Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Уметници од Македонија во светот

Саво Костадиновски

ИЛЈАДА И ЕДНА НОСТАЛГИЈА

Да се проследи Саво Костадиновски како поет, кој со своите стихови долги години е присутен во македонската литература за деца и млади, тоа значи да се нурне во поезија која го носи белегот на „модерното печалбарење“.

Зашто, овој поет поголемиот дел од својот животен век го поминува во туѓи земји, поконкретно во Германија, далеку од родништето. Всушност, сето тоа се рефлектира и во неговата поезија - преполна со копнеж останат уште од ранини од родниот крај, за да го излее како таговно ехо низ своите стихови. Но, не и да го преболи она што го понел во себе како чисто чувство од раното детство од родното и живописно Порече, географски врзано со течението на реката Треска.

Таков е Саво Костадиновски во своите стихозбирки што досега ги објавил. Таков останува и во оваа, најновата, но со тоа што, впечаток е дека во неа се понудува една надградба, можеби сигурен покрив на сето она што досега истекло од неговиот поетски вруток.

Стихозбирката „Илјада и една носталгија“ е поделена на три циклуси - Далечина, Северен дожд и Сонувано сонце, а содржи вкупно 37 песни.

Инаку, досега ги има објавено следните стихозбирки: „Лето во родниот крај“, „Од Ботуше до Келн“, „Копнежи“, „Децата на светот“, како и два тома поезија во кои се поместени по десет стихозбирки. Добитник е на наградата „Иселеничка грамота“ во рамките на СВП. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на Здружението на новинарите на Македонија, на Сојузот на книжевните преведувачи на Македонија, како и на Сојузот на писателите на Германија.

Г. С.

 

ИЛЈАДА И ЕДНА НОСТАЛГИЈА

Ако можеле Арабјаните

да измислат сказни

за Аладин, за Алибаба,

за Маруф и за незнам кој

за илјада и една ноќ,

зашто не би можел

да измислам носталгии

со мојата моќ

за непроспиени

илјада и една ноќ?

 

 

ТУЃИНА

Според името - туѓа си

и со студенило зрачиш,

згора уште и јабана

понајчесто значиш!

И ништо не е случајно

ниту е приземно, ниско,

туѓината како туѓина

никому не лежи блиско.

Туѓина е товар грижи

на грбот во ранец,

за утеха ќе си речеш

не туѓинец, странец!

Саво Костадиновски

(од стихозбирката „Илјада и една носталгија“)

 

Избор: Д. Ангелова