Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Уметници од Македонија во светот

Борис Трајанов

Иако на сцената е неприкосновен во тоа што го работи, приватно, еден од најзначајните музички дејци, кои Македонија некогаш ги имала - оперскиот пејач Борис Трајанов е сосема обична личност. Задржувајќи ги сите особености на човек кого го красат највредните доблести на нашиот род - давање и примање љубов - Трајанов, кој во светот на (според многумина), најсилната уметност - операта - влезе вложувајќи го семејното педигре (татко му Гога Трајанов се смета за еден од најголемите македонски оперски дејци на сите времиња) со текот на годините успешно се надградувал во сите сфери, и денес е дефинитивно меѓу најдобрите баритони во светските рамки. Неговата присутност на нашата сцена, пак, во културниот и во јавниот живот е од непроценлива вредност, сеедно дали во Скопје престојува две недели, еден месец, помалку или повеќе време, и дали оттука заминува за Базел, да ги посети своите деца, или во Италија, Америка, или Шпанија, каде го очекуваат професионалните ангажмани. Разговорот со Борис го реализиравме, пред сẻ, благодарение на неговата добра волја (сакајќи да ја доближиме оваа несекојдневна личност до нашите читатели), која, како што самиот вели, секогаш е во функција на македонското општество.

Би го започнал овој разговор со констатација дека одамна не сте престојувале во Скопје, барем волку долго?!

-Можеби така излегува, но јас редовно престојувам во Скопје, годишно со прекини, по неколку месеци, а, овој пат, престојот со две паузи (еднаш во Белгија, а вториот пат во Франција и во Шпанија) се фати и речиси два месеца. Но, ќе се согласам, одамна не бев толку медиски експониран, како сега, со сите емисии, интервјуа, појавувања во јавноста...

Што вам, пред сẻ, Ви значи доаѓањето во Скопје?

-Па, пред сẻ тоа е средба со мојата татковина, во градот во кој сум израснал... Потоа примање и давање љубов, со моите најблиски, моите пријатели... што е многу убаво... и доаѓа како едно полнење на батериите!

Секако! Ако останам долго во Скопје, би овенал. Ако би престојувал само во странство, би ми било многу тешко. Едно без друго некако не може, не ми оди, и веќе како да го добив тоа чергарското, од град во град, од театар во театар... мешајќи се со други луѓе и со други култури. Но, сепак, не си го корнам коренот бидејќи отсекогаш знаев каде припаѓам.

Сепак, успевате ли да направите правилна фузија на присутноста надвор од Македонија, заради професионалните ангажмани, и престоите во Скопје, каде Ви е душата?

-Мислам дека знам да направам една добра рамнотежа. Но, тука е и дестинацијата Базел, каде што живеат моите деца. Е, идеално ќе беше моите деца да беа тука. Тогаш ќе си постоеше само Скопје и надвор, заради ангажманите. И, воопшто не би размислувал каде би ми била мојата референтна точка. Многу сакам да бидам и со децата, и со родителите, и тука го барам балансот. А, патем во Скопје, каде што секоја улица има некое значење за мене, ми се и пријателите, кои многу ги сакам.

 

Вашиот престој во Скопје, овој пат, беше одбележан  со убави работи. Ве имаше и на Златна бубамара на популарноста, и на 12 Величествени, и на Саемот на медиумите... секогаш на општо задоволство на публиката. 

-Наградата Амбасадор на македонската култура во светот ме израдува најмногу.

Деновиве заминувате од Македонија. На подолго...?

-На два месеца. Тоа не е долго за мене, го правам веќе со години, но е долго за моите најблиски. Во оној момент кога полетувам од Скопје ме облива тага, а кога сум веќе во авионот почнувам да размислувам за тоа што ме чека. Кога, пак, ќе стигнам таму каде што треба да одам, во овој случај Италија, едноставно почнувам да бидам весел и среќен што следниот ден ми почнуваат пробите.

Какви ангажмани Ве очекуваат таму?

-Во Италија ми почнува продукцијата Кармен. Оттаму директно одам за Америка, во Калифорнија, каде што во операта Пацифик ќе пеам во Трубадур. Таму ќе бидам до трети мај, а потоа доаѓам во Скопје, каде ќе започнам со подготовките околу проектот Оперски жур со Борис и пријателите. А по Скопје следува ангажманот во Римска опера со Ескамиљо во Кармен.

Во Вашето портфолио пишува дека соработувавте со над 60 оперски куќи, ширум светот. Какво искуство носите од тие патувања?

-Публиката на различни места реагира на различен начин. За мене досега најдобрата публика била германската. Тие се прекрасни. Во театарот Германците се темпераментни, реагираат бурно, поздравуваат или негодуваат... Единствено публиката во Парма можам да ја споредам со германската публика.

Кои предности ги носи со себе работата во операта?

-На продукциите кои имаат траење од еден до два месеца постојано среќавам нови луѓе и некои од нив ми стануваат многу блиски. Во моментот на разделбата не знаете дали некогаш повторно ќе ги видите. Некои ќе ги сретнете можеби по две-три години, на некој нов проект, а некои, можеби, никогаш. Тоа ве прави тажен, но, сепак, одењето од место на место знае да биде прекрасно. Запознавате нови луѓе, нови средини, нови простори... Тоа, пред сẻ, претставува збогатување на личноста, а подоцна и на сẻ останато. Лично како човек многу се врзувам за луѓето и сите што ги сакам, сакам да ги прегрнам, да ги допрам... Љубовта кон луѓето е голема работа. Во Скопје, покрај моето семејство, ми се моите најдраги пријатели, па затоа се навраќам во него, оти тука е таа сила што ме движи.

Верувам дека Вашите родители се горди на Вас?

