|
ПОЛНЕТИ МОДРИ ПАТЛИЏАНИ Потребно: 2 модри патлиџани со средна големина, 100 гр. чадена шунка, 75 мл. маслиново масло, 40 гр. путер, 1 краставица, 25 гр. брашно, 3 дц. млеко, 50 гр. топено сирење, 2 лажици сос од рен, сол и црн пипер, 4 лажици лебни трошки (презла), 1 лажица магдонос и 2 лажици пармезан Преполовете ги модрите патлиџани и издлабете ги со лажица, внимавајќи да не ја оштетите кората. Внатрешноста од модрите патлиџани и шунката исечкајте ги на коцки. Загрејте 3 лажици маслиново масло во тава и пропржете ги издлабените половинки од патлиџаните додека не омекнат. Кога ќе се испржат, исцедете ги на кујнска хартија. Преостанатото масло ставете го во тава и пржете ги коцките од модрите патлиџани пет минути додека не омекнат. Извадете ги и исцедете ги на хартија. Растопете 15 гр. путер и пржете ја шунката околу 5 мин. Додајте ги краставиците и преостанатиот путер. Во смесата вмешајте го брашното и млекото и варете додека не зоврие. Потребно е постојано мешање додека не добиете сос. Потоа измешајте со топеното сирење, сосот од рен и зачините. Рерната загрејте ја на 200 степени. Во меѓувреме измешајте ги коцките од модар патлиџан, шунка и краставица и со таа смеса наполнете ги издлабените половинки. Филот прелијте го со малку сос и посипете ги со презла, остатокот од сирењето и магдонос. Накрај, посипете ги со пармезан. Полнетите половинки се печат во горниот дел од рерната 20 - 25 мин. додека филот не добие златно-жолта боја. СОЛЕНА ТОРТА ОД КОМПИР Потребно: 1,2 кг. компир, 100 гр. путер, 100 гр. шунка, сол и црн пипер Излупете го компирот и исечете го на тенки тркалца. Со путер добро намачкајте ја тавата, наредете ги тркалцата компири на дното од тавата, потоа преку првиот ред наредете го вториот, но компирот ставајте го во спротивен правец. Кога дното сте го покриле со компири, посолете, ставете парченца путер и шунка насечена на коцки. Потоа наредете друг ред компири и така продолжете додека не го потрошите материјалот, но да завршите со парченца путер. Покријте ја тавата со алуминиумска фолија, ставете ја во рерна загреана на 180 степени да се пече околу 40 минути. МЕШАНА САЛАТА СО ЈОГУРТ Потребно: 3 компири, 4 моркови, 1 праз, 1 лажица маринирани печурки, 3 краставици, 50 гр. црни маслинки, 200 гр. посна шунка во парче, 1 жолчка, 1 лимон, 1 чаша јогурт, масло, црн пипер и сол Сварете ги компирите и морковите, исцедете ги, оставете ги да се изладат и исечете ги на коцки. Во подлабока чинија изматете ја жолчката со малку сол и црн пипер и додадете сок од лимон. Ставете ги во длабок сад за салата сварениот зеленчук, исечканата шунка, краставицата на тркалца, печурките и маслинките. Преку салатата прелијте го сосот со јајце и промешајте. Потоа прелијте ја со јогурт и додадете неколку лажици масло. Украсете ја со тркалца од белиот дел на празот и оставете неколку минути да стои за да може зеленчукот да ги впие сите сокови. |
|
||
КОЛАЧ СО КАЈСИИПотребно: -за тестото: 160 гр. брашно, 30 гр. мелени бадеми, 100 гр. шеќер во прав, 120 гр. путер од фрижидер, 1 помало јајце и малку сол -за декорирање: 70 гр. кристален шеќер, 40 гр. путер, 40 мелени бадеми, 1 белка, 400 гр. кајсии и шеќер во прав Со миксер измешајте го брашното, шеќерот во прав и мелените бадеми. Додајте го путерот во ситни коцки, измиксирајте малку и потоа додајте ги солта и јајцето. Миксирајте полека додека тестото не се собере во топка. Завиткајте го во проѕирна фолија и ставете го во фрижидер да отстои 1 час. Потоа тестото ставете го во плех (18х18 см или радиус 20-22 см) и со лажица расплескајте го по целото дно. Печете ја кората 15 мин. во загреана рерна на 180 степени, додека работ не се зарумени. Оставете ја кората во рерната да се лади. Измешајте 40 гр. кристал шеќер со путерот и со мелените бадеми и додајте ја изматената белка. Со ова премачкајте ја кората, врз неа наредете ги кајсиите исечени на 8 парчиња. Посипете ги со преостанатиот шеќер и вратете го колачот во рерна да се пече уште 20 мин. Пред сервирањето посипете го колачот со шеќер во прав.
