Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Уметници од Македонија во светот

Александар Масевски

САКАМ ДА ДАДАМ НЕШТО ЗА ОВАА МАКЕДОНИЈА

Колку години си во Холандија?

-11 години. Единаесет години во туѓина. Добро е. Малку се интегрирав, почнувам да ги разбирам, попримам некои позитивни работи од нивниот менталитет... Па ги комбинирам со некои убави моменти од нашиот менталитет. Имаме ние големи квалитети.

На колку години замина таму?

-На 23, неполни 24. Таму, по еден месец откако стигнав наполнив 24 години. Што да ви кажам. Слободата во Амстердам, слободата на тоа што секој се носи како што сака, на тоа што никој никого не гледа. Ние, некој со повеќе, некој со помалку предрасуди и комплекси излегуваме од земјава. Сепак ова општество има некои стеги да речам. И таму има, но многу помалку. И таму има морални вредности кои што се почитуваат, но сето тоа е некако послободно. Се слуша мислењето на човекот, секој има право на свое размислување. Се учат многу позитивни работи од тоа. Посебно во дискутирањето. Холанѓаните знаат да дискутираат, односно, секој има нешто да каже и секој е сослушан.

Како започна твојот престој во Холандија?

-За моите почетоци таму, можам да кажам дека отидов за да видам што има таму. Оттука си понесов едно демо, многу едноставно направено демо, на неколку песни, кое што сам го правев... Значи главната идеја ми беше, кога ќе стигнам таму, ако налетам на некои луѓе, некои што се во тој бизнис да им покажам што знам. Но, навистина не тргнав со идеја да останувам. Тоа беше фифти-фифти. Ако ми се пружи можност може и да останам, но најверојатно ќе се вратам. Одам на одмор кај еден пријател и ќе се вратам. Отидов на еден месец. Но, стекнав едно искуство од разни аспекти. Еден од пријателите кои ги запознав, ми рече, така всушност и почнува приказната, зошто не се обидеш да бидеш фотомодел, зашто во Амстердам има страшно многу модни агенции. Можеби ќе ти се насмее среќата и ќе те примат некаде. Мене тоа ми се виде како интересно и како момче Македонче си реков, ајде да видиме. Ништо не ме чинеше. Бев на состанок во неколку модни агенции и првата во која влегов, тоа беше „Модел промоушнс“ од Амстердам, позната агенција каде што сопственичката беше поранешен топ модел, а нејзиниот главен букер Марина Муш, само што престанала да се занимава со таа работа. На мое изненадување веднаш ме примија. Тие рекоа дека ќе инвестираат во фотосесии, во мојот бук, и така стартуваше некоја да речеме кариера на тоа поле. Значи моето одење на двонеделен одмор се преврте во нешто друго - во одлука да останам таму. Кога Марина Муш одлучи да ја напушти агенцијата и да оформи своја, а мојот однос со неа беше прекрасен, другарски, ми понуди да влезам во нејзината агенција и така настана „Фектори моделс“. Агенцијата многу бргу се прошири, а јас бев меѓу првите седум машки модели кои работеа таму. Во меѓувреме ја бркав работата со музиката.


И гаранцијата да останеш?

-Да, може и така да се каже. Поминаа многу работи, кастинзи, снимања. „Фектори моделс“ стана за кусо време една од најголемите во Амстердам, за нив работев три години. Во меѓувреме направив некои контакти и успеав да влезам во едно од најголемите студија во Амстердам со Крузер, познат холандски продуцент со многу познати хитови. Добив бесплатно студиско време, во студио каде што еден час снимање чини помеѓу 1.000 и 1.500 гулдени. И, да речеме јас тука за една година стекнав практика.

Запознав многу луѓе. Од тоа студио запознав продуцент кој е познат во хип-хоп музиката и има направено неколку хитови со Тони Скот. Станавме партнери, работевме две-три години заедно, па партнерството го проширивме со уште еден партнер. Имав прилика да запознам многу „паблишинг“ компании, издавачки компании, што е различно од оваа за плочи. Затоа што плочната компанија се грижи за издавањето на компакт дискот, за финансирањето. Но, паблишинг компаниите се грижат за пласирање на песните. Прво две години имав договор со „Би Ем Џи“, голема компанија за плочи со паблишинг. Како заврши договорот така веќе почнаа и други компании да ми откупуваат песни заедно со продукција.

 

Кога всушност започнаа твоите музички подеми во Холандија?

