Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати научници од Македонија во светот

Ива Ивановска

Ива Ивановска е доктор на науки по биохемија и асистент и истражувач на „Харвард“ повеќе од една година. Хемијата и биологијата отсекогаш и биле особено интересни, дури мистични науки. Дипломирала на колеџот „Смит“ во Масачусетс, за потоа образованието да го продолжи на престижниот универзитет „Харвард“, каде сега е дел од тимот на универзитетската лабораторија и работи на повеќе истражувања. Нејзино најважно и најзначајно истражување е експериментот со квасците, во кој таа, обидувајќи се да го открие процесот на апоптоза, успеала да докаже дека тој процес постои и кај квасците и дека може да се примени и за откривање и лекување на тешки болести и кај човекот. Сето тоа е одлично искуство, можност за поголеми откритија и создавање препознатливо име во науката. Ива планира да помине уште една година на „Харвард“, а потоа да работи во индустријата, за што го чека вистинскиот момент...
Во нејзиното семејство отсекогаш се зборувало дека Ива ќе студира во Америка. Прва и втора година средно образование завршила во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“, а потоа заминала во Америка, поточно во Конектикат, сместувајќи се кај г-ѓа Су (пензиониран професор по психологија и доктор на науки). Нејзина гостинка била само една година, бидејќи трета и четврта година ги зела наеднаш. Усмерена од нејзината менторка се запишала на колеџот „Смит“ во Масачусетс. Одлучила да студира физика и математика, но интересот постоел до моментот кога почнале да изучуваат премногу теорија, па се префрлила на хемија и биологија. Нејзин омилен предмет на интересирање е молекуларната биохемија и поради прекрасните лабораториски услови, дури и преку викендите ги следела експериментите.
По дипломирањето на колеџот „Смит“, продолжила на постдипломски студии на универзитетот „Харвард“. Главната причина била опременоста на лобораторијата. Во 2005 докторирала и оттогаш работи како асистент и истражувач, како дел од постдокторските студии. Две години била посветена на истражување на апоптоза – еден вид на умирање на клетките. Всушност, има два вида умирање на клетката – некроза, кога клетката умира трауматично по некоја повреда и апоптоза, што значи програмирана смрт на клетката. Ваквите истражувања може да донесат многу добри резултати во однос на дијагностицирањето и лекувањето на ракот, а и на други болести. Клетките кај канцерот неконтролирано се размножуваат, па со апоптоза може да се програмираат да изумрат, а тоа претставува еден вид негово лекување.
Кога започнала со проф. Харстли да работат на апоптоза кај квасците, тоа звучеше и изгледаше многу контроверзно и имаше различни реакции и коментари од другите професори од нивната област. Но, и покрај тоа продолжиле упорно да работат на експериментот и нашле протеин кај квасците, кој има ист состав како и кај човекот. Постојат и вируси кои инфицираат квасци. Тие се најдени во буриња со пиво, односно пивото било расипано затоа што таму постоеле вируси кои ги убиле квасците и така пивото не можело да ферментира, процесот застанува и тоа се расипува. Проучувајќи ги вирусите, д-р Ивановска успеала да докаже дека кога вирусите ги инфицираат квасците, ги убиваат по пат на апоптоза. Со тоа објаснила како би изгледал тој процес и кај човекот и на оваа проблематика работела напорно две години.
Сега на постдокторските студии работи со друг професор и тоа на транскрипција на протеините, односно претворањето на ДНК во РНК. Запрашана дали воопшто има време за слободни активности, одговори дека целосно е навлечена на постојана работа во лабораторијата и истражувачката дејност, но доколку се појави слободен термин, го користи за прошетки во природа, кампување и возење велосипед со нејзиното момче со кое во врска веќе осум години.

Гордана Настевска-Манасиевска
(превземено од „Теа модерна“)

Подготвила: Д. Ангелова