Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати научници од Македонија во светот

Снежана Врангалова

Снежана Врангалова од факултетот за психологија во Скопје науката ја одвела во Њујорк каде што пред осум години стекнала докторска диплома по развојна психологија на Универзитетот „Kорнел“. Денес, Снежана Врангалова или попозната како д-р Жана, е меѓу најценетите сексолози во САД и професор на катедрата по психологија на Њујоршкиот универзитет. Kолегите сексолози сметаат дека нејзините истражувања се фасцинантни, а „Њујорк дејли њуз“ ја нарече њујоршки мајстор за секс. Таа е основач на проектот „Секс без обврски“ - форум за вистински искуства од вистински луѓе кои се исповедуваат за „мувања“, едновечерен секс, пријатели што имаат повремено секс и слично.

Врангалова во интервју за американското списание за жени „Ревишли“ вели дека од секогаш била фасцинирана од оваа тема, особено од двојните сексуални стандарди и сексуалната ориентација. Таа дипломирала психологија во Македонија. И во тоа време истражувала за сексуалноста. Била вклучена во групи за правата на ЛГБТ-заедницата и во проекти поврзани со стигмата. Kога дипломирала, морала да одлучи каде ќе продолжи со докторатот. „Kорнел“ и понудил одлична програма за темата што ја интересирала на која се запишала во 2006 година. Тогаш имало многу малку трудови на таа тема, а и тие се чинеле еднострани. Врангалова објаснува дека сакала да даде поиздржана перспектива, дека не може да биде добро или лошо за сите, туку има и други фактори. Треба да се земат предвид и личноста на поединецот, социјалниот, еколошкиот и други фактори.
 
(превземено од „Дневник“)