Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати научници од Македонија во светот

Константин Апостолов

Константин Апостолов е роден на 17.04.1933 г. во Кочани. Матурирал во 1951 г. во гимназијата ’’ Цветан Димов ’’ во Скопје, а на Медицинскиот факултет во Скопје дипломира 1957 г.

Во 1958/59 г. специјализирал микробиологија во Институтот за хигиена, а во 1959/60 г., како корисник на стипендијата на Британската влада, специјализирал вирусологија во Регионалната лабораторија за вирусологија во East Birmingham Hospital во Бирмингем. По вракањето во Скопје ја основал Вирусолошката лабораторија при Хигиенскиот завод на Републичкиот завод за здравствена заштита. Од 1960 до 1963 г. ја водел и практичната настава по вирусологија за студентите на Медицинскиот факултет. Во 1963 г. по покана од проф.д-р T. H. Flewett е избран за Senior Registar in Clinical Virology во Регионалната лабораторија за вирусологија во East Birmingham Hosspital, Birmingham, Англија.

Во 1965 г. е избран за вирусолог во Институтот за вирусологија и хемотерапија, Wellcome Research Laboratories, Bechenham, Kent, а во 1972 г. и за предавач и консултант во Институтот за вирусологија во Royal Postgraduate Medical School и во Hammersmith Hospital, Лондон.

Во 1974 г. одбранил докторска дисертација на Универзитетот во Лондон, а во 1975 г. е избран за Senior Lecturer. Во 1982 г. е назначен за директор на Институтот за вирусологија, а 1988 г. за директор на Deltanine Research Ltd., Science Park, Brunel University, Middlesex, Uxbridge.

Научно-истражувачката дејност на проф. Апостолов во почетокот била насочена кон клиничка и лабораториска дијагноза на вирусни заболувања и електронска микроскопија на вируси, а подоцна кон истражување на мембраните на вирусите, механизмот на цитопатскиот ефект на вирусите, ефектите на репликација на вирусите врз метаболизмот и др.

Проф.д-р Константин Апостолов има објавено и 71 научен труд во реномирани светски списанија.

И покрај големиот работен ангажман, како Македонец проф. Апостолов одржува посстојани врски со Медицинскиот факултет во Скопје. Во 1984 г. е избран за редовен професор по микробиологија на Медицинскиот факултет во Скопје и неколку години по ред одржувал интензивни курсеви по вирусологија.

За член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав е избран во април 1994 г. во Одделението за биолошки и медицински науки.