ПЕЧАТИ                                        Л И С О Л А Ј

 

Роднокрајски записи                                                                                   Томо ЧАЛОСКИ

Населба рапространета во северниот дел на битолското поле, на територијата на општина Кукуречани. Селото е ридско на надморска височина од 700 м, а од градот Битола оддалечено 17км.

Неодамна од нашиот иселеник од Сиднеј Австралија, професорот Раде Симоновски – Симончето добивме писмо во кое ни пишува: - Јас со големо задоволство ги читам вашите “Роднокрајски записи”. Тие ме пренесуваат духовно во родниот крај. Сакам да ве замолам да го посетите моето родно село Лисолај. Записот за родното село ќе биде многу драг за повозрасните иселеници од кои некои се во длабока старост и не можат да ги посетат своите родни огништа, каде ги имаат поминато детските, младешките денови а некои и дел од средниот живот. Само од Сиднеј сме шест фамилии по потекло од Лисолај. Како ден за посетата го препорачувам шести мај Ѓурѓовден бидејќи тогаш лисолајскиот манастир Свети Аранѓел ја има својата слава.

Во сончев и многу топол ден на шести мај 2003 автобусот на “Галеб “ од утрина веќе иташе по магистралниот пат за Велес, а оттаму по регионалниот пат за Битола.

 Од меѓуселската автобуска станица на Ат Пазар во Битола патот го продолживме за Лисолај на линијата Битола – Демир Хисар. После изминати 15 км се симнавме на постојката на регионалниот пат. Пред нас во далечината под падината се гледаше Лисолај, а под него пространо поле сето во зеленило.

Движејќи се пешки некаде на половина пат застана патничко возило.

- Повели патнику, јас одам за Лисолај, ми вели возачот. Ја прифатив поканата.- Јас сум Владе Бошевски – Мрцето, живеам во Битола, се враќам дома за празникот, да ги видам родителите.

 

 

Дома ја затекнавме мајка му Ѕвезда која го приготвуваше празничниот ручек, а внукот Дејан ученик во трето одделение штотуку дојде од училиште. – Празникот се падна во работен ден, другите членови од семејството се на работа. Мажот ми Иван го има вкусено печалбарскиот леб. Беше шест години на работа во Германија. Додека го пиевме утринското кафе домаќините раскажуваа: - Со Раде Симоновски сме од исто маало, соседи. Неговото семејство од поодамна се исели. Раде до четврто одделение учеше тука, а осмо одделение заврши во соседното село Кукуречани. Патуваше секојдневно пешки во двата правци по 14 км. Беше солиден и ценет ученик. Средно училиште заврши во Битола, а кога продолжи да студира се иселија.

Се упативме кон куќата на Симоновци.

Драги професоре Раде Симоновски. Стојам простум пред твоето родно огниште, огништето на твоите браќа Душан и Јован, на татко ти Милан, пред домот на мајка ти Мара, пред родното огниште на твоите прадедовци. Не слушам детски жагор, само птиците со милозвучната песна ја параат тишината. Го гледам рѓосаното катанче на вратата и куќата одамна неотворена. Јоргованот се разгранил и расцветал. Нема кој да го помириса, нема кој китка да набере, врати и прозори да накити. Во мислите го слушам писокот на зурлите и ударите на тапанот од печалбарското оро Тешкото.

Оттаму патеката не одведе до домот на семејството на Љубинка Талеска.

 -Синот Илија со фамилијата отиде на манастирот. Другите две деца Кира и Цена ми се во Сиднеј. Им упатувам мајчински топли поздрави.

 

 

 Малку понатака од неа, на средсело се наоѓа основното училиште кое го носи името на познатиот војвода од овој крај Александар Турунџев. Над самата населба е црквата Св. Спас која е од деветнаесеттиот век и е типичен пример на македонското црковно градителство од тој период.

 

 

 

 

 

Продолживме со искачувањето со возилото на домаќинот по макадамскиот пат. После изминати неколку километри од височинката уживавме во прекрасната глетка на пределот. Пред нас беше комплексот на манастирот “Св. Аранѓел”, а во дворот се виеше оро.

 До нас допираше песната: - Ајде сите на оро, оро семакедонско, сложно браќа да заиграме, ајде сите една песна, песна семакедонска, сложно браќа да запееме. Стара лулка една мајка сите нас не родила име и е Македонија.

Во манастирот многу верници во празнично расположение од Лисолај, од околните села и од Битола. Меѓу нив и иселеници дојдени токму за овој ден.

 

 

 

 

Музичкиот состав Хаваи бенд веќе го изведуваше моминското оро.

 

 

 

 

Орото го водеше Наташа а до неа Катица, Виолета, Билјана, Дијана, Јасмина …

Богослужбата во црквата беше штотуку завршена. Таму го затекнавме иселеникот Ацо Рибарски кој 17 години е во Сиднеј.

 Во оваа црква се венчал комедиографот и сатиричар Бранислав Нушиќ (Нуша), за девојка од нашето село. Во тоа време венчавката била голем настан заради Нушиќ како уметник и како претставник на власта. Тој не замоли кога ќе се вратиме во Скопје да го поздравиме ликовниот уметник Томе Сековски од мијачкото село Осој.

 

Тука беа и браќата Раде и Богоја Василевски кои по три децении поминале едниот во Австралија, а другиот во Шведска. Сега како пензионери се вратиле во стариот крај. Во туѓина им се децата со семејствата.

Во големото друштво беше и Ване Василевски, претседател на месната заедница. – Најнапред упатувам поздрави до сите иселеници ни вели Ване, а посебно до Раде Симоновски од кого како активист сме многу задоволни. Прилозите од 4000 долари, 1000 долари од Љупчо Димитриевски ги чуваме и се спремаме со нив да ја изградиме трпезаријата и кујната.

Со желба за скорешно видување поздрави до своите блиски во Австралија упатија: Илија Талески до братот Киро и сестрата Цена. Љупчо Кочанкоски до братот Драги и сестрата Лепа, Ристо Матевски до синот Љупчо и братот Цане. Гоце Кочанкоски до дедото Јордан, стриковците Цане, Богоја и Алексо. Стевче Мојаноски до вујкото Симон и до братучедите од стрикото Веле во Аргентина.

Хаваи бенд без престан исполнуваше песна до песна, оро до оро. Сонцето веќе заоѓаше. Домаќинот Владе Бошевски ме испрати до автобуската станица во Битола. Му изразувам голема благодарност за придонесот во реализацијата на овој запис.