Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати иселеници бизнисмени од Македонија

Стив Пљакас

 

Стив Пљакас – Македонецот кој прв ги посети Калешите во Пакистан  

 

Стив Пљакас, или Стево Плаков, како што тој милува да се претстави е канадски Македонец, или македонски Канаѓанец по потекло од убавото македонско село Зелениче, Леринско, од егејскиот дел на Македонија. Тој е исклучително позната, призната и неодминлива личност меѓу Македонците во Канада и САД.

Бизнисменот Стив Пљакас е еден од најистакнатите Македонци кои се иницијатори, организатори и силни борци за афирмација и за одбраната на македонското многувековно име име, на Македонците ширум светот, Македонската православна црква и на духовниот живот чии корени се уште од мисијата на апостол Павле во македонската земја, пред две илјади години.

Стив Пљакас е особено активен во промовирањето на демократијата во Македонија за заштита на македонското име, знаме, Устав и промотор за признавање на Македонија како суверена, независна и самостојна држава на Балканот и на македонската вистина во светот. Се гордее дека е Македонец. Исто така, бизнисменот Стив Пљакас остварува блиски контакти со повеќе познати личности, дипломати и организации во светот во врска со моменталните настани и состојби и се бори за иднината на Македонија.

Стив Пљакас е роден на 2 јуни 1940 година во убавото село Зелениче, Леринско, во беломорскиот дел на Македонија, од татко Ламбро и мајка Гена. Тој оваа година го слави своето седумдесет и шесто лето Господово на наговиот бурен живот и успешна кариера.

Инаку, селото Зелениче е лоцирано на педесетина километри јужно од градот Лерин, на 5 километри југозападно од Ајтос (каде и припаѓа) и на три километри западно од езерото Зазерци во котлина во подножјето на Керечката планина, дел од планината Вич, на главниот пат од Сорович (Аминдео) за Костур. Селото лежи во една котлина обиколена од сите страни со високи сртови. Се смета дека селото Зелениче го добило името поради изобилството на зеленило во околината. Денес името на Зелениче е променето во Склитрон, а во него живеат Македонци и православни Турци (Просвиги).

Стив Пљакас беше сведок на македонското партизанско движење за слобода. Но, во исто време беше и сведок кога грчкиот фашистички поредок го направи црното сценарио за да прогони, да ги исели, а со тоа да ги избрише Македонците од својата земја, од своите вековни дедовски корени, а на нивно место да досели православни Турци (Просвиги).

Стив Пљакас е човекот на кого Македонија му е големата љубов. Тој неотстапно го брани се‘ она што е поврзано со Античка Македонија. Со неговата посветеност за зачувување на древните македонски корени, ја раширил вистината за Античка Македонија насекаде во светот. Меѓу другото, заедно со професорот Мајкл Димитри од САД се првите ентузијасти кои во 1995 година ги посетија и ги открија Калешите, народ кои се смета за потомци на Александар Трети Македонски (Велики) во Пакистан.

Работата и многугодишниот најразновиден ангажман со силен порив и признателност во македонска заедница во Канада, а и на Флорида, е поттик и пример како се афирмираат националните достоинства на северно-американските простори. Во импресивниот биланс, меѓу другото, се сместуваат организирањето на хуманитарни активности за спонзорирање на истражувачки работи од областа на историјата, културата, духовното живеење, спортот, собири, пикници и други активности за голема промоција и за исклучителна презентација на Македонците во дијаспората.

Стив Пљакас стана член многу оддамна, а подоцна и претседател на организацијата „Обединети Македонци“ во Торонто, една од најстарите македонски организации во Северна Америка. Во негово време како претседател се одржаа Средбите на протераните Македонци од егејскиот дел на Македонија. Потоа беше претседател на Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ во Торонто. Исто така беше претседател и најголем спонзор на Комитетот за олимписките игри од Канада, кој даде значајна финансиска помош за Македонците - олимпијци на Олимпијадите во 2004 година во Атина, и во 2008 година во Пекинг. Стив Пљакас е човекот кој го носеше македонското знаме пред македонските спортисти на двете олимпијади и беше најсрекниот Македонец во светот.

Меѓу другите активности во новата средина во Канада, Стив Пљакас стана член на масонската ложа во Њу Маркет. И како Масон е познат поборник за човековите права, а со тоа за правата на Македонците во Канада и во сите делови на Македонија и во светот.

Познатиот македонски бизнисмен Стив Пљакас заедно со својата сопруга Лили ја најдоа и ја почувствуваа слободата, демократијата и вистинскиот слободен живот во Канада. Затоа, тие се посветени канадски жители, почитувани, познати и признати граѓани на демократското мултикултурно канадско општество. Тоа им даде крилја тие да бидат големи хуманисти, донатори на многу важни национални и културни манифестации во Канада и Соединетите Американски Држави каде живеат и работат многубројни Македонци од сите делови на Македонија.

Стеве Пљакас долги години работи за Македонија, за Македонците и македонското прашање, обединувајќи ги македонските иселеници и Македонците во соседните земји со спонзорирање на социо-културолошки настани. Тој особено се грижи за своите сонародници во егејскиот и пиринскиот дел на Македонија, Македонците од Мала Преспа и на други места ширум светот. Притоа, донирал средства за хуманиратни и други организации во Република Македонија, меѓу кои и апарат за дијализа. Спонзорирал информативни гласила, портали, организации, цркви и друг вид асоцијации во неговата родна земја и насекаде во светот каде живеат Македонци. Стив е човекот кој е сопственик на големиот и единствен трговски центар „Македонија“ во Њу Маркет. Впечатливо дизајнираните рекламни табли на центарот „Македонија“ на некои им пркосат, а за многумина е место за препознавање и запознавање со Македонија како единствен од таков вид во македонската дијаспора.

Затоа со право се вели дека Стив Пљакас навистина е Македонец кој се посветил на националното прашање. Тој, со своето знаење, Господова надареност, интелигенција, итрина и приспособливост во новите демократски услови, успешно се снашол во Канада. Воден од љубовта кон Македонија и од нејзиното Сонце, како Големиот Александар,активен е и во Македонија. Цели дваесет години од осамостојувањето на Република Македонија, тој со срце, душа и голема љубов учествува во политиката, културата, медиумите и воопшто во социјално-општественото живеење и опстојување на својот народ и својата татковина, Македонија.

 

Македонските во дијаспората, особено во Канада и Соединетите Американски држави, имаат потенцијал и капитал да го зголемат присуството на македонските фирми во новите средини и да бидат македонски промотори кај канадските инвеститори и бизнисмени. Тоа е особено изразено кај Стив Пљалас кој по осамостојувањето на Република Македонија, активно се вклучи на македонската политичка и економска сцена. На меѓународен план, е еден од најголемите борци со директни ангажмани за зачувување и негување на бизнис интереси на Македонците во земјава и во светот, при што покрај бизнис зделките, посебно внимание посветува на националниот напредок.