Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Уметници од Македонија во светот

Владимир Христов

Минатата година во творештвото на Владимир Христов ќе биде забележана како исклучително успешна, период кога авторот освои неколку значајни меѓународни награди и признанија од врвен карактер: Италија – Реномираната ликовна критичарка, естетичарка и галерист Барбара Тампиери во својата галерија BT Design го прогласи за „Сликар на годината“ и „Уметник на месецот декември 2002“ и му ја додели „Златната награда за најдобар уметнички веб-сајт“.

Германија- Хајди Валш, една од најпознатите и највлијателните интернет естетичари и критичари од областа на ликовните уметности му ја доделува наградата „Најдобар сликар“, „Уметник на месецот мај 2002“, „Златната награда за најдобар веб-сајт“.

САД – од Меѓународната асоцијација на вебмајстори и дизајнери, Христов е награден со „Златна веб-награда“, а пак од организацијата Nu-Horizon во Канада ја освојува „Наградата за уметност 2002“.

Христов по завршувањето на Факултетот за ликовни уметности во 1997г. во Скопје, завршува студии на Постидпломската специјалистичка програма за Мултимедија на Минерва, академијата во Гронинген каде што изучувал 3Д анимација, компјутерска графика, дизајн, интерактивна мултимедија и др. Од 1999г. работи на многубројни мултимедијални проекти за аудиовизуелната компанија Плинк од Амстердам (Холандија) каде што до денес живее. Во меѓувреме работи и како асистент на сценографија на филмот „Писмо“ и уметнички директор на филмот „Судија“. Изложува на многубројни локации низ европските земји како и на американскиот континент. Член е на организацијата Art Points.

Во едно од вашите интервјуа велите дека еден од уметниците кои оставиле големо влијание врз вашето творештво е и Димитар Кондовски. Колку како македонски сликар во Амстердам успевате да го сублимирате печатот на ликовното творештво од овие простори со богатата традиција на регионот во кој се наоѓа Холандија?

-Точно е дека јас како Македонец неизбежно носам белег од македонскиот темперамент и менталитет, заедно со богатата македонска ликовна традиција, но тоа не е никаков терет или печат со кого јас треба да се справам. Напротив, тоа ми дава можност да бидам различен и уникатен на овдешната сцена. Уште повеќе, секаде каде што се претставувам, македонската националност е намерно нагласена од од моја страна.

Сепак, ликовната историја на Македонија за мене е еднакво масивна и важна како и било која друга, па дали е тоа холандска, белгиска или француска не е битно. Таа треба да се гледа како таква, како еден голем лексикон и да се респектира. За мене се поинтригантни луѓето од таа територија, нивниот начин на живот, на размислување и однесување. Нивните разлики, но и генералии. Боите, светлото, небото, воздухот, пејсажот и повторно луѓето од различните поднебја се оние што ме прават возбуден. Конде е прекрасен сликар, уметник. Среќа на секого што бил во можност да ги види неговите „вистински“дела. Јас ја имав таа можност да ѕирнам во неговото ателје пред 10-тина години и доживувањето кое го имав во тој момент е нешто што нема никогаш да го заборавам. За мене тој претставува име кое мора да се спомене во редот на “Who is who” во светската арт еминенција.

Освоените награди говорат за правецот во кој се движите и како автор и како човек во овој период на развој на цивилизацијата. За какво ниво на награди се работи и кои се Вашите творечки преокупации?

-Тоа се награди кои се навистина значајни и престижни во светот на бизнисот на ликовната уметност, кои укажуваат дека „ете за тој уметник вреди да се плати или да се купи“, но за жал мислам дека тие се непотребно запоставени од страна на македонските уметници. Сепак тие се неоспорно важни во кариерата на еден творец. А тоа што се навистина престижни и фактот дека се доделени од различни земји (Италија, Германија, Канада, САД) само ми потврдува дека мислата не треба да се лоцира географски. На крај секоја награда како таква, верувам дека за секој уметник е добредојдена но не претставува крајна цел. Односно фокусот не се наоѓа во судот на некој критичар. Широката публика е онаа што треба да го каже последното да или не. Но од друга страна самиот творечки фокус и преокупација ја наоѓам на сосема друго место. Тоа се наоѓа некаде длабоко во моето тело, во мојата потсвест. Таму каде се раѓаат моите емоции и инстикт. Тие се првенствени, додека мојот интелект и аналитична способност, пресудни. Настојувам да бидам искрен во тој процес и да бидам одговорен за се што ќе го носи мојот потпис. Но за подетално објаснување за моите уметнички убедувања, читателот треба да се обрати на мојот “Artis Statement” кој може да се најде на мојата лична веб страна:

www.hristov.s5.com.

Минатата година ја завршивте и со презентација во галерија Агора, во Сохо – Њујорк.

-Њујорк е дефинитивно центарот на денешната уметничка сцена. А тоа е сосема нормално и разбирливо со оглед на тоа дека е најголемиот финансиски центар и фокус на глобалната моќ. Уметноста од секогаш гравитирала кон таквите извори.

Запознаени ли сте со актуелните ликовни случувања во Македонија. Размислувате ли Вашите дела наскоро да ги види и македонската публика?

-За жал, не сум целосно информиран со актуелната македонска ликовна сцена, но знаејќи голем број на наши уметници и тоа што и како се случуваше порано, воопшто не се сомневам во неговото ниво. Кај нас често се среќава една доза на инфериорност и убедување дека на друго место се создава поквалитетно, меѓутоа јас не се сложувам со тоа. Македонија има уметници кои се ако не подобри, тогаш барем се рамни на било која друга средина. За мое презентирање во Македонија се уште немам никакви договори но се надевам дека ќе ми се пружи можност тоа да го сторам наскоро. Да бидам искрен, многу сум порамнодушен да изложувам во Амстердам или во Њујорк одошто во Скопје. Тоа е сепак моето дома и многу покритично ми е како ќе се преставам таму, одошто било каде.

 Катерина Богоева

(„Утрински весник“)