Писмата испратете ги по  email       

 

СЕКОЈ ТЕКСТ Е ИСКЛУЧИВО СТАВ НА НЕГОВИОТ АВТОР И ТОЈ НЕ ГО ОДРАЗУВА СТАВОТ НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ИСЕЛЕНИШТВО, КОЈА НЕ МОЖЕ ДА СЕ СМЕТА ЗА ОДГОВОРНА ЗА ИЗНЕСЕНИТЕ СТАВОВИ!

 

НОВО ЛИТЕРАТУРНО ДРУШТВО „КОЧО РАЦИН”, МЕЛБУРН

17.03.2016 година

На состанокот одржан во просториите на библиотеката Mill Park, се оформи новото литературно друштво “Кочо Рацин“, Мелбурн. Тоа беше заедничката желба на иницијаторите, писатели и поети кои долги години се активни во Македонската заедница во Викторија и издаваат свои дела. Нивната мисија и цели ќе бидат спроведувани преку низа активности и ќе бидат насочени кон поттикнување на писателите од македонско потекло да творат на и збогатуваат фондот со книги на Македонски јазик, создавање на литературен модел кој ќе овозможи делата да бидат промовирани пред поширока публика насекаде во светот како и поголема афирмација на македонскиот јазик во Австралија.
Литературното друштво изготви програма за активности кои ќе ги преземе оваа година а ќе се започне со организирање на награден литературен конкурс и Саем на книги од наши автори.

 

 

 

ЗАПОЧНУВАЊЕ НА ОРГАНИЗИРАН МАКЕДОНСКИ ЖИВОТ ВО AВСТРАЛИЈА

07.03.2016 година

До втората светска војна, бројот на Македонците во Австралија беше само неколку илјади. Но, по војната овој број забрзано се зголемува, бидејќи скоро цели села од Егејскиот дел на Македонија, како и од Битолско, Охридско и Преспанскиот крај се преселија во Австралија. Македонците наидувале на тешкотии бидејќи, тие биле работници по фармите, и не знаејќи го англискиот јазик, не можеле да комуницираат со австралиското население и затоа главно живееле изолирано и осамени. Но, имаше Македонци кои останаа да живеат во поголемите градови. Тие започнаа да бараат начини за самоорганизирање на национален и културен план. Така во Перт во 1939 година, се формира првото македонско друштво - Единство. Целта на ова друштво е да ги собере младите луге со патриотски и прогресивни идеи, да организира разни свечености и вечеринки, со цел да се собеат Македонците од тие далечни простори. Во друштвото Единство меѓу првите биле Науме Шарин, Јован Пизарков, Павле Ќосев, Иљо Малков, Мик Веловски, Тодоров, Митре Сељаков, Павле Кристов, Стево Демиров, Борис и Симо Манов, Петре Терзијата, Филип Јанев, Сотир Веловски, Џорџ Папас, Наум Кристи, Филип Џамбазов и др. Кога заживееја активностите кај македонските доселеници посебно во Западна Австралија почнаа да се формираат и други македонски друштва и организации. Се роди друштвото Нова Македонија во Џералтон, и друштвото Слобода од Менџимап. Овие две друштва се втемелувачи за формирање и организирање на Македонско-австралискиот народен сојуз (МАНС) кој во наредните години одигра многу значајна улога за македонското иселеништво во Австралија.

 

 

 

Б Л А Г О Д А Р А М

07.03.2016 година

Почитувани,

Во однос на моето барање, во името на наставниот кадар по мајчин јазик во јужна Шведска, за помош околу набавка на наставен материјал за околу 120 македонски дечиња кои го изучуваат мајчиниот јазик на овие простори, би сакал да ви го кажам моето огромно

Б Л А Г О Д А Р А М

Агенцијата за иселеништво на Република Македонија и овој пат, како и многу пати досега повторно на највисоко можно ниво ја покажа својата професионалност, но уште повеќе својата грижа за македонската дијаспора.

Уште при првиот контакт околу нужноста за наставен материјал по македонски јазик за јужна Шведска, Вие со Вашата посветеност го направивте овој процес многу полесен и поефикасен.

Свесен за тоа дека, не секогаш нашите предизвици во дијаспората се во Ваша надлежност, Вие направивте овој процес да биде на највисоко ниво.

Со оваа Ваша постапка, осигурани сме дека нашите дечиња во Шведска во иднина ќе присуствуваат на уште поквалитетна настава по мајчин јазик со помош на нашиот одличен наставен кадар во овој дел на Европа.

Од името на наставниот кадар по македонски јазик во јужна Шведска, Роза, Јасмина и Маја а особено од лично мое име, уште еднаш сакам да Ви се заблагодарам на сите Вас за укажаната помош при набавката на учебници по македонски јазик.

