Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати спортисти од Македонија во светот

Еди Јовановски

ИНТЕРВЈУ: ЕДИ ЈОВАНОВСКИ - МАКЕДОНЕЦ ВО ХОКЕАРСКАТА ЕЛИТА НА КАНАДА

Животот ми фрли искушение, но јас му дадов гол

Македонецот Еди Јовановски повеќе од десет години е дел од хокеарската елита на Канада. Најдобриот бранител ги бранеше боите на Канада за време на Олимписките игри 2002. Јовановски кариерата ја започна во Виндзор спитфајарс во Хокеарската лига на Онтарио (ОХЛ), Канадскиот јуниорски хокеарскитим, учествувајќи на Светското првенство за јуниори во Ред Диер, Алберта, Канада освојувајќи го златниот медал.
На 18 години играше во Флорида пантерс, со што станува дел од престижната Национална хокеарска лига. Во 1999 година ја напушта Флорида и се сели во престижниот Ванкувер канук. Неодамна Јовановски потпиша петгодишен договор кој тежи 32,5 милиони долари.
Еди е среќно оженет со Кристин и има две прекрасни ќерки Кајли (6) и Кира (3). При нашата посета во домот на Јовановски во неговото родно место Виндзор, Онтарио, тој ексклузивно за "Вест" открива делови од приватниот и професионалниот живот.
- Како започнува животната приказна на вашето семејство во Канада?
- Пред 30 години моите родители, во потрага по ново место на живеење и егзистенција, се преселија во Виндзор, Онтарио, Канада. Навистина е страшно кога размислувам, луѓе доаѓаат во Канада со 10-20 долари и 2-3 куфери. Но ако прашаш во многу домови, токму така е. Почнуваш да работиш, основаш семејство. Така дојдоа и моите родители. Тие работеа и по две работи за да го издржуваат семејството.
- Што ве привлече кон хокејот. Дали можеби тоа што Канада е лулка на овој спорт?
- Пораснав како секое дете што е заинтересирано да спортува. Првин одев по стапките на татко ми. Сакав да бидам фудбалер. Но брат ми почна да игра хокеј. Јас одев да го гледам како игра и им ја отворав вратата на играчите. По некое време конечно му реков на татко ми: "Знаеш, сакам да се обидам и јас".
Кога татко ми ме запиша, ме праша: "Еди, сигурен ли си дека ова го сакаш?". Јас одговорив дека ќе пробам и потоа го засакав хокејот. Беше тешко на почетокот. Не ги знаев правилата на играта и беше малку комплицирано за мене, но не ми требаше многу време да се привикнам. Работев напорно.
- Во кои се клубови игравте?
- Во прво време бев дел од тимот на Виндзор спитфајарс и учествував на 62 натпревара, постигнувајќи 51 поен. Потоа играв за Првиот тим на ОХЛ - Ол Стар. Па за Канадскиот јуниор хокеарски тим со кој учествував на Светскиот јуниор шампионат кој се одржа во Ред Диер, Алберта, Канада каде што го освоив златниот медал. На 18 години добив понуда да потпишам договор за Флорида пантерс, со што станав дел од престижната Национална хокеарска лига на Канада.
- Како го доживеавте потпишувањето договор за Флорида кој, всушност, ве одвои од семејството?
- Првата година како член на Пантерс ми беше многу тешко. На самиот почеток ја скршив раката на тренинг, дедо ми почина и ги испуштив првите 11 игри во хокеј сезоната. Тоа бше голем удар за мене во првата година. Кршење на раката во тепачка пред сезонската игра - не беше тоа начинот на кој јас сакав да почнам. Се јавив кај моите родители и побарав помош од нив. Мајка ми дојде да живее со мене првата година, а татко ми патуваше еднаш до 2 пати месечно до Флорида, но сепак беше тешко. После првата година, речиси ја избркав мајка ми од дома, бидејќи дојдов до степен кога мојата зрелост ме престаса. Бев подготвен и сакав да почувствувам како е да се живее сам. Но сепак им кажувам на сите - тоа што дојде мајка ми првата година беше пресудно за мене во мојот живот.
- Велите дека Флорида направи пресврт во вашиот живот. Ќе ни раскажете за тој период?
- Во Флорида ја запознав жената на мојот живот. Кристин ја запознав во едно сврталиште и така започна се. Денес сум среќен сопруг и татко на две ќерки.
- Но во тој период во вашиот живот се случија и болни настани. Како влијае тие на вашиот професионален живот?
