Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Уметници од Македонија во светот

Светлана Василкоска

Светлана Василкоска е родена во Скопје на 22 март 1955 година. По завршувањето на Факултетот за драмски уметности работела во театар и во Македонската телевизија. Но, предизвикот за освојување на нови и непознати простори ја однесе оваа наша сонародничка на север од Европскиот континент. Во далечната Данска, Светлана со себе ги понесе и малите нешта од детството, како што има обичај да каже. Обземена со носталгија, таа ја одбира сликарската четкичка за да им ја раскаже убавината на земјата од која доаѓа. Спонтано, во тие моменти, таа ги открива своите ликовни склоности. Првите сликарски обиди ги отпочнува како ликовен аматер. 

 

 

 

Желбата за проникнување во тајните на ликовното изразување ја реализира со запишување во приватно сликарско училиште, каде набргу се издвојува нејзиниот талент. Во ликовниот опус на Светлана Василкоска можат да се најдат графики, масла на платно и по некоја скулптура. 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

По долгогодишно барање на својот индивидуален ликовен запис, најмногу се задржува на сувиот пастел којшто го има прифатено како техника најсоодветна за својот ликовен израз.

 

 

 

 

Со нескриена топлина Светлана Василкоска го прикажува охридскиот бисер, залезот на Охридското Езеро, Хераклеа, Елен скок на Радика и други мотиви од Македонија. Со светлите тонови на пастел техниката, Василкоска ги постигнува нијансните преоди од бела кон основните бои останувајќи притоа секогаш во дијапазонот на светлите и нежните тонови.

 

 

 

Досега има изложувано во зградата на Собранието во Егтвед, во Уметничкото школо, во Библиотеката и во Центарот за школување Семкон во Копенхаген.

Виолета Шиндил