Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати иселеници бизнисмени од Македонија

Гордон Спироски

Младиот Австралијанец со македонско потекло, Гордон Спироски, е еден од плејадата успешни македонски бизнисмени од дијаспората, наследник на семејниот бизнис кој го отпочна неговиот татко Трајче пред 30-тина години.

Желбата да не се заборави роднокрајното огниште го натера ова семејство бизнисот да го прошират и во Македонија. Во 1989г. во Битола ја формираа македонско-австралиската компанија Интеркорп – застапник и дистрибутер на моторни и индустриски масла и масти SHELL за Република Македонија. Во 1994г. оваа компанија отвори свое претставништво и во Скопје, а oд минатата година и во Тетово. Во трите претставништва денес се вработени 16-мина.

Минатата година Интекорп успеа да постигне рекорден увоз од 700 тони производи на SHELL, со што нашата држава оствари профит од 28 милиони денари.

Она што е посебно важно е податокот дека Интеркорп минатата година беше број еден извозник и на производи од Македонија за Австралија. Станува збор за 82 контејнери со пренханбени производи од: Алкалоид од Скопје (чаеви и зачини), Витаминka од Прилеп (чоколади), Витапела и Пелистерка од Битола (минерална вода), Македонија од Неготино (конзервиран зеленчук, ајвар, лутеница, кисела туршија, компоти и слатка) и други. Целокупната вредност на ланскиот извоз изнесуваше 2 милиони евра. Интересот за овие производи е се поголем не само од Македонците, туку и од останатото население на Австралискиот континент.

За искуството од досегашната соработка со македонските фирми, генералниот директор на Интеркорп, Гордон Спироски, вели: ’’Во изминатиов период откако сме присутни на македонскиот пазар, од година во година состојбите се подобруваат и 2002г. постигнавме рекордни увозно-извозни резултати. Истите се должат на професионалноста на фирмите со кои соработуваме, но и на нашето залагање на истите да им помогнеме со наши средства нормално да се одвива нивното производство во текот на целата година: инвестираме во откупот на зеленчукот и овошјето, го плаќаме мазутот и сите неоходни нафтени деривати, увезуваме тегли за конзервната индустрија и слично. На овој начин со сигурност можеме да го планираме нашиот извоз и затоа со ваква практика ќе продолжиме и понатаму. И оваа година ќе инвестираме со иста динамика, но можно е и повеќе, бидејќи лично сметам дека во Република Македонија постои сигурност за сериозни вложувања и професионален однос на македонските стопанственици. Дека е така говори и податокот за нашето присуство на овие простори од речиси самото осамостојување на Република Македонија. Меѓутоа, многу поголема придобивка од вака воспоставените бизнис релации со Македонија, е фактот дека на ваков начин уште повеќе се зацврстуваат врските со татковината, бидејќи работата не тера да бидеме почесто тука. Сето ова го велам од лично искуство, и самиот сега сум многу почесто во Македонија и искрено посакувам по примерот на нашето семејство дека ќе тргнат и уште многу други иселеници“, - истакна Гордон Спироски, кој покрај македонско-австралиската компанија Интеркорп е сопственик и на уште три фирми во Австралија – Сиднеј, Мелбурн и Перт.

Л. Неделковска