Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Уметници од Македонија во светот

Младен Србиновиќ

Младен Србиновиќ е роден на 29.11.1925г. во село Сушица, Република Македонија. Живее и работи во Белград. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград, а постдипломски студии завршува во 1953г. кај професорот Неделко Гроздановиќ.

Прв пат излага во 1948г. во Белград на изложбата на студенти на Факултетот за ликовни уметности. Свои графики излага со Бошко Карановиќ и Стојан Челиќ за прв пат во 1953година. Во 1969 г. е избран за декан на Факултетот за ликовни уметности, а од 1972 г. работи како редовен професор.

Србиновиќ има организирано самостојни изложби во Белград, Нови Сад, Смедерево, Скопје, Ниш, потоа во Стокхолм и Халанду (Шведска), Сремска Митровица, Суботица и Лесковац. Учествувал и на групни изложби, како во Југославија, така и во странство, и тоа во Венеција, Александрија, Љубљана, Гренхен, Токио, Њујорк, Лозана, Њу Делхи, Мадрид, Брисел, Милано, Ленинград, Рим, Каиро, Атина и др.

Зa своето творештво Младен Србиновиќ е добитник на повеќе признанија и награди: „Октомвриска награда“ на Белград за графика (1958), Откупната награда за сликарство на биеналето во Сао Паоло (1961), Втора награда за сликарство на биеналето во Александрија, Седмојулска награда на СРСрбија за постигања од општо значење за развој на ликовната уметност и други.

Младен Србиновиќ е сликар – монумент, рафиниран и чувствителен интелектуалец и неизмерно емоционална личност. Неговите мртви природи, композиции на фигури, портрети, актови и сл. Се вдлабоко втиснати во неговиот атавизам што ќе го следи целиот негов живот.

Курбиновските мотиви, музичарите, зурлаџиите, тапанџиите и сл. се мотиви и интерес на искусниот сликар Србиновиќ, кој постојано се навраќа кон трајната врска на неговите корења.

Би можело да се рече дека Србиновиќ е сликар на иднината, сликар кој достојно и отмено си обезбеди за себе место во сликарството на деветнаесетиот век, за задоволство на неговото опстојување и уметноста воопшто.

Делата на Србиновиќ можат да се сретнат на сите континенти, во најелитните музеи и галерии, но и во приватни збирки. Речиси и да не постои мотив или техника на сликарство што не биле мотив и инспирација на неговото творештво.

Тој без оглед на сликарската техника или материјалот што го употребува во неговото творештво, на се приоѓа со подеднаква важност и внимание. Од дело во дело, тој полека се искачува кон небесните височини до ѕвездените патеки на бесконечноста.

Член е на Српската академија на науките и уметностите, а од јуни 1997г. е и член надвор од работниот состав на Македонската академија на науките и уметностите.