- Мојот најдобар другар Боби почина од карцином. Тој ја следеше мојата кариера, беше голем љубител на хокејот. Жално беше што ја доби таа болест и што не можеше да ја победи. Животот ми фрли искушение, но јас во негова чест дадов гол. Потоа жена ми, кога беше бремена, едно од близначињата не преживеа, тоа беше тешко време во мојот живот. Настаните се случуваат со причина. Во првата игра потоа сакав да направам нешто што ќе ја намали тагата. И навистина е чудно како тоа излегува кога сакаш да постигнеш погодок и кога тоа навистина се случува. Покажав кон небото, кон ќерка ми која не преживеа. Сега сум задоволен - имам две прекрасни ќерки, прекрасна жена и време за повеќе деца.
- Како ја прифативте веста од Флорида да заминете за Ванкувер?
- Знаете, трансферот од Флорида за Ванкувер беше чуден. Некаде во јануари слушнав гласови во кои се спомнуваше моето име за трансфер. Но јас не размислувам многу околу тоа. Моја должност е да излезам таму и да играм хокеј и ако некои неизбежни работи се случуваат, нека се случат. Една вечер, откако вечерав со жена ми, ми се јави Брајан Мури и ми кажа дека ме замениле за Ванкувер. Јас им реков одлично!
- Добивам впечаток дека многу носталгично сте приврзани за Флорида. Тешко ли беше да го прифатите Ванкувер како ново место за живеење?
- Во Ванкувер живееме за време на сезоната, лете, кога имам одмор, тогаш сме на Флорида. Сакам да живеам на Флорида затоа што времето тука е секогаш добро. Јас сум нов морнар и уживам во бродарењето со мојата јахта. Самата атмосфера тука е таква, за уживање.Има многу работи што се прават тука, и јас и жена ми уживаме во тоа.
- 2002 година ви беше во знакот на Зимските олимписки игри. Какво беше чувството да се игра на Олимпијадата?
- Тоа беше специјално чувство за мене. Јас сум горд што сум дел од Националниот тим на Канада и среќен сум што имам голема поддршка од родителите, семејството и од сите Македонци.
- Какво е чувството да си играч во Канада со македонски корени?
- Чувството да се биде Македонец отсекогаш било посебно за мене. Моите родители потекнуваат од Македонија. Мора да знаеш од каде потекнуваш. Јас се гордеам со своето потекло. Тоа што истовремено сум Македонец и Канаѓанец, прави да се чувствувам посебно. Последен пат во Македонија бев во 1985, пред 17-18 години. Сакам да дојам наскоро таму, корените на моето семејство и спомените за таа грутка земја го бараат тоа од мене. Пораснав во македонско семејство каде што ми се зборуваше македонски и јас зборувам македонски. Понекогаш имам тешкотии, но главно можам да го кажам тоа што го сакам. Среќен сум што сум Македонец. Се случува луѓе да ме прашаат дали сум Полјак, а јас веднаш ги исправам и им велам дека сум Македонец. Се гордеам со потеклото.
- Вие сте привилегиран гостин на забавите кои ги прават нашинците во Канада.
- Скоро сите знаат дека сум Македонец. Уживам на тие забави. Се соживувам со заедништвото. Тоа е време за разонода, добра храна подготвена во македонска кујна, пијалак, за танцување . . .

Кристин Јовановски: Еди секогаш има време за ќерките

- Како се запознавте со Еди?
- Се сретнавме пред едно убаво и отмено сврталиште по име "Гатсбис" и тој се понуди да дојде да ме одведе дома, но јас најпрвин не сакав да влезам во кола и реков дека не влегувам во автомобил со непознат. Јас се заблагодарив и потоа чекав, чекав. По подолга пауза, Еди пак ме праша дали сум сигурна дека не сакам да ме превезе. И јас се согласив. Кога влегов во кола ме праша дали сакам да одам на кафе или да се напиеме нешто. Отидовме во кафуле и зборувавме, зборувавме, и потоа ме остави пред куќата на моите родители. После тоа доаѓаше кај мене на работа секој ден. Третиот ден почна да ме кани да излеземе. Ми се јавуваше 6 пати на ден и ме прашуваше да излеземе, се додека не реков да. По нашиот прв состанок тој му се јавил на брата си и му кажал дека ја сретнал девојката за која ќе се ожени.
- Имате две ќерки, каков татко е Еди?
- Тој е многу попустлив кога станува збор за нашите ќерки. Секогаш има време за нив.

Текст и фото: Росана Петревска