|
|
||
|
ПЕРНИЧИЊА ОД ЈУНЕШКИ ШНИЦЛИ Потребно: 1/2 кг. јунешки шницли, една лажица мешан зачин, 50 гр. сланина, 150 гр. ориз, 1 јајце, магдонос, црн пипер, 20 гр. брашно, 8 лажици масло и 1 дц. павлака
Јунешките шницли се толчат со толчник за месо. На масло се пропржува исечканата сланина. Потоа и се додава полуварениот ориз и се зачинува со зачинот, црниот пипер и магдоносот. Шницлите се филуваат со смесата од едната половина за да можат со другата да се преклопат. Се затвараат со чепкалки од страните, се валаат во брашно и се пржат на масло. Кога месото ќе омекне се прелеваат со павлака.
|
|
||
|
КРАП НА ПРЕСПАНСКИ НАЧИН Потребно: 1 кгр. преспански крап, 600 - 800 гр. кромид, една китка магдонос, масло, брашно, сол, неколку лимони и еден домат Крапот исчистете го и исечете го на парчиња. Кромидот, ситно исечен, динстувајте го на маслото и кога ќе се вцрви додајте еден домат исечен на парчиња. Пропржете ги малку сите заедно, а потоа извадете ги од огнот и додајте го магдоносот, црниот и црвениот пипер, солта и се измешано ставете ги во тава. На оваа подлога наредете ги парчињата од крапот, посипете ги одозгора со брашно и црвен пипер, прелејте ги со масло и вода. Ставете ја тавата во рерна да се пече на умерена температура. Кога ќе се испече рибата, извадете ја тавата од рерна, и откако ќе истине малку, сервирајте ја. По желба можете да додадете лимон, кој ќе служи како декорација. Во истата тава можете да додадете и јајца. Изматете пет јајца со сок од еден лимон, налејте ги во тавата и ставете ја во рерна околу пет минути за да се испечат јајцата. Се служи со гарнир од компир салата или ориз, а како пијалок се сервира бело вино.
|
|
||
|
АНАНАС ТОРТА Потребно: една кутија пишкоти (200 гр.), една конзерва ананас (500-600 гр.), 80 гр. путер, 80 гр. мелени ореви, 80 гр. шеќер во прав, 4 свежи жолчки од јајце и шлаг за украсување Пенесто се матат путерот, жолчките и шеќерот во прав и се додаваат исечканиот ананас и оревите, и сето пополека се меша. На тркалезна подлога обложена со целофан или алуминиумска фолија се редат пишкотите, потоа ред крема, се додека не се потрошат. Редењето да се заврши со пишкоти. Пишкотите пред редењето накусо да се потопат во млеко или во сок од ананас. Тортата се става во фрижидер до следниот ден, за потоа да се сврти на прикладна чинија. Се украсува со шлаг, ананас и пишкоти по сопствена желба.
