Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати научници од Македонија во светот

Антоние Шкоклев

Антоние Шкоклев, роден е 1923 г. во Костур, Егејска Македонија. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Белград во 1950 г., специјалистичкиот испит по максилофацијална хирургија го положил 1962 г., по орална хирургија 1970 г. а докторира на ВМА 1965 г. За вонреден професор на ВМА избран е 1972 г. а за редовен 1977 г. Санитетски полковник е од 1967, а генерал-мајор од 1984 г. Основач е на Клиниката за максилофацијална и орална хирургија на ВМА и нејзин началник бил 20 години. Работел и како специјален советник при Европскиот центар за мир и развој на Обединетите нации во Белград и раководел со медицинскиот програм.

Како врвен хируршки стручњак, наставник и педагог Антоние Шкоклев учествувал во едукацијата по максилофацијална и орална хирургија на повеќе од 800 лекари од Југославија и странство и дал свој придонес за развојот на овие млади дисциплини, посебно во Македонија. Како угледен стручњак, со широк дијапазон на истражувања, познат и признат во светот, од страна на Светската здравствена организација ( WHO ) е избран за консултант по хирургија.

 

Шкоклев интензивно се занимава со научно-испитувачка работа, посебно во областа на масовната трауматологија при војни и природни катастрофи, онкологија на главата и тилот, пластична и реконструктивна хирургија, електро-анестезија, бол, традиционалната кинеска медицина ( акупунктура и Qi - gong ) -- каде е пионер во воведувањето, развојот и нејзиното организирање кај нас, нејзината интеграција во примарната здравствена заштита, во ветеринарството и стоматологијата и во создавањето на Меѓународна школа за традиционалната медицина во Белград.

Придонел за развојот на современите методи на дијагностиката и акупунктурната рефлексотерапија: електро, ласер, магнето и флуидо-пунктурата. Се занимава и со испитувања од областа на биотехнологијата и биомолекуларната електроника со цел создавање био-сензори, односно биочипови во дијагностички, терапеутски и технолошки цели, како и на развојот на здравствениот туризам. Има воведено девет технички иновации и објавено 195 научни и стручни трудови, од кои 8 книги.

За член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот ссостав избран е јуни 1986 г.