-Не знам точно која година беше, но мислам околу 1993 година излезе мојата прва плоча на која се појавив и како продуцент и како композитор и тоа во стилот на хаус музиката. Таа моја прва плоча беше издадена на винил. Потоа се запознав со луѓето од „Сони“, па почнав да работам со нив.

Од пред три години работам во своето сопствено студио, сам, така што сфатив дека сепак изгледа дека е најдобро да работиш сам. Убаво е да соработуваш, но партнери во студија - тоа не оди.

Со кого работиш сега?

-Се уште работам со „Сони“ затоа што имав договор на три години, соработката ни беше одлична и договорот го продолживме на уште пет, а јас сега од тој договор сигурно имам уште две и пол години. Имам издадено песни и плочи и за други компании, а досега се сигурно околу 30, еден албум и останатото се на сингл основа. Соработував со холандскиот „Дуреко“, потоа „Еми рекордс“, „Колумбија рекордс“, „Епик“. Мои песни се изведуваат на Филипини со нивната најпозната пејачка, компилациско це-де за „Досон крик“, сапунска серија што се прикажуваше во цела Југоисточна Азија, значи огромен маркет. Пред два месеци „Сони“ во Кина (има милијарда и триста жители) отворија канцеларија во Пекинг и продадоа моја песна на еден кинески артист, така што работите се вртат од сите страни. Имам продадено песни во Белгија, Германија... Од тандиемите, авторските права, дознавам каде се се отидени мои песни.

Веќе си холандски државјанин, а се почесто доаѓаш во Македонија. На што се должи тоа?

-Од пред неколку години имам двојно државјанство, а доаѓањето е од носталгија. Па, добро, имам и девојка од Скопје. Но, луѓето имаат право кога велат дека ако поретко доаѓаш тогаш носталгијата и не се чувствува толку многу. Но, ако почесто доаѓаш тогаш повеќе ти се доаѓа. Има голема вистина во тоа. Не е онаа старата гастарбајтерска, туку тоа е генот, тоа е коренот, тоа е македонштината што не се ни обидувам да ја тргнам од себе. Тоа е дел од мене... Не е македонштината проблемот, тоа треба да се задржи. Тоа е она исконското, тоа е она што не носи.


За време на изминативе години имаше и соработка со наши уметници?

-Да, сега со „Силви бенд“, и од тоа излезе една прекрасна соработка, многу професионална. Тие се презадоволни, исто и јас. Се надевам дека ќе продолжи, можно е да излезе уште една песна, па и нешто повеќе. Секогаш оставам другите да кажат за тоа што го работам. Нескромно е сам да зборувам за квалитетот. За мене е пријатно да слушнам дека на „Антена радио“ песната „Уште една ноќ“ во исполнение на „Силви бенд“ е две недели на прво место. Имам идеи за идни проекти и сакам да соработувам со Македонија, затоа што сум Македонец, затоа што се чувствувам... сакам да дадам нешто за оваа Македонија.


Нема ли цените во твоето студио да бидат превисоки за македонските уметници?

-Не, не. За цената секогаш може да се разговара. Пред се е битна музиката. Сигурно не би ја барал истата цена за Македонија, што ја барам за надвор. Значи тука има еден дел ентузијазам, добра волја, патриотизам, дел кој што и треба да го има.

Требаше многу нерви да се успее таму?

-И добра волја, многу трпение, многу голтање, преживување работи кои и ти се допаѓаат, но и не ти се допаѓаат стигнуваш до некое ниво, кога еден дел од тебе вели - може уште повеќе, може уште подобро. Јас се уште верувам во моментот и работам кон тоа - не знам да бидам задоволен од тоа што го правам, значи, до моментот кога некој хит ќе удри и официјално. Зашто ако зборуваме за слушање на мелодиите, ако јас гледам од каде се стигнувале авторски права, можам да кажам дека многу ретки се земјите каде што моја песна не е пуштена. Имам авторски права од соседна Грција, од Хрватска, од Израел, Шпанија, Италија, Франција и по тоа знам дека некои радија ги пуштаат моите песни. Тоа е да кажам некој мој сон, песните да се пуштаат насекаде, на еден начин е остварен. Сега одиме на повисоко...

Која е таа повисока инстанца, дали можеби филмската музика?

-Ние веќе сме работеле филмска музика, заедно со мојот поранешен партнер. Инаку, продукција на музика за филм звучи многу атрактивно, многу привлечно, предизвик. Мислам дека во себе ја содржам таа драма, тој еден театар за да можам да ја донесам филмската музика на свој начин. За тоа треба искуство, но од некаде треба да се почне.

Грета Оџакова

подготвила: Д. А.