Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Уметници од Македонија во светот

Костадинка Ѓорѓевска

„СОНЧЕВАТА ТАТКОВИНА“

Да се биде калеку од родната земја мора да се почувствува и потребата од нејзиното сонце. Но сонцето, сепак, го нема во тој туѓ простор на „студениот север“. А толку е потребна барем малку топлина која доаѓа од сончевите предели на земјата наречена - Татковина.

Толку во таков час, можеби на оној што носи творечки восклик во себе, ќе му се роди и потребата да пишува. Да ја излее од себе носталгијата која се претвора во поетски вознес и посакува да стане творештво кое ќе се најде меѓу корици со наслов „Сончевата татковина“. Како оваа од Костадинка-Коца Ѓорѓевска која долги години живее и работи во Германија, но со духот е некаде во Македонија. Можеби во живописниот Полог, под планината Шара од каде што и потекнува.

И уште во долгата низа од печалбарски години да се негува мајчиниот јазик на начин како што доликува, заслужува респект и восхит.

Токму затоа поздравот доаѓа од родината преку појавувањето на „Сончевата татковина“ од оваа поетеса која вдахновено „пее и плаче“ на родниот јазик во туѓа земја.

Досега творечкиот пат на Костадинка-Коца Ѓорѓевска беше познат и обележен по стиховите наменети за возрасната публика што ги понуди во стихозбирките: „Клучеви на душата“, „Дневникот на една медицинска сестра“ и „Записи од Тетово“.

Овојпат Ѓорѓевска им се обраќа на младите читатели и тоа - преку поезија и проза. Поточно, преку книга која е поделена во три циклуси. Во неа доминира сфаќањето за здраво семејство, а инспирација е ќерката Христина, на која и е посветена книгата.

МАЈЧИНИОТ ЈАЗИК

          на Македончињата во туѓина

Учете го мајчиниот јазик

           за да си кажете јасно и чисто

           се што во срцето ви лежи,

           она што не е во туѓина исто.

           Учете го мајчиниот јазик,

           зборови нека течат лесни,

           побарајте го мајчиниот јазик,

           во убавите македонски песни.

           Учете го мајчиниот јазик

           во него се огништата родни,

           сакајте ја Татковината своја

           со полињата нејзини плодни.

           Учете го мајчиниот јазик

           за да можете да го говорите,

           запознајте ја Македонија,

           со езерата, реките, изворите!

К. Ѓорѓевска

(од книгата „Сончевата татковина“)

подготвила и избор:

Дора Ангелова