Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати иселеници бизнисмени од Македонија

Ѓорѓија - Џорџ Атанасоски


Господинот Ѓорѓија - Џорџ Атанасоски е роден на 18 февруари 1952 година во село Марул, Прилепско.

Во 1970 година заминува за Америка, Њујорк, кај својот постар брат Јосиф. Кариерата ја почнува како инженер, работејќи во Њујорк универзитетот. По петгодишен престој во туѓина, двајцата браќа Македонци, Јосиф и Ѓорѓија Атанасоски ја формираат фирмата Microflex Inc. Денес, на повеќе од 16.000 метри квадратни, во Ормонд Бич на Флорида, индустриски е лоциран комплексот на Microflex Inc. Оваа мултимилионска производствена корпорација, со комплетно автоматизирани погони, се занимава со изработка на флексибилни метални производи со врвен квалитет.

Сведоштво за тоа е долгогодишната успешна соработка на компанијата, сопственост на господинот Ѓорѓија - Џорџ Атанасоски, со светски познатите компании: Форд, Крајслер, Џенерал Моторс, Џенерал Електрик, НАСА и многу други фирми во светот. Поголемиот дел од бизнисот на Microflex Inc.  функционира интернационално, компанијата е вклучена во најразновидни индустриски гранки, како што се, петрохемиската, автомобилската, авионската индустрија, електричните централи, бродоградбата итн.

Во 1994 година господинот Атанасоски се кандидираше и за претседател на Република Македонија.
Во периодот од 1974 до 1980 година, господинот Атанасоски е член, а подоцна и секретар ; на една од најстарите македонски организации во Северна Америка, Македонската заедница во Њујорк, која ги промовираше македонската нација, историја и култура. Преку спонзорирање на социокултурните настани, тој успеа да ја обедини македонската заедница, активно соработува и со американските власти за унапредување на правата на  Македонците во САД. Исто така, шеф е на организацијата за заштита на македонското име, знаме, Устав, како и признавањето на Македонија како суверена држава од страна на земјите во светот.

Господинот Атанасоски ја имаше ретката можност пред највисоките претставници на Белата куќа да ја каже вистината за Македонија и за македонскиот народ. Неговото сестрано заложување секако даде свој придонес во признавањето на уставното име на Република Македонија од страна на САД, затоа што во една високоразвиена демократска  земја не може а да не се слушне и да не се почитува гласот на човекот, кој сите свои сили ги насочува кон поуспешниот развој нататковината.

На македонската, но и на светската јавност овој Македонец и е добро познат по своите aктивности во економијата, политиката и информирањето. Имено, татковината секогаш останува татковина каде и да си, барем во случајот на Ѓорѓија - Џорџ Атанасоски. Воден од неговото македонско сонце во родната грутка и никогаш нераскинливите врски со неа, тој  на недвосмислен начин повеќе од една деценија ја докажува својата приврзаност.

Со цел да создаде верба во независните медиуми во земјава, во 1994 година  го кофинансира, организира и етаблира првиот македонски светски неделник "Македонско сонце", како исклучително независен медиум. Во 1996 година ја основа и станува претседател на "МАК АМ Интернешенл Корпорејшн", меѓународна трговска компанија со филијали во Флорида, САД, Скопје и Прилеп, чија основна дејност е увоз и извоз на производи во и од Македонија. Воедно, тој е сопственик и на хотелот "Липа" и на фирмата "Жито Прилеп" од Прилеп.

Господинот Атанасоски во 1996 година ја формира и станува претседател на партијата Македонска алијанса.

Од 15 мај 2005 година и името на господинот Ѓорѓија - Џорџ Атанасоски ќе биде изгравирано и претставено во Американскиот национален конгрес. Имено, високиот дом на претставниците и американскиот Сенат со неколку резолуции ја поддржуваат Националната коалиција на организации, односно The Ellis Island Medals of Honor. Со ваквото признание оваа Национална коалиција ја одржува својата работа за доброто на светот, како главна инспирација на американските етнички групи, раси и религии.

При врачувањето на медалот, беше истакнато значењето на признанието, кое ги збогатува плурализмот и демократијата во САД, чии добитници покрај својот идентитет, стануваат и интегрален дел од американскиот живот".
Признанието кое го доби господинот Атанасоски претставува уште еден доказ дека Македонците каде и да се наоѓаат во светот, успеваат на високо ниво да се интегрираат во тамошните општества. Воедно тоа ќе претставува и инспирација и поттик за поголема ангажираност и дејствување на секое поле на македонската заедница во светот.

"Престижното признание Елис ајленд е создадено во 1986 година на 200-годишнината од независноста на САД и 100-годишнината од изградбата на Статуата на слободата. По ранг ова е второ највисоко цивилно одликување во Соединетите Американски Држави. Овој почесен медал досега го имаат добиено поранешните американски претседатели Ричард Никсон, Џералд Форд, Џими Картер, Џорџ Буш, Бил Клинтон, поранешниот  државен секретар на САД Медлин Олбрајт, кон-гресменот д-р Хенри Кисинџер, сенаторката Хилари Клинтон, нобеловецот Ели Вазал, светски познатиот глас Френк Синатра, артистите Кирк Даглас, Ентони Квин, поранешниот градоначалник на Њујорк Рудолф Џулијани, индустријалци, талентирани уметници, спортисти...".

Превземено од „Македонско сонце“