Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Уметници од Македонија во светот

Тони Матичевски

дизајнер од Мелбурн

СЕКОЈА КРЕАЦИЈА УМЕТНИЧКО ДЕЛО

Тони Матичевски, Македонец чие семејство одамна емигрирало во Австралија, на големо ја диктира светската мода. Во март годинава ја доби наградата за најдобар креатор на изборот за нови дизајнери во Австралискиот центар за модерна уметност, а неколку месеци пред тоа ја одби понудата за работа на една од најпознатите модни креаторки - Дона Карен. Матичевски е познат по својата прагматичност, скулпторните костими кои ја менуваат силуетата и експерименталните техники. На некој начин неговата работа претставува дефиниција: Неговиот потпис е причина драматично да го менува својот стил од сезона во сезона. Критичарите велат дека е исклучителен и едноставно го обожуваат. Но, за тоа Тони скромно вели: „Јас сум реалист. Нема да го променам светот. Едноставно станува збор за модна колекција, за уште неколку прекрасни парчиња облека“.

Тони Матичевски (25) е роден и израснал во Футскрај. Неговите родители емигрирале од Македонија, дошле во Футскрај, потоа се преселиле во Ливертон, каде што Матичевски сега се уште живее заедно со својата сестра.

Почнал да скицира облека уште од четири години, но не го покажувал јавно својот талент се додека не одлучил да се занимава со креирање, па се запишал на училиштето за мода и дизајн. Најпрво експериментирал со ткаенини и цртани дизајни.

„Не знам од каде доаѓа мојата преокупација со модата„ - вели Тони. Моите родители немаат никаква врска со тоа. Матичевски работи самостојно. Што би се рекло, сам си е свој тим и сам се справува со се: дизајн до производство. Неговото студио е сместено во неговиот дом и го носи неговото име.

При крајот на студиите, добива стипендија да работи во модната куќа на Дона Карен. Неговиот талент бил забележан веднаш и тој добил понуда да работи за светски познатиот моден гуру, но Матичевски ја одбива понудата и се враќа во Мелбурн за да ги доврши студиите. „Едноставно не можев да работам во таков систем. Се беше толку испланирано и немаше простор да се биде спонтан“ - објаснува Матичевски.

Нема сомнение дека станува збор за талентиран млад човек. Тоа било забележано уште од времето кога Матичевски бил студент на Кралскиот Мелбурншки технички институт. Карен Вебстер, менаџер на модната програма на Институтот и воедно член на жирито кое му ја додели наградата за најдобар дизајнер (10.000 долари), за него вели дека едноставно е исклучителен. „За некои студенти знаеш дека го имаат тоа што им треба. Тоа се вика дарба, а кај Тони Матичевски тоа беше јасно уште од самиот почеток. Неговата педантност, критичност, неговото внимание за деталите, сето тоа е непогрешливо. Тој отсекогаш сакал да учи и само да оди напред. Многу други креатори понудата на Дона Карен би ја зграпчиле без да размислат, но Матичевски е премногу фокусиран на својата работа. И тоа што одби ваква понуда е подобро за него. Ако ја прифатеше ќе го изгубеше својот идентитет, потписот, неговото име ќе го земеше компанијата“ - вели Вебстер за својот студент.

Ревијата со која тој се претстави на модниот фестивал во Мелбурн беше прекрасна. Женската колекција инспирирана од педесеттите години, беше направена од набрани меки ткаенини, обрабени исто така со набрани рабови. Боите беа темни сенки на праска, кајсија и беж.

Последното негово претставување беше ревијата на Австралиската модна недела. Неговите модели беа изработени од свила и памук, со многу набори и бројни детали, што е негов препознатлив знак. Креациите се потпишани со името „Рулет“ и се продавани по многу високи цени. Моделите ги носеле многу познати манекенки, меѓу кои Ел Макферсон, Миси Рајдер, Мег Рајз и многу звучни имиња од модните писти. Модниот директор на „Вог“ Габриел Михајловски исто така е фасциниран од работата на овој млад и надарен стилист: „Секоја негова креација е како уметничко дело...“