Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати научници од Македонија во светот

Д-р Стивен Трпковски

Д-р Стивен Трпковски е електроинженер и сопственик на една од поинер-компаниите во областа на оптичките компоненти во Мелбурн, Австралија. Неговата компанија “Vbragg” постои пет години, и е веќе етаблирана на интернационално ниво, а тој работи на „подигање“ на својата втора фирма. Во првенчето “Vbragg” со тимот научници работат на произведување оптички уреди за авијатиката, рударството, градежништвото, морнарицата и вселенската индустрија.
Оваа професија, според д-р Трпковски бара голема одговорност, бидејќи се работи на проекти, за кои е неопходна строга професионалност, во што неговата екипа е докажана.
Тој е роден во Мелбурн, но неговите корени се од Битола. Покрај професионалните обврски, има време и за другите интереси, особено за спортот, риболовот и едрењето, а од секое деловно патување во Европа „краде“ неколку дена за посета на Македонија.
Неговите први интереси за оваа област датираат од многу одамна. Но, она што најмногу го интересирало и фасцинирало биле оптичките компоненти. Уште во средината на 90-тите години започна применувањето на оптичките апарати во областа на телекомуникациите, и сето тоа продолжи со рапидна експанзија во индустријата, а токму тоа го привлече во оваа област. Според д-р Трпковски, инженерството има многу „чиста“ и прецизна дефиниција, а тоа е решавање проблеми. Инженерските решенија и се корисни на целата заедница и токму тоа е главниот поттик за да продолжи на тоа поле. Кога дипломирал, се запишал на постдипломски студии, на кои ги развивал неговите знаења во полето кое му било предизвик. За среќа, му беше дадена можност да преземе одговорност во постдипломската програма, како предавач на Универзитетот во Мелбурн на полето на електроинженерството. За него, тоа беше многу интересно искуство да го сподели неговото знаење и страст со наредните генерации на потенцијални научници.
На почетокот на компанијата требаше да се одлучи за кои производи ќе се насочат и денес во халите на “Vbragg” се произведува широк спектар оптички уреди и инструменти. Тоа се производи за голем број индустрии, со што се овозможува следење на „здравјето“ и безбедноста на разните структури, како барање на пукнатини на мостовите, или мерење на температурата во рафинериите со што ќе се спречи можноста за појава на пожари и други сериозни оштетувања. Сега работат на имплементирање на нивни сензори за воените авиони, кои се изложени на големо оптоварување.
Инаку, како што напоменавме погоре, роден е во Мелбурн, Викторија, но никогаш не заборавил од каде потекнува. Татко му е од село Лозани, а мајка му од Скочивир во близина на Битола. Секогаш кога му се дава можност, порано поретко, а сега почесто поради деловните патувања во Европа, доаѓа во Македонија. Така научи поубаво да го говори македонскиот јазик.

Гордана Настевска-Манасиевска
(преземено од „Теа Модерна“)
Подготвила: Д. Ангелова