Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати научници од Македонија во светот

Кристијан Димитриевски

КРИСТИЈАН ДИМИТРИЕВСКИ, ФИЗИЧАР НА УНИВЕРЗИТЕТОТ ВО ГЕТЕБОРГ ФИЗИКАТА МИ ГИ ОДГОВАРА ПРАШАЊАТА ЗА ЖИВОТОТ

Кристијан Димитриевски потекнува од Куманово, но е роден и израснал во Шведска. Тој е доктор по физика и постар истражувач на универзитетот во Гетеборг, Шведска. Отсекогаш го провоцирале прашањата за содржината на универзумот и животот, а го фасцинирала природата, па токму затоа и физиката, како наука која може да даде најпрецизен одговор на овие теми, била и негов професионален избор. По дипломирањето и магистерските студии во 2000 година на Универзитетот во Гетеборг, одлучил да го доусоврши своето знаење на Техничкиот факултет во Копенхаген, Данска. И на двата универзитета тој работи на исклучително важни проекти за човештвото, поврзани со медицината и екологијата. Неговата главна алатка е компјутерот, а работи на конструирање компјутерски модели за комплицирани биофизички системи, како што се биомембраните и протеините, се со цел за нивно подобро разбирање, а со тоа и полесно и порано дијагностицирање на тешките болести. Освен во проект за симулација на липидните меури, Кристијан има дадено голем придонес и во проект за користење на сонцето и водата, како извори на енергија кои не ја загадуваат околината... Но и покрај тоа што е професионално премногу ангажиран, тој вели дека секогаш има вреие за сопругата Ана, синот Џулиус (5) и ќерката Линеа (1)...

■ Ввлите дека уште од мал сте си поставувале многу прашања за вселената, животот, природата, луѓето.... Дали сметавте дека физиката, давајќи Ви ги одговорите, ќе го скроти тоа Ваше љубопитство?

Да, бидејќи физиката тоа најдобро го објаснува. Постојано поставував најразлични прашања за сите овие нешта, и затоа кога бев тинејџер одлучив да се запишам на колеџ за природни науки, каде учев до 19-тата година. Тогаш дознав дека Универзитетот во Гетеборг има одлична програма за физиката, која беше и многу тешка за учење. Всушност, студиите по применета физика се и најтешките во Шведска. Бидејќи сакам предизвици, се запишав, студирав физика и математика, секако, морам да признаам и дека беше многу, многу тешко! (се смее) Но, од друга страна, пак, научив многу нешта и ми беше неверојатно забавно. Во тие четири и пол години студирање запознав неверојатни луѓе, многу чудни, но и многу интересни, а професорите беа прекрасни. Ми се допадна програма, а и тоа што предавањата беа само на англиски јазик!

■ Ви овозможија ли студиите одговори на Вашите прашања?

На некои да, но повеќето од нив останаа неодговорени! Јас имам толку многу прашања на ум, што е тешко да ги одговорам сите во мојот животен век (се смее). Бев среќен што научив од што е составен универзумот, а тоа за почеток беше сосем доволно. Особено важно ми беше што ги совладав физиката и математиката и сите новитети во овие две науки. Ако тоа го совладате, подоцна можете да правите што сакате! Со тоа образование многу полесно ги сфаќам нештата за нашиот свет. Вистина е дека колку повеќе учите, толку повеќе сфаќате дека ништо не знаете, но сепак јас научив многу и сум среќен што сум многу сигурен во моите знаења и во мојата работа. Ги сакам животот и светот, луѓето и животните...

■ Дипломиравте на Универзитетот во Гетеборг и на Чалмерс универзитетот за технологија, каде се занимававте со конструирање компјутерски модели за комплицирани биофизички системи, како биомембрани и протеини, за нивно подобро разбирање. Вашата дипломска работа беше симулација на липидни меури... Може ли да ми објасните за каков процес и за какво истражување станува збор?

Моите истражувања се особено важни за откривањето нови лекови и за нови дијагностички методи во медицината. Моите истражувања се користат и за изработка на сензори за дијагностика и воопшто во медицината, за конструирање нови материјали за импланти за телото; како на пример: вештачки заби, коски, кожа, крвни садови..., како и за изработка на биоелектроник, односно изработка на “електрични" спроводници изработени од неврални клетки (мозочни клетки). На пример, ако некој го загуби рамото, тогаш ќе му биде потребна протеза или таканаречената “пластична" рака. Тогаш се изработуваат биочипови кои ги препознаваат електроимпулсите испратени од мозокот до биочипот, за да може да се контролира движењето на пластичното рамо. Така личноста ќе може да ја движи раката со мислите, исто како што правиме сите ние со “нормално" рамо и рака.

■ Дали конструирате материјали кои можат да се употребуваат во медицината?

