Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати научници од Македонија во светот

Невенка Димитрова

Професор Невенка Димитрова е истакнат научник и истражувач во „Филипс“ веќе 12 години. Таа се наоѓа на една од најважните позиции во компанијата, односно е таканаречен fellow research во истражниот оддел на компанијата, со седиште во Њујорк. Десет години таа беше лидер на лабораторијата работејќи на повеќе проекти поврзани со усовршување на технологијата за домашна употреба и проекти од областа на биоинформатиката. Веќе година и пол таа живее во Бенгалор, Индија, но наскоро повторно се враќа во Њујорк. Биоинформатиката е област на која е посветена во последниве шест години, учествувајќи во пронаоѓањето и изработувањето на нови методи за предвидување на тешките болести. Според д-р Димитрова тоа е иднината на медицината, односно предвидување на болестите според личниот генетски код.
Освен истражувачката работа во „Филипс“, таа е научник и истражувач во еминентната лабораторија „Cold Spring Harbor“ (местото каде е откриена ДНК) и научник на универзитетот „Колумбија“. Нејзината професија бара многу енергија и вложување, но Димитрова вели дека секогаш има време за семејството и за другите нешта кои ја интересираат – како свирење класична гитара, практикување паневритмија (медитативен танц) и секако за уживање во телевизиските програми.
Во периодот додека студирала на Природно-математичкиот факултет добивала многу малку информации за се она што се случувало во светот, во науката. Сите трудови ги обезбедувала од „British Library“, но било многу скапо. Сфатила дека на тој начин нема да може да напредува и почнала да размислува за преселба. Знаела дека во Америка во тој период се случувал целиот развој на компјутерските науки и дека е најдобро да се биде до изворот. Од 1989 до 1995 година била на „Arizona State University“, каде ги заврши докторските студии, а од април 1995 стана дел од истражувачкиот оддел на „Филипс“. До 2006 година била во истражувачката лабораторија во Њујорк, а од лани е во истражувачката лабораторија на „Филипс“ во Бенгалор, Индија. Во Бенгалор отишла на две години и има уште неколку месеца за да се врати повторно во Њујорк. Индија била нов предизвик, бидејќи тоа претставува нова светска силиконска долина.
Пред две години почнала со значајни проекти во однос на биоинформатиката. „Филипс“ е голема компанија каде се произведуваат многу производи – од апарати за домаќинството до софистицирана медицинска опрема. Во иднина, медицината ќе се развива на молекуларно ниво, поле во кое ќе се случуваат најголемите истражувања и каде ќе се развиваат направи што ќе им помагаат на лекарите во дијагнозата и терапијата на болестите. На пример, кога се работи за рак на дојка, има слика на канцер на две жени и сликите изгледаат исто. Така не се знае дека едната од жените може да почине, а другата да ја преброди болеста. Прашањето е: дали може на молекуларно ниво да се одреди кој е генетскиот профил кој одредува како пациентката ќе одговори на терапијата. Современата дијагностичка метода го гледа ткивото, додека биоинформатиката го гледа изобилството потклеточен материјал, односно на нивото на ДНК и РНК. Денес е позната тнр. TNM (тумор, ноде, метастазис) класификација, но и таа не е доволна за предвидување на појавата на канцерот, смета Димитрова. Процесот на изработување на нови методи се вика генетски профил. На пример, на едно мало парче стакло, 2х2 сантиметри, постојат 385.000 и секоја од нив има фиксирано ДНК на која се става ДНК-примерок од пациентот за да се види кои од тие гени се активни, а кои не се активни. Денес, во светот има 12 милиони нови случаи на рак годишно, од кои речиси 40 отсто немаат шанса да преживеат, вели д-р Димитрова. Тоа е доволен податок дека денешните методи на откривање на канцерот не се доволни, а на почетокот на 21 век проблемот се уште не е решен. Сега медицината е постепизодна, бидејќи се реагира и се откриваат болестите дури откако ќе се појават симптомите. Нивна цел е медицината да ги предвиди заболувањата.
Д-р Димитрова е навистина сестрана личност, за патенти во областа на процесирање сигнали во електронски уреди (има 43 патенти и повеќе од сто научни трудови) „Филипс“ ја награди со сребрен медал за иновации. На интернационално ниво претседавала на разни научни конференции и има одлична комуникација со многу светски професионални организации, како IEEE и АСМ, каде што има неколку функции. Покрај ангажманот во компанијата има и многу студенти на магистерско и докторско ниво, а од 2002 до 2005 година била визитинг професор и истражувач на универзитетот „Колумбија“, а паралелно и визитинг научник во „Колдспринг Харбоур Лаборатори“ на Лонг Ајленд во Њујорк.
Среќно е омажена за свој колега, со кого има две ќерки Амити (10) и Ливија (3). На крајот, запрашана кој е нејзиниот професионален сон, ни одговори дека работејќи и растејќи професионално во интернационална средина, со колеги од целиот свет, дошла до сознание дека во многу земји постојат разни асоцијации (друштва или академии), каде дијаспората (особено од науката) има начин да придонесе за својата матична земја и да биде од корист. Таа смета дека ние како мала земја би можеле многу да добиеме со таква една асоцијација (или оддел од нашата академија на науките и уметностите). Познава најмалку 30 доктори на науки од македонско потекло по светот, а сите тие умови придонесуваат за науката генерално или во земјата каде што работат. Нејзината замисла е да се создаде организиран начин тие луѓе да станат достапни на татковината и таа работи за остварување на таа цел.

Гордана Настевска-Манасиевска
(преземено од „Теа модерна“)

Подготвила: Д. Ангелова