Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Уметници од Македонија во светот

Борче Андоновски

БОРЧЕ АНДОВСКИ, МАЛМЕ

САМОТИЈА

Него сакам изгрејсонцето

овде

илјада и илјада километри

далеку од мојата сакана

која ми тежи

како широкиот морски скут.

Овде илјада и илјада километри

далеку од чекорите на љубената

кај што се бришат по есенските дождови

врз распуканиот натажен камен

тагувам...

(Од песната „Малме“)

Борче Андовски во македонската литература се појави пред неполни две години, без најава и генерација, како самосвој поетски глас и веднаш го сврте вниманието на читателската публика. Во услови на несекојдневни комуникации (авторот живее и работи во Шведска, поезијата ја пишува на македонски јазик, а ја објавува во Македонија) веројатно не било едноставно да се дојде до објава, па сепак и покрај тоа македонската литература доби уште еден лиричар кој страсно го испишува својот стих. Потврда за оваа констатација е неговата втора стихозбирка насловена како „САМОТИЈА“, во продукција на книгоиздателството „Македонски писател“ при графичкиот погон Алфа 94.

Борче Андовски иако во поодминати години дебитираше со стихозбирката „ЧЕМЕРЕН ШЕПОТ“, издание на „Мисам“ од Скопје, 2000 година. Читајќи ја неговата прва книга поезија, се мисли дека разнобојните цветни чашки од неговиот чемер ќе имаат кус век. Но, не било така. Потврда за ова ни е Борче Андовски и неговиот втор ракопис кој е составен од три циклуси и од околу педесет и пет песни, во кој авторот супериорно го продолжува својот интимен исповед од својата прва стихозбирка, притоа останувајќи им верен на темите: земја, осаменост, болка, со што ни потврдува дека си останал верен на самиот себе и на неговото сфаќање и разбирање за литературата, односно поезијата.

Во новиот ракопис на Андовски доминира митот за несреќниот човек кој живее со своите присетувања и спомени, но во основа на песните е осамата и тагата која полека го совладала нашиот поет, што поодблиску може да се дефинира како емотивно доживување или јасно самосвое предавање на настанот.

 

Од поодамна се обидувам

времето да го запрам,

се обидувам јас и моето минато

да ги пресоздадам во камена статуетка.

Мој мил Боже се обидувам

да го изгаснам жедново срце

да го изгаснам жедново срце

во кое одамна пресушени се

сите животни сокови

и молкум да се пикнам в гробот

кој од детски години ме вика.

Со тебе таму ќе чекорам мила моја

без очај сал со тебе, сал со тебе.

(„Гроб“)

 

Сето богатство на светот, сето различие, сите бои, сите нијанси, Борче Андовски се обидува да ги преточи во една боја, во една нијанса, во еден звук. И модрата и жолтата, и зелената и црвената боја се прелеваат во неговата поезија во некаква матнотија, а сето тоа се преточува во црно, и само во црно. Но што мора да има таа црна боја? Таа мора да има ѕвезден сјај. Во секој стих, во секоја песна Борче Андовски го бара сјајот. Сјајот како идеал и како радост.

Поетскиот ракопис „САМОТИЈА“ излегува од локални рамки и се впушта во универзалните знаци на постоењето на секој дух, опстој и литература.

Ристо Ѓ. Јачев

ЌЕ ПОЛУДАМ САМ

Самотијо моја ќе полудам

сам и туѓ

на туѓи огништа,

туѓ во својата кожа,

сам

и осамен како жегол

иако се уште сонцето

ми ги топли плеќиве,

самотијо проклета

јас сум сам, сосема сам

напуштен во далечинава.

 

НЕ ДОПИРАЈ ЈА

Не допирај ја песната

и нејзината воздишка,

со години веќе заедно

еден сон сонуваме.

 

Подготвила и избор:

Д. Ангелова