Не! Јас не конструирам, јас сум само теоретичар. Има екипа од доктори и инженери, наречени експерименталисти, кои прават експерименти со добиените резултати, со цел да разберат што е можно подобро како функционираат клетките во нашето тело. Клетките се микроскопски делови од нашето тело, кои се екстремно комплицирани, и научниците прават експрименти за да можат да дознаат што е можно повеќе за нив. Но тие не смеат да ги прават експериментите на се, па тогаш влегувам јас во игра - правам компјутерска симулација на проектот за да видиме како ќе функционира. Експериментот и теоријата одат рака под рака, соработуваат и се надополнуваат. На пример: направив компјутерски модел на протеини, кои се најкомплицираните молекули на планетата Земја. Протеините диктираат речиси се во нашето тело; како хромозомите, ензимите, мозочните активности... Јас студирав за тоа како
се формираат протеините, но тоа беше одамна. Сега (преку компјутерската симулација) студирам, учам за клеточните мембрани, кои се исто така многу важни за правилното функционирање на нашето тело.

■ Техниката или методот за истражување наречек “Монте Карло" е симулација која многу често ја користите во истражувањата. Што значи таа техника и зошто е Ваш избор?

Името на оваа техника е добиено по градот Монте Карло, градот на коцкањето, кое е “поврзано" со суштината на оваа метода, а јас ја избрав бидејќи одлично ја владеам и сум најмоќен кога истражувам со неа. Таму се користат случајно избрани броеви (значи како коцкањето) на паметен начин, и се комбинираат и користат за решавање математички и физички проблеми. Јас постојано ги следам сите нови остварувања во полето на физиката и математиката; читам најнова литература, ги следам новите објавени резултати и трудови. Тој процес е како конструирање нови мобилни телефони. Никој не сака да прави мобилен телефон што веќе постои, затоа што никој и нема да го купи. Така и јас морам постојано да истражувам и да следам што се е откриено во однос на протеините и да нудам резултати кои никој досега не ги објавил. Не се менувам во однос на методите што ги користам, но многу размислувам и често настапувам со нови идеи. Потоа со останатата екипа ги тестираме идеите. Многу од нив на крајот не даваат добри резултати, но мора да се проба. Значи: идеја - правење модел – “ставање" во компјутер - тестирање - резултати - објавување. Тоа е начинот на кој функционирам.

■ По петгодишна работа на Универзитетот во Гетеборг, каде и се здобивте со титулата доктор по физика, се запишавте на постдокторски студии на Техничкиот универзитет во Копенхаген. Но, таму се посветивте на сосем поинаков проект...

Да, по постдипломските студии и работата на Универзитетот во Гетеборг, сфатив дека ми треба уште искуство, но и сакав да останам во академскиот живот, да правам уште истражувања, но и новите студии ми овозможуваа и повисока професионална позиција и секако, повеќе пари (се смее). Во Копенхаген престојував една година и на Техничкиот универзитет работев на повеќе различни проекти, но најзначаен од нив беше проектот, односно истражувањето на новите енергетски системи за иднината.
Кога нафтата, гасовите, ураниумот нема веќе да ги има, тогаш мора да се користат други извори на енергија. На пример, Кина и Индија и другите понеразвиени земји за брзо време ќе станат “модернизирани" и ќе има многу автомобили, телевизори, компјутери, мобилни телефони, што ќе ја зголеми потрошувачката на енергија, а со самото тоа ќе се намалат изворите на енергија. Во земјата нема доволно нафта и ураниум за да се снабдат сите земји во светот, или да го имаат сите земји во светот стандардот што постои на Запад. Тогаш ќе нема доволно електрична енергија за да се загреат сите куќи во текот на зимата. Затоа ние сме во постојана потрага по извори на енергија. Најинтересен засега е проектот за користење на водата како извор на енергија. Кога ќе се раздвојат молекулите на водата, се добмваат чисти молекули на хидроген, а хидрогенот е гас. Тогаш хидрогенот како гас може да се користи како согорувачки материјал за произведување на електрична енергија и толлина. Убавото нешто тука е што кога се согорува хидрогенот се добива вода! Тоа значи ЧИСТ извор на енергија. Велам ЧИСТ, што значи дека нема ослободување на опасни хемикалии, туку чиста вода. Водата станува хидроген, а хидрогенот станува повторно вода! А, тоа е совршено! Но, има и друг момент, а тоа е дека раздвојувањето на молекулите на водата бара многу енергија и тука е главниот проблем. Но ние пронајдовме уште неколку други извори на енергија. Можеме да ја користиме сончевата енергија за раздвојување на водата, но овој процес се уште се истражува. Освен тоа, за раздвојување на водата може да се користи и моќта на водопадите... И така целата Земја може да биде “придвижувана" само со сончевата енергија, а тоа значи отфрлање на употребата на нафтата и другите масла, ураниумот... кои оставаат штетни гасови. Сончевата енергија ќе биде сосем доволна за произведување енергија за целиот свет, но истражувањата не се завршени, има уште многу нешта што треба да се направат. Во овие истражувања се вложуваат и многу пари, компаниите и научниците не штедат, затоа што веќе сме на самиот раб еколошки да ја уништиме планетата Земја.

