Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати спортисти од Македонија во светот

Мирче Опелоски

Сенсеи Мирче Опелоски е роден во Охрид во 1955 година. Но уште во првата година од неговиот живот, со своите родители се сели во Скопје. Растејќи во Скопје уште во почетокот на 70- тите години пројавува интерес кон каратето. Се зачленува во Карате клубот „Работнички“ на Водно во училиштето „Кочо Рацин“. Негов прв учител е Драган Стојановски, но ја има привилегијата да тренира и со пионерите на македонското карате др Сашо Караѓозов и Димче Кически. После пет годишно интензивно и напорно тренирање Мирче предничи со својота талентираност и поради тоа се стекнува со црн појас, прв дан (степен во каратето).
Младиот талентиран каратист со црн појас набрзо веќе во 1976 година е забележан од селекторот на југословенската репрезентација др. Илија Јорга и станува нејзин репрезентативец. Како прв член Македонец на репрезентацијата учествува на интернационалните турнири во Зрењанин и во Полска. Од 1978 - 85 е стандарден репрезентативец, на т.н.р. златна генерација на југословенското карате. Сенсеи Мирче во овој период неколкупати се закитува со медалји на европските првенства. Тој е носител на златна, сребрена и две бронзени медалји на овие првенства и дели од 4 до 6 место на светското првенство. Но неговата активност не се сведува само на учество на светските и европски првенства. Опелоски во истиот период е и првак на националните првенство во борби и кати како во Македонија, така и во Југославија и своето искуство го пренесува на помладите генерациии како активен тренер.
Во овие златни години на каратето, додека селектор на репрезентацијата беше др. Јорга, технички советник на репрезентацијата беше Сенсеи Таиџи Казе. Интересно е да се наведе дека во овој период на ниво на тогашна Југославија се евидентирани 350 000 активни каратисти.
Првата посета на Кралството Шведска сенсеи Опелоски ја остварува како член на репрезентацијата во 1980 година, а втор пат наредната година. При овие посети на Кралството забележува дека тука постојат одлични услови за развој на каратето со оглед на тоа што секое и најмало населено место располага со одлично опремени спортски сали. Констатира и дека Шведска води грижа за развојот на сите спортови и можеби тоа е пресудно што неколку години подоцна, во 1985 г. се преселува во Шведска. Сенсеи Опелоски набрзо после доаѓањето во Шведска формира карате клуб при крајот на 86 г. Овој клуб набрзо покажува завидни резултати. Се создаваат и финансиски услови за посета на карате семинари.

Една таква посета е во Холандија, од кој момент познанството со техничкиот советник на репрезентацијата Сенсеи Казе, кое започнало уште во седумдесетите години, се интензивира. Тоа значи и станување на негов личен асистент.
Веќе наредната година Сенсеи Казе за прв пат ја посетува Шведска во организација на Малме карате клубот. При оваа негова посета се организира Интернационален семинар кој го посетуваат каратисти од повеќе европски земји.
Од 1989 г. почнува редовното организирање на семинари на повеќе места низ светот. Оваа година е значајна за светското карате по тоа што се формира првата Светска Шотокан Карате Академија. Веднаш потоа сенсеи Мирче како шеф инструктор ја формира и националната Шведска Шотокан Карате Академија која пак претставува дел од Светската академија.
И покрај интезивната работа како инструктор во Шведска и во Германија, Опелоски наоѓа време во 1993 г. да ја посети Јужно Африканската Република и таму да иницира Јужно Африканска Академија. Оваа година е мошне значајна за Шведската академија и по тоа што истата го освојува првото место на светското првенство во Милано (Италија). Во средината на 90-тите години Опелоски неколкупати ја посетува Русија каде што одржува семинари кои будат интерес низ сите нејзини републики што се гледа од фактот дека сите републики делегираат свои претставници на семинарите. Би споменале и тоа дека како дел од академијата, а под покровителство на Македонското спортско друштво функционира братски клуб воГетеборг во кој тренираат најмногу Македонци, а се предводени од Ѓорги Гаповски.
Мирче како личен инструктор на сенсеи Казе се до неговата смрт во 2004 г. често патува низ повеќе земји во светот.
Шихан Казе како човек кој 50 години го практикуваше, проучуваше и го унапредуваше каратето стана препознатлив по својот стил. Сенсеи Мирче е продолжител на неговиот стил, па во последно време активно работи на публикацијата на книгата која го објаснува Казе ха стилот (Казе начинот) во чест на неговиот долгогодишен Сенсеи. Последниве неколку години Опелоски е активен и низ неколку балкански земји пренесувајќи ја
26-годишната соработка со сенсеи Казе на многу нови генерации луѓе заинтересирани за каратето. Како мајстор со 6 дан на црн појас кои ги бранел кај неговиот учител Казе, Опелоски ја има и лиценцата мајсторските степени да се полагаат кај него.

Во неговиот Доџо Хомбу денес ќе сретнете луѓе од различни националности посебно во јужна Шведска како емигрантски крај, луѓе со различни професии од доктори, инженери, стопанственици, студенти, ученици... луѓе од различни возрасти којшто највозрасниот е приближно на 70 години, додека половата застапеност е скоро еднаква. И кога ќе се запрашаме што ги сврзува овие различни луѓе, одговорот е секако каратето. Не не обичното карате како техника на удари, туку каратето како духовност, начин на живеење и постоење предадено на сите нив од страна на сенсеи Опелоски.
Во блиска иднина од негова страна се планира И промовирање на Светската интернационална академија што ќе го презентира и афирмира ликот и правецот на Шихан (најголема титула во каратето) Казе.
Она што сенсеи Опелоски го прави различен од многумина луѓе кои се занимаваат со каратето е секако тоа што преку своето долгогодишно искуство во каратето доаѓа до сознание дека техниката во каратето е само еден сегмент кој е посебно важен во првото десетлетие. Втората фаза е духовноста, што го потиснува физичкото во втор план. Сенсеи долги години наназад го проучува зен будизмот како дел од сите јапонски боречки вештини кодекс на борбениот пат. Неговиот духовен степен му побудува интерес и кон неговата сопствена религија, православието. Последниве години интензивно го проучува православието, но не само преку книга, туку трагајќи по неговите вредности секаде онаму каде што тоа автентично се живее. Сенсеи Мирче е чест гостин со повеќедневен престој на македонските манастири. Со тоа доаѓа до сознание дека преку една религија може да се спознаат сите религии.

Подготвила: Д. Ангелова