири и шета на улиците три часа - ни пренесува Дестановски, кому во август му претстои голем семинар во Њујорк, каде што ќе предава изворен оркестар, кавал, гајда, тапан и зурла. 

Мило живее во Детроит, Мичиген, каде што исто така има ученици. Тој е задоволен од интересот на Американците. 

- Дел од луѓето што ги учат инструментите во Америка секоја година ја посетуваат Македонија, особено Берово, и се враќаат со многу позитивни и убави спомени од убавата природа, традиционалната храна и секако од Малешевците, кои сме познати како многу гостопримлив народ. Фокусиран сум и на развојот на туризмот во Македонија, особено во Берово. Морам да кажам дека имам и забелешки од моите пријатели, кои се жалат дека додека седат во убав ресторан, угостителите им пуштале цеде со рап-музика или нешто друго, а тие сакаат да слушаат изворна музика - вели инструменталистот. 

Иако е еден од најтешките инструменти за свирење, Американките биле особено заинтересирани за зурла. 

- Можам да кажам дека добро го совладуваат и со голема љубов. Некои од ученичките имаат над 60 години, а имам и млади ученички, од по 20-ина години. Има жени заинтересирани и за тапанот, кавалот, тамбурата - додава Дестановски, кој на фестивалот „Пеце Атанасовски“ во Прилеп 14 години едноподруго го освојувал првото место, а доби Гран при во 2008 година. 

Неретко настапувал и со „Танец“. Некое време го водел и KУД „Димитар Поп Георгиев Беровски“. 

Мило се појавува и како статист во играниот филм „До балчак“ на Столе Попов, чија премиера се очекува наесен. 

- Во „До балчак“ бев статист со зурла и ми беше многу убаво искуство. Бев со пријатели од Америка пет дена во Битола баш кога снимавме и тие се радуваа на ангажманот. Се надевам дека филмот ќе стаса до градот на уметниците во Лос Ангелес. 

И годинава нема да го одмине Берово. 

- Морам да признаам дека сум локалпатриот и си го сакам Берово. Секоја година во август одам таму. Има добри културни случувања, се одржува можеби еден од најдобрите фестивали „Етноплоштад-фестивал“ за кој лично вложив труд и секоја година настапувам со стилизираната група „Етно Малеш“. Но, за жал, годинава нема да можам да настапам, зашто ќе бидам кратко време во Берово и сакам да им се посветам на мојата поширока фамилија и пријатели – вели Дестановски.

Тој е среќен е што има кој да ја продолжи традицијата. Тоа се неговите синови, како и братучеди што живеат во Скопје. Со дел од своите ученици од Америка в година планира да ги претстави македонска музика и фолклор. Планира настапи со 20-ина музичари и во пријатели од Австралија.