Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати научници од Македонија во светот

Сашо Глигоровски

„Физиката е наука која најблиску може да го објасни нашето постоење, универзумот, светот и животот. Ме фасцинираа процесите на небото и во атмосферата, па затоа истражувам во таа област“, вели професор Сашо Глигоровски, експерт по атмосферска физика и хемија. Работејќи на проекти поврзани со откривањето на факторите кои влијаат врз глобалната промена на климата, на Институтот за физика во Лајпциг и на универзитетот „Клод Бернар“ во Лион, Глигоровски открил неколку нови методи за поефикасно откривање на штетните промени во атмосферата. Токму овие успеси му ја овозможија професорската позиција на универзитетот „Прованс“ во Марсеј, каде предава неколку предмети од областа на физиката, математиката и хемијата. Вели дека работата и комуникацијата со студентите, размената на идеите и знаењата му претставува особено задоволство, но не и животот во Марсеј, град кој е презагаден и преголем за неговиот вкус. Затоа наскоро, со сопругата Лаура и децата Владимир (13) и Никола (10) планираат да се преселат во околината на Марсеј, каде е многу потивко и понезагадено...
Желбата да студира природни науки му се јави релативно доцна, во средношколските денови, бидејќи кога бил дете мечтаел да стане актер. Подоцна, во средното училиште многу ги засакал математиката и физиката, и затоа се запишал на Факултетот за физика во Скопје. Физиката е наука која најблиску, иако не и совршено може да го објасни нашето постоење, универзумот, светот и животот. Никогаш не зажалил што се запишал на Природно-математичкиот факултет, затоа што имал одлични професори и преку нив открил многу интересни работи. Така добил уште поголема желба да продолжи понатаму, да учи и да се усовршува. За време на студиите бил опседнат со некои прашања од физиката, па освен стручната литература што им ја нудеше факултетот, тој „висел“ во универзитетската библиотека и со часови читал руска и бугарска литература за физика.
Неколку години по дипломирањето работел разни нешта, вклучувајќи предавање физика во средно училиште, но сфатил дека треба да се обиде на друго место. По седум години заминал за Швајцарија. Додека престојувал таму аплицирал за докторски студии на неколку различни универзитети и од сите одговори најмногу му се допаднал тој од Лајпциг. Институтот за физика во Лајпциг, иако релативно млад (десет години), е еден од најдобрите за изучување на физичко-хемиските процеси релевантни за атмосферските промени во Европа. Таа тема во последниве неколку години е многу експлоатирана и актуелна. Било тешко да се добие докторатот, бидејќи имало силна конкуренција, со повеќе од 30 апликанти, но професорот Картмут Херман го избрал токму него.
Докторатот бил посветен на истражување на хемиските реакции меѓу радикалниот детергент на атмосферата и различните супстанции во водата, поточно во капките вода (магла,дожд...) со помош на ласер. Тој ги предизвикуваше и истражуваше таквите реакции, и потоа гледал каква е нивната импликација во атмосферата и врз климатските промени. Неговата докторска дисертација беше дел од голем европски проект во соработка со 11 други лаборатории од Европа. Проф. Глигоровски многу бргу постигнал добри резултати, па затоа професорот Херман му дал одврзани раце за овој проект. Проектот бил поделен на четири групи, од кои на едната Сашо бил лидер, односно менаџирал четири лаборатории во неколку различни градови од Европа, и поради тоа имал поголема одговорност од останатите. Имале постојани состаноци со останатите истражувачки групи, со кои ги споредувале добиените резултати. На крајот на проектот напишале финален извештај до Европската Унија, која одобри околу еден милион евра за продолжување на истражувањата. По првичниот успех и добиените понуди, го прифатил предизвикот да биде професор на универзитетот „Прованс“ во Марсеј, а воедно и да продолжи со својата научно-истражувачка дејност.

Гордана Настевска – Манасиевска
(преземено од „Теа модерна“)

Подготвила: Д. Ангелова