|
|
||
|
Потребно: 400 гр. макарони, 200 гр. пире од домати, сол, црн пипер,, мајчина душица, две чешниња лук, 20 филети солена риба од конзерва, 4 свежи домати, 150 гр. сирење, 2 лажици масло, 2 лажици копар и 3 лажици рендан кашкавал Сварете ги макароните. Измешајте го пирето од домати со маслото и мајчината душица. Излупете го, исечкајте го и изгмечете го лукот и измешајте го со доматите. Сето ова посолете го и додајте црн пипер. Со овој сос зачинете ги сварените и исцедени макарони и сипете ги во тава. Сирењето исечете го на парчиња и наредете ги над макароните. Измиените домати, исто така, исечете ги тенко правилно распоредете ги над сирењето. Добро измиените филети од солената конзервирана риба наредете ги накосо во вид на решетки (види фотос). Потоа ситно исечкајте го копарот и посипете ги доматите. На крај врз сето тоа изрендајте го кашкавалот и потпечете го во добро загреана рерна.
|
|
||
|
ТАВА СО ПИЛЕШКО Потребно: 1,5 кг. пилешко месо (три грба и два пилешки копана), две тегли со сечкани печурки, една главица кромид, 1/2 кг. рендан кашкавал ајдамер, две павлаки, масло, брашно, млеко, сол, вегета и магдонос Најпрвин се вари пилешкото месо, се чисти од коските и се сече на поголеми парчиња. Главицата кромид ситно се сечка и се пропржува во загреано масло заедно со печурките. Во земјена тава најпрвин се реди пилешкото месо, потоа печурките, малку вегета и магдонос. Врз сето тоа се ренда кашкавал и се премачкува со павлака. Уште еднаш се повторува редењето. Потоа на масло се пропржуваат две лажици брашно и се додава 2,5 дц. млеко. Оваа смеса се истура преку целата тава. Последниот слој се реди со преостанатото месо. Се пече околу 40 минути на 200 степени. Откако ќе се извади тавата од рерна, треба да подистине и се премачкува со остатокот од павлаката. Се служи со гарнир од компири и со сезонска салата.
|
|
||
|
ПЕЧЕНИ ПОЛНЕТИ КОМПИРИ Потребно: 4 големи компири од по 200 гр., 25 гр. путер, 1-2 лажици млеко, сол и црн пипер; за украсување малку сечкан магдонос; фил од сирење и кромид: 25 гр. путер, два страка млад кромид и 50 гр. рендано тврдо сирење, сол и црн пипер; фил од сланина и печурки: 25 гр. путер, 4 парчиња чадена сланина, 50 гр. сечкани печурки, 2 домата на парчиња и 2 изматени јајца Рерната се загрева на 200 степени. Избодете ги компирите и ставете ги во рерна за да омекнат. Потоа се сечат на половина и им се вади средината, која се гмечи и се меша со путерот и млекото, се посолува и се става црниот пипер. За фил од сирење и кромид: кромидот се пропржува на путер, потоа се меша со средината од компирот и се додава половината од сирењето. Со филот се полнат половинките од компирите, се ренда сирењето и се печат. За фил од сланина и печурки: на растопениот путер се пржи сланината и печурките 5 минути. Во компирите ставете ја згмечената средина од компирот, потоа ставете од пржената сланина и печурки, резанка домат. Преостанатата средина од компирите ставете ја во готварски шприц и украсете ги рабовите на компирите. Исполнете ги местата со преостанатата мешавина од сланина и печурки, а на крајот се преливаат со изматените јајца. Се запекуваат во топла рерна.
|
|
||
|
ПОЛНЕТИ БАБУРИ Потребно: 8 бабури по можност со еднаква големина, 1/2 кг. мелено месо, еден филџан ориз, две главици кромид, два домати, магдонос, сол, зачин, црн пипер. Бабурите се мијат и се засекуваат кај петелката. Кромидот се сечка и се запржува на масло, се додава меленото месо, сецканите домати, сол, зачин и црн пипер и откако убаво ќе се испржи се додава оризот и ситно сечканиот магдонос. Со оваа смеса се полнат бабурите и се редат во земјана тава. Тавата се прелева со зовриена вода во која што е измешана една лажица пире од домати во висина на полнетите бабури. Се пече во загреана рерна околу 40 минути. Се сервираат топли, а како додаток може да има кисело млеко или кисела павлака.
