Il contenuto di questa pagina richiede una nuova versione di Adobe Flash Player.

Scarica Adobe Flash Player

Иселеници инвеститори - Иселеници повратници

Иселеници инвеститори

Зара Јошевска

МАКЕДОНКА ВРТИ МИЛИОНИ ДОЛАРИ ВО АВСТРАЛИЈА

Зара Јошевска е успешна македонска бизнисменка и сопственичка на туристичката агенција "Ворлд травел" во градот Волгонг, која е една од најголемите туристички агенции во Австралија со годишен промет од над 10 милиони долари.

Македонката од Австралија и нејзиниот сопруг годинава почнаа да градат хотел во Лагадин кај Охрид и се во потрага по локација за изградба и на голф терен.

Зара Јошевска е успешна македонска бизнисменка и промотор на Македонија во Австралија и целиот свет. Таа е сопственик на една од најголемите туристички агенции во Австралија. Нејзината туристичка агенција "Ворлд травел" во градот Волгонг е меѓу најбараните и најпрометните агенции преку океанот. Оваа Македонка годишно врти милиони долари, но никогаш не ги заборавила сопствените македонски корени, родната грутка, нејзините убавини кои им ги презентира на странците со намера да ги привлече да ја посетат и да инвестираат во Македонија.

Во нејзините раце досега се нашле голем број признанија, пехари и награди. Најновото признание за нејзината успешна работа и е доделено пред неколку недели од Здружението на Македонците во Австралија, во организација на тамошното списание Македонски телефонски именик. Во конкуренција на голем број македонски бизнисмени, но и бизнисмени Австралијци, наградата "Македонско сонце" во Австралија засвети токму во нејзините раце. Вели дека е горда на наградата. Конкуренцијата била голема. Се натпреварувала со повеќе реномирани авиоагенции како што се Австрија ерлајнс, Сингапур ерлајнс, Свис ерлајнс. Но фактите биле на страна на "Ворлд травел". Агенцијата продала најмногу билети и аранжмани минатата година.

Таму нема врски и протекции, објаснува Јошевска. "Успешна кариера се гради само со труд и работа. Квалитетот на услугите за клиентите и задоволувањето на нивните барања се единствен критериум да се успее", вели таа.

Агенцијата на Зара е единствена во Волгонг. Нејзини клиенти се службеници од полицијата, здравството, студенти, но и многу други кои биле и се задоволни од аранжманите и услугите на агенцијата.

Нејзината успешна работа се должи на нејзините организациони способности, амбиции и знаења, но и на поддршката што и ја дава семејството и нејзиниот сопруг и дветтемина вработени во агенцијата без кои таа не би можела да го замисли работниот ден.

Зара Јошевска ја води "Ворлд травел" веќе 10 години. Претходно со агенцијата раководел нејзиниот сопруг Пеце Јошевски, а таа работела како финансиски менаџер во една од тамошните институции. "Во Австралија не постојат предрасуди и табуа како овде во Македонија кога се работи за жената и нејзините права. Таму нема разлика дали на челото на компанијата е маж или жена, туку единствено е важно да можеш и да знаеш да се справиш со предизвиците и одговорноста. Само така можеш да успееш", вели Зара.

Нејзиниот сопруг, вели Македонката од Австралија, никогаш не се посомневал во нејзината способност кога и ја доверил раководната улога во агенцијата. Признава дека жените се подобри организатори од мажите.

"Таа, освен што е менаџер, е и одличен пливач. Секојдневно плива по два километра. Ќе ја пријавам за учесник на годинашниов пливачки маратон во Охрид", се смее нејзиниот сопруг кој пред неколку недели заедно со неа престојуваше во Македонија.

Но бизнисот на Зара не е само туристичката агенција.Таа заедно со нејзиниот сопруг, инаку голем љубител на голфот, инвестираат и во Македонија. Градат хотел во близина на Лагадин кај Охрид. Хотелот е при крај и очекуваат многу брзо да ги прими првите гости.

"Убавината на езерото и бистрата вода како огледало не можевме да ги заборавиме и затоа одлучивме да направиме хотел. Дел ќе биде за гости, а еден дел од објектот ќе задржиме за нас, за да можеме кога ќе дојдеме од Австралија да си ја наполниме душата со наш македонски воздух. Овде се живее пореласкирано за разлика од Австралија.Таму постојано сме во трка со времето. Таму ни недостигаат седенките, дружбите со пријателите, македонската гостољубивост", велат Зара и Пеце.

Пеце Јошевски кога ја препуштил раководната улога во агенцијата, се посветил на голфот, кој е многу развиен спорт во Австралија. Тој е заинтересиран за изградба на голф терени во Македонија. Често доаѓа во родната Битола и во Охрид каде што го надгледува бизнисот, но вели дека постојано е во потрага по соодветна локација за изградба на голф терени и за привлекување странски туристи. Добивањето на дозволите оди бавно, но тој се надева на скорешна финализација и започнување на изградбата на терените.

Јошевска со нејзините родители се преселила во Австралија од Битола како двегодишно девојче. Нејзиниот дедо е меѓу првите Македонци печалбари кои стапнале на австралиската земја. И покрај тоа што заминала од Македонија уште како мала, носталгијата постојано ја влече назад.

Оние што ја познаваат велат дека ја красат македонските обичаи, македонската култура, трудољубивоста и гостољубивоста. "Кога ќе најдам слободно време канам гости дома, и Македонци и Австралијци. Умеам да ги подготвувам сите македонски специјалитети онака како што го правеа мајка ми и баба ми. Заедно со Пеце понекогаш знаеме и да запееме по некоја од македонските староградски песни, а со 'Македонско девојче' стануваме и легнуваме", вели Зара.

И таа и Пеце се надеваат дека што е можно побргу ќе се вратат во Македонија меѓу своите.

Пацка А. Лазаревска

Превземено од “Вест“