-Секако. Иако пред мене тоа не го покажуваат, често ме критикуваат... Од другите луѓе дознавам колку се гордеат со мене.

Дали сте размислувале еден ден засекогаш да се вратите во Македонија? Сеедно, дали како пејач или како едукатор на млади луѓе?

-Искрено, би сакал да живеам, но не знам дали би можел да работам во Македонија. Последните десетина години од кога Европа, со системот на визи, нẻ стави во еден резерват од кој многу тешко може да се излезе, многу лошо дејствуваше на нашиот менталитет. Секој се чувствува загрозен од другиот и грчевито се бори да си ја зачува својата општествена позиција. Кога би можеле да направиме некоја комбинација меѓу работниот менталитет што го имаат луѓето од Западна Европа и нашиот креативен потенцијал, мислам дека би успеале како нација.

Податоците од Вашата биографија укажуваат дека досега настапивте над 550 претстави, во кои, пак, имавте повеќе од 35 главни улоги. Кога ќе се вратите назад, можете ли да издвоите која од претставите и која од улогите Ви остана во најубаво сеќавање?

-Не би мо­жел да ви одговорам. Едноставно кога работите на една улога се соживувате со неа и мислите дека во тој момент таа е најубавата. Еден Јаго, на пример, уметнички знае да ме изинтригира. Или, пак, еден Скарпија, кој, исто така, е интересен на свој начин. Сериозно е работењето врз улогата, и тоа знае да потрае не само месец и пол до два месеца, колку што се пробите. Во периодот на подготовка влегувате во филозофијата на таа личност и почнувате да размислувате како неа. Затоа, секогаш се обидувам во мојот духовен магацин да најдам склоп кој ќе ми помогне мојата личност што подобро да се најде во улогите кои ги толкувам.

Тоа значи дека Вие постојано трагате?

-Апсолутно. Многу сакам да ги набљудувам луѓето. Интересни ми се нивните реакции, нивните размислувања, постапки, гестови...

Неодамна со луѓето од К-15 испеавте песна која експресно стана хит, а веќе го најавувате и следниот проект со ѕвездите од македонската естрада, кои заедно со вас ќе учествуваат во Оперскиот жур.

-Моите колеги од естрадата, со исклучок на Калиопи, ги имав слушано само преку телевизија или со озвучување. Големо е задоволството кога ќе откриете колку им се убави гласовите и без тие помагала. Овој концерт на Есма, Искра Трпева, Калиопи, Ребека,Сузана Турунџиева, Весна Гинова, Тоше и јас... на кој ќе се пее опера, ќе претставува еден извонреден уметнички консензус со кој со право ќе можеме да им конкурираме и на најатрактивните светски уметнички програми. Тој проект го планирам за крајот на мај или почетокот на јуни. Мојата идеја е да го направиме со сите нишани, и продукциски, а и визуелно. Со убава сценографија и со естраден приод во режијата. Начелно, во програмата, покрај другото се предвидени во дуетот да пеат Калиопи и Весна Гиновска, Искра Трпева и Сузана Турунџиева, Тоше Проески и јас, додека Есма Реџепова ќе има соло-изведба на арија со која ќе може да ја прикаже својата неприкосновеност во изведбата на трилерите.

Планирате ли наскоро да издадете цеде, кое би било  следење на албумот од 1995 година кога со Катлин Касело ги пеевте оперските арии и дуети?

-Имам намера да издадам албум со традиционални македонски песни отпеани на оперски начин. Тој албум би бил двоен, на македонски и на италијански, а на него освен гласот во аранжманот би бил присутен само клавирот, затоа што сметам дека и со најминималниот аранжман нашите традиционални песни можат да прозвучат преубаво и оригинално.

Каква музика приватно знае да те восхити?

-За мене не постојат музички стилови, постои добра и лоша музика. Покрај класичната музика, многу ја сакам народната музика, а од поновите ме восхитуваат Магија на Есма и Тоше и Месечина на Калиопи.

Се сметате ли за успешен човек, или и понатаму се стремите кон повисоките цели и идеали?

-Секогаш се стремам да бидам поблизу до начелата кои нẻ приближуваат до Бога. Што се однесува до мојата професија, мојот стремеж е да пеам подобро. Неодамна се вратив на една арија која сега ми одеше многу полесно отколку пред десет години. Пред извесен период требаше да склучам договор да пеам во Кармен во миланска Скала бидејќи диригентот со кој ќе пеам Кармен во Римска опера требаше да ја диригира оваа опера и таму. Сега на неговото место ќе диригира друг, па е неизвесно дали тој со себе ќе донесе свој баритон. Мојата агенција поради тоа е нервозна, но мене тоа воопшто не ме засега. Лично, не се оптоварувам со тоа дали некогаш ќе настапам во миланска Скала или не. Навистина не се фолирам, туку едноставно така чувствувам.

Како родител, што посакувате Вашите деца да станат во животот?

-Би сакал Давид и Ева да бидат добри луѓе. А тоа што ќе работат е нивно. Јас само посакувам да бидат среќни во она што ќе го одберат. Би ми претставувало најголемо задоволство кога тоа еден ден и би се случило.

Бидејќи сте голем патриот, верувам дека ќе работите на тоа нивната врска со Македонија да биде нераскинлива и трајна?

-Летово Давид и Ева беа во Македонија и буквално беа разгалени од сите кои ги опкружуваа. Во моментите кога се дружеа со другите деца, посакував вечно да останат и да живеат во Македонија. Меѓутоа, не знам дали некогаш тоа и ќе се случи. Но, дефинитивно е дека посакувам, бидејќи во Македонија би го добиле тоа што на Запад е одамна загубено.

Иван Беќковиќ