Со надеж за долга и уште поуспешна соработка и во иднина

Искрено Ве поздравува


Кирил Котевски

Малме, Шведска

 

 

 

Слика за фолклорната група „Селјани“ од Торонто

29.12.2015 година

ОД АКТИВНОСТИТЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ НАДВОР ОД ЦРКОВНИТЕ ОПШТИНИ
Според делото „Македонците во САД и во Канада“ од авторот на овие редови, фолклорната група „Селјани“ е формирана при крајот на 1969 година, со цел да учествува и да презентира дел од македонските изворни ора, песни и обичаи на Првиот интернационален караван на нациите, што се одржа истата година во Торонто, а на кој се претставија македонските иселеници коишто живеат и работат на тие простори. Фолклорната група „Селјани“ постигна забележителен успех на Караванот, што беше добра основа и поттик за натамошна макотрпна ра¬бота на сите членови и резултатите што ги имаат.

 

 

 

Моите патриотски написи во Австралија од активноста во македонското движење (втор дел)

16.12.2015 година

Од печат излезе и вториот дел на книгата:
Моите патриотски написи во Австралија од активноста во македонското движење (втор дел)

Оваа книга ја посветувам на моите родители: Иван Томов Ангелов, роден во 1888 година во Крушево, учесник во Илинденското востание во 1903 година, како борец и курир на Главниот револуционерен штаб, на релација Крушево – Смилево – Крушево, раководен од лидерот на ВМРО Дамјан Груев и претседателот на Крушевската Република Никола Карев. Татко ми Иван (Јован) е носител на значката Илинден од Илинденската Македонска организација во Софија.


Иван Томов Ангелов од Крушево (1888 – 1956) за време на веридбата во 1917 или 1918 година, како војник во Првата светска војна со мајка ми Анета Георгиева Потарова од Струмица (1896-1973).

Како продолжеток на првиот дел од оваа книга, која е со ист наслов, публикувана во ноември 2015 година, продолжувам да ви ги преставувам моите публикувани статии, во списанието Македонска нација и извесен дел кои ги праќав редовно на 600 и-маил адреси, на мои ценети читатели, од 2011 година.Темите се слични и адекватни, актуелни и акутни, во времињата на настаните, од националени, политички, историјски, јазични, организациони и со слични патриотски карактеристики, овој пат пишувани на Македонска Кирилица.

 

 

 

Продолжување на старомакедонските традиции и обичаи во Канада (8)

22.11.2015 година

ОД АКТИВНОСТИТЕ ВО МПЦ „СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“ ВО ТОРОНТО
Уште во 1968 година, во метрополата Торонто, започна да се организира една интересна манифестација под името „Карван на нациите“, на која, пред сè, со свои национални вредности се претставуваа десетици нации што живеат на тие простори. На самиот почеток, македонската заедница влезе во натпреварувачкиот дел со павилјонот „Скопје - Солун“, кој постојано место имаше во просториите на храмот „Свети Климент Охридски“.

 

 

 

ОД АКТИВНОСТИТЕ ВО МПЦ „СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“ ВО ТОРОНТО

16.11.2015 година

Чувари на македонскиот јазик и црковното пеење (7)

Во една од салите на црквата „Свет Климент Охридски“ во Торонто, во приквечерните часови на 6 март 1987 година, се одржа состанок на истомисленици кои истакнаа дека од пресудно значење и повеќе од потреба е да се формира литературно друштво во македонската иселеничка средина во Канада. Записничарот ќе забележи дека на тој состанок биле присутни: Вера Петревска, Стефан Букчев, Драгица Белчевска, Никола Белчевски, Благица Дафовска, Ристо Милјановски, Алексо Лозановски, Танас Јовановски, Перса Гиневска, Петар Гиневски, Драгица Димовска, Ратка Шапас, Тони Марковски и Михајло Дафовски. Поминаа само десетина дена и на 16 март беше избран првиот Управен одбор на друштвото, во состав: Благица Дафовска, претседател, Никола Белчевски, потпретседател, Драгица Димовска, секретар, Ратка Шапас, благајник и Вера Петревска, координатор, кои раководеа со активностите две години.

 

 

 

„Света Недела “ во Пикеринг – македонски центар за генерациите (5 дел)

02.11.2015 година

ОД ЦРКОВНОТО ЖИВЕЕЊЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО КАНАДА
Кога се пишува за организираното дејствување во Канада, треба да се каже дека тоа го опфаќа мнозинството македонски иселеници од сите делови на Македонија. Важна компонента на ваквото организирање е тоа што тие се сплотени во самостојни асоцијации, пред се’ цркви и црковни општини, во кои членуваат Македонци, без оглед од кој дел на Македонија потекнуваат. Притоа, верско-националните објекти иселеничките организации и нивното членство постојано се зголемуваат, а нивната активност се проширува и квалитетно се подобрува.