Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати научници од Македонија во светот

Магдалена Пунчева Марина

Штипјанката Магдалена Пунчева Марина е истражувач во Европскиот центар за нуклеарни истражувања ЦЕРН во Женева, Швајцарија. Нејзина специјалност е информатиката, работи на истражувања во областа на дистрибуирани системи и важи за исклучително ценет млад научник во ЦЕРН, кој пак се смета за најголем центар за нуклеарна физика во светот и кој работи под покровителство на 20-тина европски земји. Засега таа е единствениот истражувач од Македонија што директно учествува во реализацијата на истражувачките проекти во Церн. Советот на нејзиниот роден град Штип, неодамна и додели признание за нејзините досегашни достигнувања во науката и со тоа ја вброи меѓу личностите со кои градот посебно се гордее.
Магдалена Пунчева Марина, 31-годишна штипјанка, веќе една година е дел од истражувачкиот тим на ЦЕРН – Европскиот центар за нуклеарни истражувања во Женева, Швајцарија. Таму Магдалена работи како истражувач во областа дистрибуирани системи, откако во август 2006 година докторира на Швајцарскиот федерален институт за технологија во Лозана – ЕПФЛ. Во родниот град Штип, неодамна и доделија признание за придонес во науката. – Среќна сум што моите сограѓани ја ценат мојата работа и резултатите постигнати во Швајцарија. Признанието, секако, ми претставува и мотивација за нови успеси – вели Магдалена. Во овој град таа уште како ученичка ги забележува првите успеси на натпревари по математика, што и било доволен мотив да се определи за студии по компјутерска техника, информатика и автоматика на Електротехничкиот факултет во Скопје. По дипломирањето заминува на усовршување во Лозана, Швајцарија и таму живее веќе седум години.
Во 2001 година започнала со работа на докторатот од областа п2п мрежи, коишто тогаш штотуку почнаа да се развиваат. Имено, кај п2п мрежите секој јазол (компјутер) се јавува и како клиент и како сервер, и придонесува со своите ресурси во обезбедувањето на сервисите. Овој проект беше финансиран од Швајцарската национална фондација за истражување. Подоцна, кога заврши со докторатот, тој концепт навистина стана популарен и основа за најразлични апликации, како на пример чување и пребарување на фајлови, но и пренос на говор и видео. Како еден од првите дизајнери на таа мрежа вратите и беа отворени за понатамошни нови предизвици и таа се определи за ЦЕРН. Инаку, ЦЕРН е центар на информатиката и како пример може да се посочи фактот дека World Wide Web e измислен токму таму, како резултат на потребите на физичарите за организирање и пристап до податоци од големи размери.
Колку што е информирана, во ЦЕРН нема други Македонци. Генерално кажано, има релативно малку Македонци на факултетите во Швајцарија, со оглед на тоа што македонската заедница е бројна и искрено се надева дека во иднина тоа ќе се смени.
Инаку, задоволна е од досегашните резултати, но секако работи на уште поголеми достигнувања. Освен тоа, смета дека успехот е комплетен ако е постигнат и на професионален план и на приватен. Во Лозана е со нејзиниот сопруг Нинослав Марина. Се запознале уште за време на студиите во Скопје. Тој по професија е електроинженер, дипломираше на Електротехничкиот факултет во Скопје, а исто така докторираше на Швајцарскиот федерален институт за технологија во Лозана – ЕПФЛ од областа на теоретските телекомуникации. Моментално живат далеку еден од друг, бидејќи тој веќе неколку месеци престојува на Универзитетот во Хонолулу, како визитинг-истражувач од областа теорија на информациите.
За крај, мисли дека би било убаво да се започне соработка со некои од нашите институции, а за почеток тоа може да бидат научни проекти. Смета дека е убаво во Македонија да се пренесат знаењата и искуствата здобиени во Европа.

Гордана Колевска
(превземено од „Теа Модерна“)

Подготвила: Д. Ангелова