Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Уметници од Македонија во светот

Ана Дурловски

сопран

Веќе неколку години, харизматичниот сопран Ана Дурловски го освојува светот. Со своите треперливи и возвишени линии и истенченото чувство заз ритам, таа ги слика музичките стилови, сепак најповеќе користејќи го Моцарт како медицина за гласот. Сребреникавиот глас на Дурловски беше забележан уште на нејзиното деби во 2000 год. кога ја толкуваше Лучија ди Ламермур. Оттогаш, фокусираниот транспарентно светол тон на овој сопран, станува одбележје на белканто репертоарот во продукциите на Македонската опера. На оваа сцена, таа ги толкува и Дона Ана во Дон Џовани, Кралицата на ноќта во Волшебната флејта, Адела во Лилјакот, Антоанида во Иван Сусањин.

Физичката убавина, драматичниот оган и лирскиот интензитет кои ги поседува Дурловски ја носат и не сцените во оперските куќи во светот. Во 2001 год. таа започнува да ја украсува својата софистицирана вокална техника во Виена, во Камерното студио на КМС Оливера Милјаковиќ. Извонредната контрола на гласот во сите регистри, интонативно прецизниот тон, чувството за фраза, за напати придушената динамика, а на други места ослободена експресија му обезбедуваат на овој сопран соработка со оперските куќи од Австрија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Бугарија, Романија, Србија и Црна Гора, Албанија и други.

Резонантниот глас кој ги допира и небесните височини го препозна и фондацијата Музички Театар за Југоисточна Европа и од 2005 год., Дурловски е стипендист на оваа институција.

Во 2006 год. е прогласена за почесен амбасадор на Стопанска Комора на Македонија, за значајни остварувања во областа на културата и уметноста.

Оваа пеачка која носи енормен еротизам и пее не помалку од импресивно, во јуни 2006 год. дебитира на сцената на реномираната Виенска Државна Опера со улогата на Кралица на Ноќта во Волшебната Флејта.