Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати спортисти од Македонија во светот

д-р Глигор Делев

Монт Еверест беше моја мечта и опсесија

Македонија е мојата вистинска татковина. Би сакал да го освојам врвот Манаслу, но со македонска експедиција

Миодраг Мицковиќ

Во д-р Глигор Делев, кој повеќе од 40 години живее и работи во Монтреал, Канада, Македонија доби вистински спортски херој. Тој е втор Македонец кој успеа да го освои највисокиот врв на светот, Монт Еверест (8.848 м), по подвигот што го оствари Димитар Илиевски-Мурато на 10 мај 1989 година, но тој на враќањето остана замрзнат во снежните беспатици на Хималаите, каде што е неговата вечна гробница. По цели 18 години, на 20 мај годинава, д-р Делев втор пат го развиори македонското знаме на „покривот на светот“, но за разлика од Илиевски, успеа, навистина со многу маки и проблеми, да се врати во базниот логор.

Успехот на д-р Глигор Делев ќе остане запишан не само во историјата на македонскиот спорт туку и на државата и со право „Утрински весник“ упати предлог до претседателот Бранко Црвенковски да ги одликува Делев и првиот освојувач на Монт Еверест, Димитар Илиевски (посмртно), со највисоко државно признание.

Неколкупати пишувавме за д-р Глигор Делев, за неговата голема љубов спрема највисоките врвови на светот, за неговиот голем патриотизам, бидејќи на сите врвови на кои се има искачено секогаш со себе го носел македонското знаме, иако има и канадски пасош, но, како што вели самиот, Македонија, каде што е и роден, е неговата вистинска татковина.

Со Глигор Делев направивме ексклузивно интервју за читателите на „Утрински весник“, кое го објавуваме во целост.

Што Ве привлече кон височините, дали и во помладите години имавте желба да се качувате небо под облаците, што се вели?

- Како мал ги гледав снежните врвови, но многу подоцна, некаде од 2000 година, почнав да другарувам со планините и врвовите, кога пораснаа децата - ќерката Наташа и синот Александар. Сега имам многу повеќе време за мојата љубов.

Која е таа сила што Ве тера на тие опасни патишта кон облаците, на тие огромни височини, каде што не летаат дури ни птиците?

- Навистина немам зборови за да го објаснам тоа. Штом ќе здогледам некоја висока планина, снежните врвови, почнува срцето да ми чука, нешто „проработува“ во мене.

Кога се одлучивте да тргнете и да го освоите Монт Еверест?

- Тоа беше во 2005 година, кога заедно со шерпасот Сонам, со кого бев и на „покривот на светот“, се искачив на врвот Ама Даблан (6.856 м) во Непал. Од тој врв го здогледав Монт Еверест, небото беше чисто, без облаци. Иако и јас бев на голема височина, Монт Еверест беше многу повисок. Тогаш самиот си реков: Глигор, Монт Еверест ќе биде под твоите нозе.

Како дојде до тоа да бидете член на српската експедиција?

- Сосема случајно. Стапив во контакт со водачот на експедицијата, Драган Јакимовиќ, му предложив како лекар да патувам со нив, откако дозна на кои врвови сум се искачил, ме прифати и мислам дека не згреши, ниту тој ниту јас.

Колку Вас лично Ве чинеше патот до Непал, опремата, искачувањето на Монт Еверест. Дознавме дека немавте спонзор, Вашето семејство, браќата, Вие лично и сопругата ги обезбедивте средствата. Сигурно не се мали.

- Јасно дека не се. Но, секое задоволство се плаќа. Не ги жалам потрошените средства. Навистина. Не би сакал да ја спомнувам бројката. Сега ги плаќам долговите, редовно.

Која беше Вашата прва помисла кога стапнавте на Монт Еверест?

- Некако се' ми беше како во сон. Немав време ниту да размислувам. Во почетокот не верував дека сум на „покривот на светот“, мислев дека е тоа сон, но кога го видов шерпасот Сонам до мене, тогаш веќе се' ми беше јасно. Го победив Монт Еверест.

Верувавте ли дека ќе успеете, вистински подвиг е да се освои Монт Еверест?

- Пред поаѓањето на патот не знаев како ќе реагира мојот организам на таа голема височина, но како што се доближував до врвот, од еден до друг базен логор, верував дека ќе успеам, бидејќи организмот се навикна на сите тие напори.

Имаше проблеми во качувањето, на неколку стотици метри од врвот се откажа Вашиот придружник Симо Николиќ. Дали и Вие помисливте на откажување?

- Не, ниту во еден момент. Па зарем да се откажам кога веќе бев речиси на дофат на врвот. Симо се врати, бидејќи почнаа да му смрзнуваат прстите и се чувствуваше многу исцрпено. Не смееше повеќе да ризикува.

Имаше ли смрзнати тела на тој пат до Монт Еверест?

- Тоа е најтешко да се гледа. Видов смрзнато тело на еден алпинист од Чешка, само три дена пред тоа бевме заедно на височина од 7.800 метри во базниот логор. Тоа е судбина на секој алпинист, можеше да биде и моја, но, за среќа, не беше.

Сте почувствувале ли некогаш страв на тие искачувања?

- Не, стравот е најголем противник на секој алпинист. Првото чувство на страв и веќе нема ништо од освојувањето на врвовите.

Кога Ви беше најтешко на тој пат кон Монт Еверест?

- Имаше повеќе тешки моменти. На височина од 7.800 метри ветерот ги имаше однесено шаторите што ги имавме поставено два дена пред тоа кога полека се аклиматизиравме на тие височини. Спиевме во еден зајмен шатор, деветмина во него.

Зарем може да се спие на тие височини?

- Што си повисоко, се' повеќе си буден, не е тоа здраво спиење.

Иако имате добра опрема, се чувствува ли многу студот на огромните височини?

- Се' зависи од ветерот. Кога дува силно, тогаш е и студено и опасно, може да те однесе во некоја од длабоките хималајски бездни. Кога одиме повеќемина заедно, врзани сме.

Стравуваше ли семејството за Вас кога тргнавте на пат?

- Најмногу мајка ми Василка. Ми кажаа дека речиси и не спиела додека бев на Хималаите. Инаку, таа е родена струмичанка.

Сте биле повеќе пати во Македонија, се имате ли искачено на некој планински врв?

- За жал, не, но имам желба со една македонска експедиција повторно да заминам на Хималаите. Моја желба е врвот Манаслу.

Што Ви кажаа Вашите пријатели кога се вративте во Монтреал по освојувањето на Монт Еверест?

- Ме пречекаа голем број пријатели на аеродромот во Монтреал. И тоа беше незаборавно, исто како и оние моменти додека бев на Монт Еверест.

Кој врв сега е во план за освојување?

- Редно е сега да се одморам. Другарите ме тераат да одиме на Аконкагва, но бев на тој врв во 2004 година.

Кога повторно ќе Ве видиме во Македонија?

- Верувам веќе во текот на годината.

Дали, покрај Вас, другите членови на семејството имаат македонски пасош?

- Синот и ќерката, единствено нема мојата сопруга, која е Мексиканка, иако и таа сака да го има. Сите во семејството се гордееме со тоа што сме Македонци, иако живееме во Канада.