Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Уметници од Македонија во светот

Вилијам Теодор Кочев,

Вилијам Теодор Кочев, роден  на 7 април 1931 година,  работи во филмската индустрија. Во својата биографија пишува дека е Македонец и по мајка и по татко. Во моментов како продуцент го подготвува новиот филм „1066“ што в година планира да го снима во Велс.


Извонредно талентиран режисер особено почитуван од филмскиот свет, пораснал во македонска заедница во Торонто каде што на само 24 години станал најмладиот режисер на драми во земјата. Работел паралелно и на театар и на телевизија.

Дипломира на отсекот за англиска литература на Универзитетот во Торонто. Веднаш му се придружил на тимот на Канадската корпорација за радиодифузија, во период кога телевизијата била во почеток. Кочев бил најмладиот директор во канадската радиодифузија, каде што работел две години на шоуа во театарот „Џенерал моторс“. Во 1958 година заминал од Канада за да живее и работи во Велика Британија. Денес Кочев живее во Беверли Хилс заедно со сопругата Лајфун и двете деца Александра и Томас. Тој има три деца од претходниот брак со британската актерка Силвија Кеј, која играла во неколку негови проекти.

Педесетина долгометражни играни наслови се запишани во неговата кариера. Речиси во сите нив работел со славни холивудски актери. Во последните 12 години бил и режисер и извршен продуцент на мегапопуларната серија „Закон и ред“.

Неговиот потпис стои на култниот класик „Животот на врвот“, филмот „Невообичаена храброст“(Унцоммон Валор) во кој играат Џин Хекман и Патрик Свејзи, филм што се вбројува меѓу најголемите драми за Виетнамската војна. А „Норт Далас Форти“ со Ник Нолти во главната улога, се смета за еден од најдобрите спортски филмови на сите времиња.

Прсти замешал и во успешни комедии: „Забавно со Дик и Џејн“ (со Џејн Фонда) и црната комедија „Викенд кај Берни“. Австралискиот „Будење во страв“ ( Њаке Ин Фригхт) беше прикажан во Кан во 1971 година и еден од најдобрите австралиски филмови кога било направени. Со Кристофер Рив го сними „Менувајќи канали“.

За филмот „Стажирањето на Дуди Кравиц“ во 1974 година освои „Златна мечка“ во Берлин. Токму со тој филм, славниот актер Ричард Драјфус се вивна во ѕвездите.

- Повеќето од приказните што ги работам ги засегаат луѓето што не се познаваат себеси – нагласува Кочев.

Негов најпопуларен наслов е „Прва крв“, односно првиот дел од серијалот за Џон Рамбо, што ги режирал Кочев. На прашањето зошто Рамбо не умира на крајот на филмот, иако во книгата е така, во интервју Кочев објаснува:

- Кога го избрав Силвестер за улогата, работевме заедно на сценариото. Тој има многу силна популистичка смисла. Дури снимавме, имавме добра идеја за што е филмот, но го напишавме крајот на неколку начини, имавме можеби 16 верзии, додека не ни текна ликот на полковникот да го убие. И кога не можеше тоа да го направи, Рамбо извршува харикири. Тоа е „алтернативен крај“ што може да се види на некое од дивидијата. Откако ја снимивме таа сцена, Силвестер ми пријде и ми рече дека ликот што ти не прошол - скока од карпи, го рануваат, кучиња го јадат - и сега да го убиеме? На публиката нема да ч се допадне тоа. Никој што ќе се реши да го дистрибуира, нема да сака да умре на крајот. И беше во право. Смешно беше што продуцентот не беше среќен со идејата. Ми вели дека веќе се согласивме да биде самоубиствена мисија, не смееме да го спасиме – вели Кочев.

Го замолил да му верува, сепак направиле тест-снимање со верзија во која Рамбо умира.

- Првото тест-снимање го имавме во предградие на Лас Вегас и дотогаш публиката не реагирала така, викаа од што им се допаѓаше филмот, но кога дојде сцената со харикирито, реакцијата се смени. Некој стана и рече: ако режисерот е во салата, нека се појави да го обесиме на првата бандера. Ја грабнав жена ми и побегнавме – се смее Кочев.

Со таа одлука Кочев стана главен виновник и за долгиот живот на Џон Рамбо на филмското платно, кој доживеа уште три продолженија. (МИА)