■ Необично е што бевте ангажирани на сосема различни проекти. Зошто таков трансфер од медицината на екологијата?

По постдокторските студии во Данска, се вратив во Гетеборг за да работам повторно на биофизички истражувања. Сакав повеќе да дознаам за клеточните мембрани, затоа што тие се многу важни за медицината и за лекувањето на тешките болести. Се вратив на ова поле повторно, токму поради неговата важност за човештвото, а јас сакам да придонесам за поквалитетното живеење.

■ Вие имате статус на постар истражувач на Гетеборг универзитетот, но дали освен истражувањата имавте можност и да предавате, да ги прекесете искуствата, резултатите и новините од истражувањата на студентите?

Да. Додека бев постдипломец имав можност две години да предавам механика и теорија на релативитетот, а освен тоа три години приватно предавав математика и физика. За мене, предавањето беше многу убаво искуство. Сега не можам да предавам поради обврските, но се надевам дека еден ден повторно ќе имам можност да се дружам со студентите. Предавањето бара многу време и енергија, но е и многу забавно! Сега сум посветен само на истражувањата. Мојата лабораторија е мојот компјутер. Порано, пред да станам сопруг и татко, поминував многу време пред компјутерот, но сега нештата се изменети.
■ На многу професионално ангажирани луѓе менаџирањето на времето не им оди од рака, како Вие успеавте еднакво да бидете успешен инженер и да имате доволно време за семејството?

Мојата сопруга Аиа ми го наложи тоа (се смее)! Се шегувам! Не сакам да бидам отсутен татко, па се потрудив и сфатив дека има време за се. Така, моето работно време го ограничив само на осум часа и верувајте успевам да постигнам се! Уживам кога сум со Ана и со нашите деца Џулиус (5) и Линеа (1). Мојата сопруга Ана потекнува од Северна Кореја, од каде заедно со нејзината сестра е посвоена во Шведска и токму поради тоа таа ме научи колку е важно семејството.

■ Имате ли исто така интересна љубовна приказна, како онаа за Вашиот професионален живот?

Јас сум многу, многу среќен човек! Ана е прекрасна личност, ја запознав на факултет. И таа студираше математика, но за време на студиите не се запознавме лично и не зборувавме. Првпат ја видов кога имав 19 години и единственото нешто што го знаев беше дека е најубавата девојка што сум ја видел во мојот живот и дека мора да ја запознаам подобро. Дури кон крајот на студиите се запознавме, затоа што таа одлучи да ги посетува часовите по математика и физика на кои одев и јас. И така се запознавме, почнавме да разговараме... и направивме деца! (се смее). Има интересна приказна во однос на нејзината сестра, која е идентична близначка на Ана. На почетокот не можев да ги разликувам, па често правев забуни (се смее). Единствено можев да ги препознаам по бојата на гласот.

■ Потекнувате од Македонија, па каква е историјата на Вашето семејство? Сте ја посетиле ли некогаш земјата од која потекнувате?

Да, во Македонија доаѓав многу често и она што ми остана во сеќавање е љубезноста на Македонците! Моите родители потекнуваат од Куманово, но заминале во Шведска во почетокот на 60-тите годиии од минатиот век, па јас и мојата сестра Марина сме родени тука. Како дете скоро секое лето го поминував таму. Но, како што растев посетите на Македонија се намалуваа поради училишните, а сега и професионалните обврски. Но се уште ги одржувам контактите со неколку мои пријатели кои живеат во Скопје. Се надевам дека наскоро повторно ќе се видам со нив!

■ Имате ли други интереси освен следење најнови научни трудови?

Сакам многу да спортувам. Уште кога бев многу мал, бев одличен во неколку спортови и на училиште многу често ги соборував рекордите во атлетика. Освен тоа, тренирав фудбал, кошарка, карате, кунг-фу, вежбав и се уште вежбам јога. На факултет, на групите на кои им предавав физика, им бев и учител по јога. Освен тоа, многу ја сакам музиката. Мои омилени музичари се класиците Стравински и Моцарт, а потоа U2, Стинг, Екатерина Велика. Но, освен што слушам, јас и свирам. Имаме беид со кој веќе долго време создаваме музика и која наскоро треба да ја снимиме и да ја објавиме во албум. Имам еден пријател кој е режисер во една шведска телевизија и тој ќе биде авторот на видеозаписите за нашите песни. Нашиот бенд се уште нема име, но важна е музиката што ја создаваме (поп/рок) и колку во тоа уживаме. Успвав да усовршам неколку програми за создавање музика и со нив правиме лудило, инаку освен на компјутер свириме на гитара, тапани, бас и клавијатури.

Гордана Настевска-Манасиевска
Превземено од “Теа“