ПЕЧАТИ                                        П О Д Г О Р Ц И

 

Роднокрајски записи                                                                                   Томо ЧАЛОСКИ

Населба сместена во источниот дел во подножјето на планината Јабланица помеѓу селата Вевчани од југ и Лабуништа од север. Селото се наоѓа на надморска височина од 850м и од градот Струга оддалечено 13 км.

Подгорци е населба со печалбарска традиција. Таму го посетивме семејството на Душан Стрезовски. Не пречекаа убаво расположени бидејќи неговиот син Венко му беше дојден од Америка. За своето родно место Душан ни раскажува: - Според преданието селото името го добило затоа што се наоѓа “под гората”, а според друго предание името го добило по зборот “подгоренци” затоа што има недостиг од вода за пиење за разлика од другите околни села која ја имаат во изобилство.

 При археолошките ископувања близу црквичето Св.Пречиста пронајдени се камена секира, римски камени саркофази и други предмети кои укажуваат дека ова место било привлечно за живеење од многу поодамна. Сегашниве жители се потомци на шест кои биле единствени што ја преживеале чумата и се населиле на денешната поставеност на селата.

 

Градењето духовни христијански храмови овде има долга традиција. Најстара сочувана црква е Св.Никола, градена во 1834/35 година. Вкопана е 5 басамаци под земја бидејќи властите на отоманската империја одобрувале градење под такви услови. На почетокот на селото се наоѓа храмот на Св. Јован Владимир посветен на оној Дукљански кнез кого го заробил Самоил и во кого се вљубила неговата ќерка Косара која се заканила со самоубиство ако не биде негова жена. Од поновите градби е Св. Пречиста чија градба е на темелите на некогашната истоимена црква. На местото на поранешниот централен селски извор во поново време е изградено црквичето Св. Петка со донација на Борис Ацески зет од ова село.

 Тука денес се наоѓа и изворчето “Лековита вода” од кое полнат вода за лек жителите од селото и од други места од околината. Над селото се наоѓа и црквичето Св.Недела сместено среде шума.

Во Подгорци образованието има длабоки корени. Уште во 1885 година при црквата Св.Никола работело училиште на грчки јазик, а во џамијата училиште на турски јазик. Под влијание на егзархијата во 1890 година работи училиште на бугарски јазик, а од 1897 на српски јазик. Во 1944 година се отвори првото училиште на мајчин македонски јазик со учителите Стево Младеноски и Живан Куцкин. Првиот факултетски образован подгорчанец бил Сандре Крстиќ кој во 1903 година дипломирал медицина во Нанси Франција, додека во 1922 година во истиот град Љубе Торбичкоски дипломирал шумарски факултет. Денес училиштето се вика Гоце Делчев со настава на македонски јазик со 32 вработени и 450 ученици. Во ова училиште и јас како наставник работев се до моето пензионирање. Од ова село е и истакнатиот македонски писател Јован Стрезовски.

Многу подгорчани не можеле да се помират со ропствата што им биле наметнувани низ вековното постоење. Во илинденскиот период и во балканските војни тие земале активно учество во борбите за ослободување на поробена Македонија. Во четата на Гоце Делчев се борел и Трајко Торбичков наречен “извршител” се до нејзиното растурање. Во балканските војни многу подгорчани се бореле и по 8 години. Исто така и 50–тина подгорчани учествувале во борбите на НОБ, а 10 од нив ги дале своите животи. Поведени од овие борбени традиции а и по повод 100 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев чие име го носи училиштето во 1972 година група ентузијасти, просветни работници ја оформија културната манифестација “Гоцеви денови” која оваа година опстојува по 32 пат. Таа го негува и афирмира борбеното и културното минато на нашиот народ.

Печалбарството е со голема традиција како и во другите села во струшкиот регион. Имало случаи младите печалбари да не дојдат дома по три и повеќе години затоа што немале спечалено пари. За тоа време домашните ги свршувале со девојки кои тие не ги познавале. Свршеникот ќе го известеле со писмо и ќе му прателе чорапи на кои било извезено неговото име. Се случувало за првпат со невестата да се видат и запознаат на првата вечер кога по свадбата ќе ги затвореле во зетовското одајче. Најтешко за невестата на печалбарот беше кога ќе пукнеше пролетта, кога ќе се наближеше празникот Сретение и ќе се појавеше кукурекот. Невестата го газела цвеќето изразувајќи ја болката што дојде време за разделба со младоженецот. Во турско време некаде околу 1900 та година многу млади женети печалбари од Подгорци кои имаа и деца останаа засекогаш во Романија, Чешка и Словачка. Што ги натерало овие млади луѓе да го напуштат своето родно огништеи семејството и да останат во туѓина? Можеби младоста, можеби не успеале во печалбата или причина била преголемата беда што ја оставиле и што ќе ја најдат ако се вратат дома.

 Кај нас сеуште се спиело на земја послана со слама и рогузина, а таму се спиело по “европејски” во перјаници. Кај нас се јадело посен грав и пиперки а кај нив свински гулаш и фиш паприкаш. Можеби останале и поради тоа што кај нас некој од нив требало да аскерува по шест години во турската војска.

  Адети што се правеле пред заминување на печалба биле: печалбарот со десната нога ја прескокнувал кацијата со жар за да биде силен како оган, чапрагот од сребро за пазувите да му се полни со сребро, да ја турне со десната нога стомната со вода за работата да му тече како вода. Имало испраќање кога печалбарот носел гранчиња од штотуку расцветан дрен за да биде јак како дрен.

Нашето семејство е исто така со долга печалбарска традиција. Дедо ми Дуко откако во Битола стекнал извесен капитал и со знаење од угостителска струка заминал во Белград каде отворил најпрвин гостилница на Чубура потоа на Карабурма, за да во 1928 година зел под наем кафеаната Шуматовац која и денес постои до редакцијата на весникот Политика. Во 30–те години од минатиот век неа ја посетувал белградскиот боем Бранислав Нушиќ и други уметници каде некои од нив ги пишувале своите стихови. Татко ми Милош ги служел поетите и ги знаел сите нивни навики и духовити шегувања што си ги дофрлале еден на друг. Во подрумот на меаната постоеше салон со оркестар и пејачки каде што развија голема работа.

  Подгорци е интересно И по тоа што до 2000 година овде постоеше занимање кое е единствено во Македонија. Тоа е “матнач” или “мативода”. Населбата се снабдува со вода од езерцето “Планинско око” кое е на карстно пропустливо земјиште. За да дотече поголемо количество вода селаните уште одамна се досетиле дека водата треба да се мати во езерото и низ својот тек да ги затвора пропусните места. Овој проблем го надминавме пред две години кога се постави цевковод.