Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Уметници од Македонија во светот

Душан Ристески

Душан Ристевски „КОПЧА“

Неодамна од печат излезе третата по ред стихозбирка насло-вена „КОПЧА“ на нашиот сонародник Душан Ристевски, кој од 1973 година живее и твори на петтиот континент, поточно во Сиднеј. Неговиот најнов ракопис „Копча“ содржи четири циклуси: Тајни на природата, Чекори кон празнини, Во Грингила приквечер и Љубовен шепот, во кои се распоредени 42 песни, коишто сите заедно претставуваат една прекрасна поетска целина.

Душан Ристевски како лирски поет е автор на уште две објавени збирки песни „Полутици“ (1984) и во 1989 година издадена двојазично на англиски и македонски јазик и „Страдалници на сонот“ (1992). Потоа следуваат монодрамите „Мајка“ - изведена во Сиднеј и во Прилеп на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ (1990) и „Неда“ одиграна во Сиднеј (1996). Со својата поезија е застапен во повеќе зборници и антологии.

Инаку, Душан Ристевски е роден на 22 февруари 1954 година во Битола, Република Македонија. Завршил Виша социјална школа, дипломирал на Факултетот по социологија и магистрирал 1996 г. на Факултетот по социологија и хуманистика во Сиднеј. Тој е еден од најактивните и најценетите македонски општествени дејци во Австралија.

Член е на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од 1978 година, член на Друштвото на писателите на Македонија е од 1988 година и член е на Друштвото на новинарите на Македонија од 1989 година.

 

Старичка седната пред порта
на триножник сама
забрадена во црна шамија.
Куќата и душата
свртени кон Стилворк.

Каде сте млади години
каде сте таксири
судбини
гробишта ?

Огнета уште го нема од работа...

Судбина
туѓина.

Што ќе ви кажам ?
Пред пензија...

Од шеснаесет години
пораснав со лопатата
колички ќумур руда...

Од згурата
деца пораснав
изучив
оженив.

Колку што сомуни изедов
толку и прашина изголтав
а животот
нема крај.

Песна ?
Изумив
овде ни уста
да се отвори !

НАГОНИ

О колку сакам

да те допрам

и да ја почувствувам

твојата топлина

О колку сакам

да те приклештам

во мојата прегратка

и да ја галам

твојата убавина

О колку сакам

да те бакнам

и да ги впијам усните

опојни и сочни

О колку сакам

да го слушам

твоето издишување

и нежниот шепот ....

ОКО НЕБЕСНО

Око на ужасот

стравот и презирот

Око на плачот

гревот и срамот

Око на жалост

младост и палавост

Око на сонови

нежност и милување

Око на љубов

желби и нагони

Око небесно и свето

убаво и ангелско

Око мое небесно .......

(песни од стихозбирката „Копча“)
подготвила и избор: Д. Ангелова