Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Уметници од Македонија во светот

Стојан Христов

Стојан Христов е американски писател од македонско потекло. Роден во 1897г. во костурското село Кономлади, а од 1910 година постојано живее во САД. Таму, преку тешките физички работи низ целиот континент, студиите и новинарската работа, а потоа и како писател, целосно се интегрира во американската култура и живот, станувајќи еден од угледните писатели и општественици на Америка.

Стојан Христов е автор на повеќе раскази, романи и публицистички трудови во кои, главно, постојана инспирација му е Македонија, минатото на македонскиот народ и особено бурните времиња пред и во времето на Илинденското востание. Тој претставува наш прв писател што во романескна форма, иако на друг јазик, говори за трагичната судбина на Македонецот во виорите на времето, останувајќи и целиот свој живот верен на таа своја љубов и инспирација.

Стојан Христов ги има напишано следниве книги: „Херои и убијци“ (1935), „Мара“ (1937), „Ова е мојата земја“ (1938), „Лавот од Јанина“ (1941), „Мојот американски аџилак“ (1947) и „Орелот и штркот“ (1976). Поради својата тематска инспирација и поради верноста кон македонските теми и кон македонскиот народ, Стојан Христов и припаѓа и на нашата литература и култура. Затоа Обединетите македонски издавачи пристапија кон објавување на неговите собрани дела на македонски јазик, со што се врши прво поцелосно приопштување на неговиот опус кон нашата литература.

По повод излегувањето на романот на Христов “Мојот американски аџилак“ на македонски јазик во 1985г., во предговорот на книгата, Георги Старделов забележа: “Најпосле, големиот романсиерски опус на Стојан Христов го приопштуваме на неговиот мајчин македонски јазик. Тоа е настан од првостепено културно значење и за овој бележит писател и за нашата национална култура, настан рамен на пример, на приопштувањето на познатите епоси на Григор Прличев од грчки на македонски јазик. И кога сега, го констатирам фактот на вклучувањето на ова обемно прозно дело на Стојан Христов во матицата на македонската литература на 20-от век, тоа ме воведува во далечни и длабоки, тажни и болни реминисценции за македонскиот од по пеколот, или за македонскиот дел од пеколот што ни го открива и со кое не соочува едноставното и длабоко натопеното со македонскиот трагизам раскажување на Стојан Христов“.

Животното и литературното дело на Стојан Христов има идентична судбина. Тоа е дело во кое се открива судбината на еден Македонец што станал Американец и судбината на еден Американец кој станал Македонец. Таа двојна судбина на С.Христов го впива во себе сето негово литературно дело: тие имено два слоја, тие две судбински нишки, тие два сихрониски тека наизменично се проникнуваат едно во друго низ целокупниот негов раскажувачки опус. Стојан Христов е затоа автор на два јазика, на две истории, на две литератури. Тој тоа и самиот го вели: “Ние сме Македонци по раѓање, Американци по избор…Ние сме усвоени синови и ќерки на Америка, но Македонија е нашата природна мајка и ние не можеме да ја заборавиме. Сакајќи ја Америка и должејќи и ја верноста, ние би биле безвредни синови и ќерки на Америка ако немавме љубов во нашите срца за почвата што не хранеше во нашето детство, за јазикот што го зборувавме како деца и што не го заборавивме…“

Обемното и значајно литературно дело на Стојан Христов допрва ќе се вреднува и оценува од нашата литературна критика и историја. Што се однесува до американската критика, таа го има оценето како раскажувач кој спаѓа во најславната група на писатели кои не пишувале на својот мајчин јазик, заедно со Џозеф Конрад и Набоков. Споредуван е со Бајрон, Емерсон, Витман. За “Орелот и штркот“ е пишувано како за назначајно дело на деценијата што се појавило во Америка. Со еден збор, Стојан Христов, преведуван на повеќе јазици, е писател од светски формат. Благодарејќи му нему, македонските теми влегоа не само во американската, туку и во светската литература.

За член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав е избран на 26 јуни 1986 година. Стојан Христов почина на 99-годишна возраст, во 1996година.

 Л. Неделковска