Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати научници од Македонија во светот

Д-р Цветан Синадиновски

Кон крајот на август во Македонија се одржа Меѓународна конференција за земјотресно инженерство што ја организираа скопскиот Институт за земјотресно инженерство  и инженерска сеизмологија (ИЗИС) и Програмата за развој при Обединетите Нации (УНДП), посветена на  40-те години од катастрофалниот скопски земјотрес и успешната реконструкција на градот. На неа учествуваа научници од 32 земји, разменувајќи ги при тоа своите научни искуства и достигнувања за заштита и превенција од земјотресите како природни катастрофи.
Меѓу нив имаше и 5 македонски научници од дијаспората. Еден од нив беше и д-р Цветан Синадиновски, геофизичар, вработен во Австралискиот федерален центар за сеизмологија во Канбера. Негова потесна специјалност е мониторинг и анализа на земјотреси.Роден е во Скопје 1959г. каде што го завршува основното и средното образование, како и првите две години студии на Природно-математичкиот факултет. Потоа заминува во Загреб за да ги продолжи студиите по геофизика, каде што потоа специјализира и магистрира во областа на сеизмологијата на Загребското сеучилиште, во 1986г. Од 1990г. до 1994г. образованието го продолжува на докторските студии на Флиндерс универзитетот во Аделаид, кој што е еден од најреномираните универзитети за геофизика и земјени науки. Во Аделаид доаѓа по престојот во Калифорнија, САД каде што преку скопскиот Институт за земјотресно инженерство и сеизмологија, исто така работи во областа на сеизмологијата.Од каде опсесијата да се занимава со оваа наука? На ова прашање д-р Синадиновски ни рече:
-Иако имав само 4 години кога се случи катастрофалниот земјотрес во Скопје, трагичните настани се врежаа длабоко во мојата душа. Уште од најрана возраст почнав да се интересирам за тоа дали земјотресите можат да се предвидат или спречат. Гледано од денешен аспект, сфатив дека занимавањето со оваа егзактна наука има и хумани димензии. Стремежот човекот да се бори против природните катастрофи е неопходен за опстојување на човештвото, бидејќи ако сме немоќни да ја спречиме стихијата, нејзните ефекти можат да се контролираат или ублажат.
Затоа и оваа Меѓународна конференција што ја организира ИЗИС има големо значење бидејќи нејзина главна цел е размена на научни искуства од оваа област. Имено истата е посветена на специјалните закони за градба на објекти во трусни подрачја како што е скопскиот регион и медитеранскиот појас пошироко кои се подложни на силни земјотреси.
Конференцијата имаше повеќе стручни теми од областа на земјотресното инженерство и сеимологија, а ги опфати и аспектите на социјалното, економското и урбаното планирање во периодот по земјотресот. Беше истакнато дека скопскиот земјотрес од 1963г. ги иницира законите за асеизмичко проектирање во многу земји, вклучувајќи ја и тогашната Југославија, а исто така послужи и како платформа за формирање на Европското Здружение за земјотресно инженерство.
Во своето излагање, Д-р Синадиновски направи споредба на скопскиот земјотрес со земјотресот од слична јачина што се случи 1979г. во Западна Австралија. Инаку, тој има одржано многубројни семинари и предавања од областа на сеизмологијата на факултетите и сеизмолошките центри низ Австралија и Пацифичкиот регион, Северна и Јужна Америка, Африка, Кина и Јапонија. Неговите трудови се објавени во врвни светски списанија за сеизмологија и геофизика.
Тој е исто така активен и во емиграцијата. Во Канбера ја извршувал должноста секретар на Македонската православна црковна заедница „Св.Климент Охридски“ од 1997г. па се до сега. Исто така е секретар на Македонско-Австралиската Хуманитарна Организација (МАХО) формирана во 2001г., а е почесен член и на многу меѓународни научно-културни организации и здруженија. Во организацијата на Канберскиот мултикултурен фестивал учествува од 1999г. Како претставник на Македонската заедница има остварено бројни средби со министрите од областа на имиграцијата и мултикултурализам, како и со пратениците во Федералниот Парламент. Има редовни работни средби и контакти со владини и невладини организации, со центри за социјална заштита, црковни општини, федерална полиција, отсек за визи, преведувачки центри, практично во сите ситуации каде што треба да се застапуваат интересите на нашите иселеници.
Неговото доаѓање во татковината, д-р Синадиновски го искористи и за присуство на свеченостите што по повод 100-годишнината од Илинден се одржаа во Македонија. „Јас го чувствував тоа како патриотска должност да дојдам во Крушево токму на овој голем светол настан за нас Македонците од целиот свет и сум многу горд на тоа. За мене македонија е нашата одредница, нашето минато, сегашност и нашата иднина.“

Лидија Неделковска