|
|
||
|
ПЕЧЕНО ПИЛЕ СО СОС Потребно: едно пиле од околу 1,5 кг., една лажичка путер, една лажица масло, две чешниња исчистен лук, десет гранчиња мајчина душица, 1,5 дл. пилешка супа, три лажици слатка павлака, сол и црн пипер Загрејте ја рерната на 220 степени целзиусови. На загреаниот путер и масло пропржете го пилето на силен оган вртејќи го на сите страни, додека не добие златно-жолта боја. Потоа пилето ставете го во овален сад со средна големина, а сосот од пржењето процедете го. Пилето посолете го и ставете му црн пипер, под копаните ставете ги чешнињата лук и четири-пет гранчиња рузмарин и мајчина душица. Прелијте го пилето со 1/3 од супата и печете го 45 минути во покриен сад. Симнете го капакот и продолжете да го печете на силен оган уште 15 минути. Извадете го пилето од рерна, ставете го на загреана чинија и вратете го во исклучената рерна додека го подготвувате сосот. Процедете го сосот од печењето, долијте ја преостанатата супа и оставете да зоврие. Мешајќи варете додека сосот не се преполови, малку да истине и додајте ја слатката павлака. Украсете го пилето со преостанатите гранчиња рузмарин и мајчина душица, а сосот послужете го во посебен сад. Се служи со печен компир.
|
|
||
|
ПОЛНЕТИ ПАСТРМКИ Потребно: 4 пастрмки од по 250 гр., сок од лимон, путер, сол и црн пипер (за украс 1 лимон и магдонос) за фил: 100 гр. сечкан замрзнат спанаќ, 100 гр. младо несолено сирење, една лажица брашно, една жолчка, 2 лажици кисела павлака, рендана кора и сок од лимон, малку морско оревче, сол и црн пипер Исчистените пастрмки добро измијте ги и избришете ги со крпа. Отстранете им ја средната коска сечејќи кај опашот и главата. Посолете и ставете црн пипер и попрскајте ги со сок од лимон. Фил: полека одмрзнете го спанаќот на шпорет, кога водата ќе испари додајте го младото несолено сирење и мешајте со дрвена лажица. Ставете го брашното, жолчката, павлаката, сокот од лимон и кората, сол, црн пипер и морско оревче. Филот поделете го на четири дела и наполнете ги пастрмките. Добро затворете ги за да не истече филот. Четири парчиња алуминиумска фолија премачкајте ја со путер, на секоја ставете по една пастрмка, на рибите направете им по три реза со нож и завиткајте ги во фолијата. Ставете ги во тава за печење, прелијте ги со вода што врие на висина од еден центиметар и печете ги 30 минути. Пастрмките послужете ги украсени со магдонос и парчиња лимон.
|
|
||
|
ТЕЛЕШКИ ШНИЦЛИ СО ТИКВИЧКИ Потребно: 12 помали телешки шницли, 6 ситни тиквички, една главица лук, 12 тенки парчиња тврдо сирење, 1 дцл. бело вино, путер, масло, сол и црн пипер Парчињата месо малку се засекуваат за да не затегнуваат, потоа се посолуваат и се чукаат да им се намали дебелината. Се загреваат 200 гр. путер на 2 лажици масло, се додава лукот исечен на тркалца. Мешајте, и штом силно ќе замириса (не смее воопшто да добие боја), веднаш извадете го, и на истата маснотија испржете ги тенко исечените, неизлупени тиквички. Посолете и додајте црн пипер. Одделно загрејте путер и масло, и испржете ги телешките шницли од двете страни. Залијте ги со белото вино, и кога ќе испари, на месото ставете ги парчињата сирење и тиквичките, па продолжете да ги пржите додека сирењето не се растопи. Се служат топли.
|
|